Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британија протерува Европејци

Wirestock/Depositphotos.com

Британија протерува Европејци

Британското министерство за внатрешни работи (Хоум Офис) почна да им дели наредби на државјаните на ЕУ кои живеат во Британија со статус на жители, да ја напуштат земјата – во што е можно пократок рок. Не мал број од нив во меѓувреме се собрани од своите домови и притворени во центрите за депортација.

Властите така се однесуваат и кон оние кои имаат доказ дека уредно и во определениот рок, се пријавиле да продолжат да го користат понатаму тој статус, со кој, инаку, може да останат да живеат и да работат на територијата на Обединетото кралство.

Ваквиот (неочекуван и ненајавен) потег на владата во Лондон, е спротивен на британските претходни ветувања дека СИТЕ државјани на ЕУ кои ќе се пријават до 30 јуни годинава, за да останат во Британија, ќе може да престојуваат на своите адреси и да живеат во своите домови, да го работат она што го работеле – додека не се разгледаат нивните документи. Наместо тоа, овие луѓе се третирани како криминалците, или како оние кои илегално влегуваат на британска територија – во последно време – со чамци преку Ламанш.

Намерно испровоцирана ситуација

Овој потег, меѓутоа, е спротивен и на одредбите од Брегзит и на документите кои Британците брзаа да ги договорат – пред се слободната трговија и пристапот на Британија на заедничкиот европски пазар.

Дел од британските медиуми застанаа во одбрана на луѓето (некои со години на работа и престој во Британија), настојувајќи да откријат што се крие зад ваквиот непријателски гест на Лондон. Па, според, „Гардијан“ излегува дека британската државна администрација е „неспособна и не си ја знае работата“, па подготвува за депортација луѓе за чиј иден статус допрва треба да одлучува.

Тоа се луѓе на кои им има и официјално ветено дека ќе останат во Британија до конечната одлука на имиграционите власти.

Другата причина за вака создадениот хаос, овој весник смета дека е намерно испровоциран и создаден од Хоум Офисот.

Целта би им била – ловење во матно – да се набркаат што е можно повеќе Европејци – државјани на ЕУ со овој статус – надевајќи се дека добар дел од нив потоа нема да се врата назад. Или дека барем од своите земји потешко ќе може да војуваат со британската бирократија.

Закана за повеќе илјади

Добротворната организација за правна помош БИД (Кауција за притворените имигранти од ЕУ) службено побара од министерството за внатрешни работи да не им го одзема (до)сегашниот статус, како и да го почитува тоа што тие уредно и во определен рок се пријавиле.

Конечно, од Хоум Офисот се бара ова министерство да го почитува и договорот за Брегзит, меѓу Лондон и Брисел.

БИД се закани дека доколку до крајот на неделава, која почнува на 2 август, британските власти не ја запрат ваквата постапка и не престанат со притворањето на Европејците во центрите за депортација – оваа организација ќе ја тужи владата во Лондон на Европската комисија – за кршење на договорот за Брегзит.

Медиумите тврдат дека со ваквата мерка и со насилната депортација би можеле да бидат опфатени повеќе илјади лица.

„Ослободување на мала врата“

Еден од нив, што имиграционите власти во Хоум Офисот се обиделе да го депортираат – изјавил за неделникот „Обсервер“ дека британските власти ги прекршуваат и ветувањата и правата на овие луѓе.

Тој рекол дека бил притворен во центарот за протерување од земјата, но дека успеал да обезбеди да биде пуштен со кауција, откако еден судија прифатил дека тој не може да биде депортиран, затоа што има поднесено т.н. ЕУСС пријава, односно пријава според ЕУ планот за населување.

„Ми зборуваа дека не сум поднел пријава во рокот, што не е точно, бидејќи имам потврда за тоа. Се обидуваат да се поигруваат со мене и со моето семејство и со нашите животи. Најблаго речено тоа не е фер од Британија“ – рекол овој човек, настојувајќи да остане анонимен.

Правниот директор на БИД, пак, изјавил за неделникот дека министерството се обидува, онака прикриено и на „мала врата“, да се ослободи од определени европски државјани. При тоа, газејќи ги нивните права, процедурата што британските власти ја имаат определено, како и должностите од спогодбата за повлекување од ЕУ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе