Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

“Грција лидер на интеграцијата на Западен Балкан“

artbutenkov/Depositphotos.com

“Грција лидер на интеграцијата на Западен Балкан“

Денис Мекшејн, поранешен британски министер за Европа, во една од владите на лабуристичкиот премиер Тони Блер, изјави дека „официјален Вашингтон сака да го сочува Западен Балкан од руското, но и од кинеското и турското влијание, а најдобар начин за да постигнување на таа цел е – интеграцијата на државите од регионот во ЕУ“.

Во авторски текст во бриселскиот интернет весник „ЕУ Обсервер“, Мекшејн смета дека Грција би требало да ја одигра клучната улога. Оваа земја, после нормализацијата на нејзините односи со Македонија, со договорот од Преспа, од јуни 2018 година, сега би требало да ги нормализира своите врски и со Косово – прво, признавајќи ја независноста на новата балканска државата.

Поранешниот британски политичар забележува дека оваа година се навршуваат 200 години од почетокот на грчката борба за независност од Отоманската империја, па истакнува дека оваа годишница Атина би можела да ја одбележи и со преземањето на водството на Западен Балкан, регион во Европа кој, според Мекшејн, за американскиот претседател Џо Бајден е од “најголема важност“.

Путин против Преспа

„Како Грција, која после 1821 година, иако делумно, а не целосно, се има ослободено од отоманската доминација,, така и Косово останува под притисокот на Република Србија, која пак, ја има поддршката на Русија. И едната и другата, во изминатата деценија водат силна кампања низ светот, за да се спречи целосното меѓународно признавање, со прием на Косово во ОН.

Екс министерот Мекшејн потсетува на однесувањето на официјална Москва, која правеше се што можеше да се направи за да се спречи нормализација на односите меѓу Скопје и Атина, настојувајќи да се дискредитира македонскиот, прозападно и за НАТО/ЕУ определен премиер, вклучувајќи го и бегството од Македонија (во Унгарија) на неговиот претходник, инаку осуденик за криминал, непосредно пред да оди на отслужување на правосилната затворска казна.

„Владимир Путин ја мрази идејата, малечките западнобалкански држави, каква што е и Република Северна Македонија, да бидат целосно интегрирани во ЕУ и во НАТО, како што тоа еднаш се направи со балтичките држави, или со поранешните советски сателити, од времето на комунизмот и на СССР“ – пишува Британецот.

Притисок врз Скопје и Атина

Користејќи притисоци, поткуп и шпионажа, за што користеше руски бизнисмени инсталирани во Грција, како и делови од грчката православна црква, Кремљ се обидуваше да испровоцира политичка криза во грчкото општество, врз националистичка и лажно патриотска основа.

Таквите планови, меѓутоа, беа осуетени и тие не отидоа подалеку од насилничките протести во Солун, со помош на нацистичката Златна Зора, како и од традиционално про – руски определените грчки комунисти кои ги користеа и Микис Теодоракис и сега веќе починатиот Манолис Глезос, да спречат постигнување на спогодбата на Атина со Скопје, а потоа и нејзината ратификација во грчкиот Парламент.

Тогашниот премиер Алексис Ципрас, на крајот, успеа да обезбеди мнозинство за договорот од Преспа, уште и бранејќи на македонската етничка посебност и посебноста на македонскиот јазик, на шокираност на бугарските политичари и посебно на тврдите националисти во Софија.

Сега нормализација и со Косово

Актуелниот, десно – центристички грчки премиер Киријакос Мицотакис (пак на изненадување на бугарските националисти) исто така го игнорираше Путин, но и домашните националисти, застанувајќи во одбрана на Преспа и постигнувањата од тој меѓународен документ, па, сега, како што вели поранешниот британски министер, официјална Атина има голема можност да го преземе вистинското европско лидерство на Западен Балкан.

„Грција веќе направи еден голем исчекор со нормализацијата со Северна Македонија. Следниот чекор, што би бил поздравен и од Вашингтон, би бил нормализацијата на односите со Косово“ – вели Мекшејн, додавајќи дека тоа би било силно поздравено од претседателот на САД Џо Бајден и од мнозинството земји во НАТО.

Во исто време, таквиот грчки чекор би претставувал и сигнал – порака за Владимир Путин, како и за турскиот претседател, дека Западен Балкан е дел од Европа.

Британецот во „Обсеревер“ уште смета дека тоа би бил сигнал и за Белград и за Србија, да отворат нова страница, по војните во деведесеттите години од 20 век во регионот. Србија би можела да има силна иднина, како динамична европска држава, во партнерство со државите кои некогаш, беа дел од поранешна Југославија.

Блиску до признавање?

На тој начин – со нормализацијата на односите на Атина со Приштина, државата Србија би можела да стане дел од решението за Западен Балкан, наместо (како сега) да биде пречка за приближувањето на регионот кон ЕУ.

За сето тоа е потребно, Атина, како партнер и сојузник на Вашингтон, да им помогне на своите западнобалкански соседи – да дојдат до она што го посакуваат – влезот во ЕУ.

Грција, сега е една од петте членки на Унијата која го нема признаено независно Косово – покрај Шпанија, Романија, Словачка и Кипар.

Но, за разлика од другите, Атина има своја канцеларија во Приштина, за прашања од економска природа. Од јуни, меѓутоа, по посетата на шефот на грчката дипломатија на Косово, Атина го подигна нивото на својата застапеност во косовскиот главен град, која сега ја има улогата на канцеларија за врски (каква што едно време беше грчката мисија во Скопје).

Британски Европеец

Денис Мекшејн беше (и како што се гледа од текстот во „ЕУ Обсервер“) остана наклонет на брзото интегрирање на Западен Балкан во ЕУ – како политичка и како гео – стратешка потреба на Европа.

Во Лондон, едно време, се веруваше дека тој како силен проевропеец, е еден од архитектите во блеровата администрација за давањето кандидатски статус на Македонија за Унијата, во услови на тогашната (грчка) блокада.

Уште тогаш Скопје беше известено дека за почнување преговори за членство, сепак, ќе треба да се постигне договор со Атина – тоа е она што се направи 13 години подоцна – со Преспа.

Доколку на изборите во 2006 година, македонските гласачи, наместо националистичката, антиевропска и лажно патриотска политичка опција, ја избраа европската – според европски дипломати, Македонија ќе станеше дел од НАТО/ЕУ заедно со Хрватска, како што тоа беше и замислено.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе