Поврзете се со нас

Skopje Global

Српскиот претседател во кавга со Твитер

Западен Балкан

Српскиот претседател во кавга со Твитер

ToskanaInc/Depositphotos.com

Српскиот претседател во кавга со Твитер

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ остро го нападна Твитер, откако оваа социјална мрежа ги означи профилите на низа белградски медиуми – за владини и премногу блиски и поврзани со владата и власта во земјата.

„Па, со кого ќе соработуваат. Секако нема со разни тајкуни, со крадци и криминалци. Нормално е дека ќе соработуваат со владата“ – рекол шефот на државата, обвинувајќи дека тоа покажува оти Твитер е цензор. Притоа, на социјалната мрежа и има порачано : „Едвај чекам да ме исклучат, па ќе бидам уште еден Доналд Трамп во светот“.

Контролирани од државата

Станува збор за јавниот електронски медиумски сервис РТС, како и за четири приватните телевизии кои имаат национална фреквенција – Пинк, Прва, Б92 и Хепи, потоа за агенцијата Танјуг, која од пред некој месец е во приватни раце на луѓе кои во српската јавност се познати како блиски со власта и весниците – некогаш водечкиот весник во поранешна Југославија – „Политика“ и таблоидите „Курир“, „Информер“ и „Српски Телеграф“.

Покрај нивните профили, од сега, на оваа социјална мрежа, Твитер има и една дополнителна икона, со ознаката – соработува со владата.

Тоа значи дека посочените медиуми се третираат како гласила кои од државата се контролирани на разни начини – преку финансирањето и преку контролата на уредувачката политика, но и низ други притисоци кои се спроведуваат на повеќе начини. Кога станува збор за весниците – тоа се спроведува преку нивното печатење и печатниците и преку дистрибуцијата.

Ваква ознака, освен медиумите, може да имаат и нивните главни и одговорни уредници.

Означени медиуми во 22 земји

За приватните медиуми во соопштението на Твитер се вели дека се блиски и некритични кон власта и дека слепо го подржуваат претседателот Вучиќ, одобрувајќи го и величејќи го сето она што тој го зборува и го прави.

Во тие рамки, за РТС се вели дека иако станува збор за јавен сервис, што се финансира со парите на сите државјани на земјата, низ плаќање ТВ и радио претплата, како медиум, посебно во информативниот дел, им служи само на интересите на власта и на владејачката партија.

Посебна, ваква ознака, Твитер има ставено и за агенцискиот сервис „Спутник“. За овој медиум се вели дека е под контрола на владата на Русија и дека тоа се однесува и за сервисот на српски јазик, што како редакција постои и делува во Белград.

Оваа социјална мрежа ваква посебна икона има ставено и на медиуми во други 22 земји од светот.

Освен за медиумите во Русија и Кина кои се контролирани од властите, вакви ознаки има и за медиуми во земји каква е Хондурас, во Централна Америка, потоа, во Саудиска Арабија, во Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), на пример, но и во Франција, Италија и Шпанија, за кои образложенијата, сепак, се сосема различни од оние дадени за српските медиуми.

Лажни партиски профили

Сега беше обелоденето дека пред оваа мерка, Твитер веќе има тргнато 8,5 илјади лажни профили на српската владејачка партија СНС, на кои партиските компјутерџии, како и партиски активисти и поддржувачи имаат направени 43 милиони лајкнувања.

Се споменуваат и други твитови (во посочените медиуми) во кои има многу говор на омраза, но и мизогнија, па и отворена порнографија, но и за нив ќе стојат ознаките – ова се медиуми кои соработуваат со владата на Србија.

Колку што се знае, засега, со соопштение се има огласено РТС кое одлуката на Твитер ја означува како „чиста политика“ и при тоа објави дека јавниот сервис повеќе нема да се појавува на оваа социјална мрежа.

Дел од овие означени медиуми, пак, целата оваа работа ја означија како – „Твитер ја мрази Србија“, додека власта само уште повеќе ја нагласи блискоста и соработката со нив.

Контра пропаганда

Сето тоа, натера некои независни белградски аналитичари и експерти во информирањето да забележат дека нема да има никакви последици за сите означени медиуми.

Велат – ова се познати состојби за српската јавност веќе десет години, па сега може да се очекува дека од ваквото (за земјата, сепак,  срамно квалификување од Твитер) домашната, владина и партиска пропаганда, ќе направи се за да ја сврти работата во своја полза.

Пресметувајќи се со Западот и со неговите демократски вредности, како и со Америка, која наводно, ја мрази Србија, сето тоа спакувано со решавањето на косовското прашање и со ситуацијата во и околу српската енклава во БиХ.

Медиумите во светот и во САД, ја пренесува одлуката на Твитер, но повеќе внимание посветија на грубата прозивка на Вучиќ и на кавгата со Твитер за која агенцијата Асошиетед Прес направи и осврт.

Нарекувајќи го автократски лидер, американската агенција пишува дека Вучиќ ја предизвикал социјалната мрежа – да му го затвори профилот – и го опишува како „поранешен ултра националист кој цврсто ги контролира медиумите во државата, откако пред десет години е на власт“.

Кавгаџиска реакција

Оваа агенција споменува дека српските провладини медиуми „постојано ги напаѓаат неколкуте останати независни медиуми, тврдејќи се дека се под контрола на корумпирани опозиционери, или на западните амбасади“.

Во Белград се оценува дека кавгаџиската реакција на претседателот на државата, всушност, само покажува дека Твитер, сепак, е во право.

Експерти  се согласуваат дека никаде нема апсолутно независни медиуми, но инсистираат дека нивната основна задача треба да биде да и служат на целата јавност и да овозможат ширење на критичко мислење, а не целосно да се посветат на тоа дека она што го прават претседателот и власта е најдоброто.

Во јануари оваа година, Твитер го укина профилот на Доналд Трамп поради опасноста од натамошно поттикнување на насилствата, по случувањата на Капитол Хил во Вашингтон. Во својот стил, Трамп го означи таквиот чекор како „недопустлива цензура и гушење на слободата на изразување“, најавувајќи своја, контра социјална мрежа.

Во Белград, претседателот Вучиќ, во врска со Твитер, исто така, реагираше во препознатливиот стил – им честиташе на сите означени медиуми.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе