Поврзете се со нас

Skopje Global

УНЕСКО со 33 нови светски атракции

Култура

УНЕСКО со 33 нови светски атракции

Кинг Крачан во Тајланд. Фото: nirutdps/Depositphotos.com

УНЕСКО со 33 нови светски атракции

На својата најнова листа на објекти и локации кои се прогласени како дел на светското културно наследство, УНЕСКО од оваа година има додадено уште 33 глобални атракции. Меѓу нив посебно се споменуваат една праисториска опсерваторија – лоцирана среде пустина – една со децении стара пруга, или уметнички цртеж на карпа, стар седум илјади години.

На последната (онлајн) конференција на комитетот за светско наследство, формално одржан во Кина, што траеше две недели и заврши на 31 јули, на листата на УНЕСКО се додадени и неколку културни и прородни атракции.

Шумскиот комплекс Кинг Крачан во Тајланд, познат како локалитет на загрозени видови птици и растенија, историскиот град Ас – Салт во Јордан, астрономскиот комплекс Чинкило, во Перу, локалитет од каде се (некогаш) се следело сонцето, за да се распределат датумите во текот на една година.

Единаесет европски бањи

Силна дебата била водена и околу внесувањето на Транс – иранската железница.

Станува збор за пруга долга 1394 километри која се провлекува меѓу два планински долини. Изградена е во триесеттите години на 20 век, а нејзината атрактивност и оригиналност е што минува (се искачува) по стрмна траса, на која има 174 големи мостови, 186 помали и дури 224 тунели, при што во 11 од нив пругата минува спирално! Таа конечно е дел од светското културно наследство.

На листата сега се најдоа и цртежите во камен, познати како Cultural Area и сместени во Саудиска Арабија, но и францускиот град Ница, на Азурниот брег од Медитеранот и дури 11 европски градови – бањски лечилишта, вклучувајќи го и атрактивниот англиски град Бат.

Во оваа тура на внесувани нови локалитети се внесени две индиски атракции – храмот Рамапа и античкиот град Долавира и вкупно четири локалитети од Латинска Америка. Покрај астрономскиот комплекс во Перу и чилеанската населба на Чинчоро културата, еден локалиет во Бразил и црквата на Атлантида во Уругвај.

Предупредувања и казни

Оваа година комитетот на УНЕСКО одлучуваше и за тоа дали да се измени статусот на оние локалитети кои се наоѓаат на листата од порано, односно дали да бидат третирани како „загрозено културно наследство“ за што имаше дури триесетина кандидати, меѓу кои беа и Венеција, стариот дел од Будим во главниот унгарски град, англискиот праисториски споменик Стоунхенџ, манастирите во Косово, или Охрид.

На крајот сите добија период од две години во кои овој комитет ќе надгледува како ќе се развива ситуацијата со сите овие локалитети. За Стоунхенџ рокот е до крајот на февруари 2022 година, откако британската влада одлучи (засега) да не се откаже од планот да гради тунел под овој локалитет, додека српските манастири на територијата на Косово, останаа со статусот на „загрозено културно наследство“ на барање на властите во Белград кои и натаму ја третираат косовската територија за своја.

Годинава, меѓутоа, од листата на светското културно наследство беше тргната една локација – англискиот град Ливерпул и неговото старо пристаниште, од времето на кралицата Викторија и империјална Британија.

Прашање на престиж

Причината за ваквата одлука е во преголемата урбанизација и модернизација на целиот заштитен комплекс на овој дел од градот. Таму веќе се подигнати нови висококатници во стакло и челик, се градат деловни објекти, а се подготвува и изградба на нов фудбалски стадион. Тоа е инвестиција од пет милијарди фунти која (велат) е значајна за развојот на градот, но сето тоа не се вклопува во она што досега беше заштитувано од УНЕСКО.

Почетокот на ставање под заштита на објекти и локации означени како светско културно наследство потекнува од 1978 година, кога беа определени првите два локалитети – Јеловестонскиот национален парк во САД и островот Галапагос, во Еквадор.

Безмалку половина век подоцна, ставањето на оваа листа се смета како прашање за престиж – за локацијата, или за објектот, но и за земјата каде се наоѓа.

Во тој манир реагираа земјите каде имаше посочени локации што може да се третираат како загрозено наследство – па, италијанската влада во „минута до 12“ донесе забрана за влез на големите крузери во Венеција, а македонската влада, на пример, тргна во поенергично отстранување на нелегално изградените објекти покрај Охридското Езеро.

Различни реакции

Но, унгарските власти веќе порачаа дека немаат намера да го уриваат она што го имаат изградено во Будим, обезличувајќи го старото градско јадро, или властите на Ливерпул кои сметаат дека градот останува атракција за посетители од надвор и без „таблата на заштитен град“ од УНЕСКО.

Сето тоа во стилот на избеганиот македонски деспот, екс премиер – осуден за криминал, кој за Охрид има речено – “туризам ќе развиваме, или крапови ќе мрестиме“ – сакајќи да ги исече и да уништи сите трски кои со стотици години никнуваат во водите на Охридското Езеро.

Инаку листата на УНЕСКО се надградува врз определени стандарди, за влез на атракции кои треба да имаат исклучителна универзална вредност, за која, обично, се смета дека е немерлива во пари. Затоа и процесот за номинирање на еден нов локалитет може да трае со години.

Локацијата треба да има исклучителна историска вредност, да претставува дел од нечија култура, или во случајот на природни добра, да станува збор за несекојдневна и натпросечна убавина.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Култура

Горе