Поврзете се со нас

Skopje Global

Германија произведува канабис

Европа/ЕУ

Германија произведува канабис

yellow2j/Depositphotos.com

Германија произведува канабис

Канабисот во Германија се уште не е целосно декриминализиран, но за прв пат, една тамошна фирма „ожнеа“ канабис, што претставува најава дека во следните години ќе се произведат поголеми количини од индискиот коноп за – медицински цели.

Германските медиуми пишуваат дека вработените на плантажата со канабис во градот Нојминстер „се вистински пионери“ во целата оваа работа, затоа што тие ги имаат собрано ПРВАТА ЛЕГАЛНА „жетва“ од канабис во историјата на Германија.

Во бетонски бункери

Станува збор за една фарма, сопственост на канадската фирма „Afria RX” која на добро обезбедуваната плантажа – оградена со дебели бетонски ѕидови – има одгледано и сега набрано 50 килограми од „тревката“. Ваквите мерки за обезбедување се неопходни, затоа канабисот во Германија се уште се третира како „опојно средство“ и се третира според одредбите на кривичниот закон.

Од Нојминстер, во северната сојузна покраина Шлезвик – Холштајн, канабисот ќе биде пласиран по аптеките низ земјата, а преку нив, до луѓето на кои им е потребен – поради силни болки, разни видови грчеви или недостиг на апетит. Планирано е канадската фирма на пазарот да испорача еден тон канабис.

Уште од 2017 година, германските лекари можат на своите пациенти да им препишат канабис, како терапија. Од скоро, меѓутоа, за да се задоволат нараснатите потреби, германскиот институт за лекови има овластено три компании за производство на „тревката“. Покрај „Африа“ тоа се и германската фирма „Демекан“, како и уште една фирма од Канада – „Аурора“.

Пионерска работа

Како сега стојат работите, фирмата од Нојминстер е во предност пред другите, затоа што веќе го испорача првото количество од собраниот и обработен канабис, додека „Демекан“ тоа го најавува за до крајот на оваа година, а „Аурора“ само прави увоз на канадски канабис за германските потреби.

Експертите сметаат дека целата оваа „пионерска работа“ и испорачаните 50 килограми се само симболични количества за нешто, што треба понатаму да се развива и унапредува.

Но, оценката е дека самото тоа што за прв пат е извршена „жетва“ на канабис е многу добар знак, што сега ќе треба да го потврдат лекарите кои ја користат “тревката“ како една од терапиите за лекување пациенти, со поинтензивното препишување на овој лек.

Особено што побарувачката во Германија порасна и постојано се зголемува по одлуката на властите за легализација на марихуаната за медицински цели. Расте бројот на доделените дози во аптеките, па сега се верува дека околу 90 илјади Германци се корисници на канабисот.

Годишно по 2,6 тони

Зголемената побарувачка се потврдува и со податокот дека во минатата година земјата има увезено десет тони од ова растение, што е околу една третина повеќе, во споредба со претходната година.

Овие три фирми кои (засега) имаат дозвола за производство, според законот, може да произведат по 2,6 тони канабис годишно, со тоа што властите би можеле да им дозволат да го зголемат годишното производство за уште 50 отсто од сега дозволеното ниво.

Експертите веруваат дека кога сите три ќе можат да произведат и да понудат на пазарот речиси осум тони годишно, колку што им е дозволено, тогаш и цената на канабисот ќе може поинаку да се регулира.

Сегашната цена, што инаку ја определува владата, изнесува 4,3 евра за еден грам, што е околу половина од редовната продажна цена.

Увозот ја обара цената

Увозниците на канабис, пак, сметаат дека зголемувањето на домашното производство, нема битно да влијае врз цените, па тие веруваат дека цените ќе се намалуваат и во следната една, до една година и половина, би предизвикале продажната цена за грам од „тревката“ – (наместо сегашните девет) да изнесува малку под седум евра.

Таквиот развој е можен затоа што постојано расте увозот на канабис на германскиот пазар.

Фирмите кои увезуваат тврдат дека увозниот канабис е поевтин, посебно оној од Португалија, како и од другите држави од југот на Европа. Во прашање е многу повеќе сонце за развој на растењето на конопот, потоа пониските трошоци за производство, како и помалите безбедносни стандарди.

“Тоа е она што ја обара цената на увезениот канабис, па затоа трговците повеќе се спремни да купат во странство, отколку од домашниот – одгледуван и чуван во бункери“ – објаснуваат германските увозници.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе