Поврзете се со нас

Skopje Global

Солзавец за Бреговиќ во Корча

Западен Балкан

Солзавец за Бреговиќ во Корча

fotokon/Depositphotos.com

Солзавец за Бреговиќ во Корча

Фронтменот на сараевската група Бело Копче, Горан Бреговиќ настапи во албанскиот град Корча, како една од ѕвездите на тамошниот комерцијално-музички Фестивал на пивото, но во текот на концертот се случи инцидент, откако меѓу насобраните љубители на музиката и на пивото, некој фрли солзавец.

Според тиранските медиуми, веднаш интервенирала полицијата која притоа привела осум лица.

Никој во инцидентот не е повреден, освен што оние кои биле најблиску до фрлениот солзавец се жалеле на печење на очите, на солзење и на кашлање, како последица на иритацијата. Само едно лице побарало лекарска помош. После кусиот прекин, Бреговиќ продолжил со својот настап и го одржал до крај концертот.

Неуспешна провокација

Албанската ТВ станица Топ-Ченел која единствена има снимки од инцидентот, открива дека присутните со аплауз го поздравиле апсењето на осомничените, но многумина и по концертот прашувале – како било можно тоа воопшто да се случи кога полицијата има извршено контрола на сите присутни.

За настапот на Бреговиќ локалната полиција има преземено низа мерки за безбедност, уште од утрински часови, а вечерта, пред настапот, било можно да се влезе само со купена влезница, при што секој од присутните бил проверен. Силни мерки за безбедност имало и пред и околу хотелот во Корча, каде Бреговиќ престојувал.

Засега не се знае што стои зад инцидентот кој очигледно, некој, го има замислено со единствена цел – да се прекине концертот.

Меѓутоа, уште пред да одржи, неколку недели порано, откако се разбра дека градските власти на Корча го поканиле Горан Бреговиќ да настапи на Пиво – фестот што тие го организираат секоја година, беше покрената силна и агресивна политичка кампања за да спречи доаѓањето и настапот на овој музичар во Албанија.

Курти против Рама

Всушност, притисокот врз властите во градот, па преку тоа и до албанските власти, не тргна од Тирана, туку од Косово, од приврзаниците и поддржувачите на актуелниот косовски премиер Албин Курти.

Тие прво организираа протести против албанскиот премиер Еди Рама, поради неговото приклучување кон групата Отворен Балкан (порано Мини-Шенген), во која покрај Република Северна Македонија е и Република Србија. Косовските власти се противат да влезат во оваа група во која треба да се приклучат сите шест земји од Западен Балкан, без разлика што целата оваа иницијатива е силно подржана од ЕУ и од САД.

Едноставно, станува збор за иницијатива која е замислена како балканска “Вишеградска четворка“, која на времето ја сочинуваа четири средноевропски држави, пред да станат дел од Унијата и од НАТО.

Политика и музика

Во Приштина се спротивставуваат на присуството на Србија и на учеството на српскиот претседател, кој заедно со македонскиот премиер и со Рама, во Скопје, потпишаа и заедничка декларација со создавање на вистински отворен Балкан. Курти и неговите сметаат дека албанскиот премиер не смеел да биде дел од иницијативата, се додека Белград не ги среди односите со Приштина, обвинувајќи го притоа Рама што воопшто подржува поинаков (Западен) Балкан, пред косовското меѓународно признавање.

Затоа, во косовскиот главен град се одржаа демонстрации против албанскиот премиер, подржани од албанските десничарски и националистички кругови и посебно од опозицијата во Тирана.

Тогаш и беше обелоденето дека Бреговиќ ќе оди во Албанија, за да настапи во Корча.

Веднаш по тоа, од Косово се почна со силна негативна кампања против гостувањето на овој музичар. Врз косовските музичари се изврши притисок да не настапат на Пиво – фестот заедно со Бреговиќ, а тие, што од солидарност со приштинските политичари, а што од страв од можните последици – сите го откажаа своето учество.

„Средновековна хистерија“

Косоварите бараа од градските власти во Корча да ја повлечат поканата за Бреговиќ, а кога тоа барање беше одбиено, на иницијатива на косовската страна, почна собирање потписи (!) против гостувањето. И, ова подржано од оние во Република Албанија кои се против сегашниот албански премиер, кого го обвинуваат за, наводното, предавство на „албанската кауза“ кога станува збор за Косово.

Минатата недела, во Корча беше закажан и протест против гостувањето на Бреговиќ, но според тиранските и приштинските медиуми, на него се собрале само четири лица.

А, Горан Бреговиќ настапот на Пиво-фестот го има започнато со песната „Косовска“ на Бело Копче, од албумот „Приспивна за Радмила М“ од 1983 година и доби силен аплауз од публиката која се собра за да слуша музика.

Во Приштина, пак, продолжуваат да го обвинуваат за нешто што никој и никаде досега го нема речено – дека бил „инспиратор за масакрите на Косово“, како и дека и бил „идол на убиствената српска војска, во текот на војните на тлото на екс Југославија“.

Конечно, за сите овие случувања се огласи и премиерот Еди Рама. Односот кон Горан Бреговиќ тој го нарече “ средновековна хистерија“.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе