Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Борел сака европска војска

Ale_Mi/Depositphotos.com

Борел сака европска војска

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и за безбедносна политика Јосеп Борел, изјави дека паѓањето на Кабул под контрола на талибанците и сегашните хаотични напори на светот за евакуација од Авганистан, покажува дека Европа „мора да изгради сопствени воени капацитети кои би биле независни од САД“.

Во интервју за француски медиуми Борел рекол дека европските земји ќе настојуваат да се изборат за евакуацијата на своите граѓани и на авганистанските сојузници, пред Американците да ја завршат започнатата операција на аеродромот во Кабул.

Изјавата на шефот на дипломатијата на ЕУ доаѓа во исто време кога, на вонредно свиканиот Самит на групата Г – 7, сојузниците не успеаја да го убедат американскиот претседател Џо Бајден да го продолжи крајниот рок за заминување на Американците – 31 август.

Неколку земји – сојузници на САД – го побараа тоа, откако стана јасно дека без сегашната заштита на шесте илјади американски војници кои се, на и околу кабулскиот аеродром, европската операција на извлекување би можела веднаш да престане.

Критики на американска сметка

Борел претходно ги критикуваше САД дека организација на целата операција што ја имаат воведено на аеродромот, придонесува ЕУ да не може брзо да ги повлече своите соработници.

Всушност, шокирачкиот брз и лесен колапс на авганистанската влада и на нејзината војска, подржувани од Западот, призорите од аеродромот во авганистанскиот главен град и стравот дека таквите состојби би можеле да придонесат за покренување нов бран тамошни бегалци кои би се обиделе да се упатат кон Европа, одново ја има заживеано (старата) идеја за ЕУ која би била способна за самостојно воено дејствување.

Дипломатската мисија на Унијата во Кабул, на пример, има 400 вработени Авганистанци, на кои треба да се додадат членовите на нивните најтесни семејства.

Тие би можеле да се префрлат за да емигрираат во Европа, но според некои сознанија од минатата недела, што Борел тогаш и ги споменуваше, досега се повлечени само 150 лица. Колку овие податоци се и сега валидни, не се знае, но факт е дека некои од авионите кои ги имаат испратено европските земји, се враќале назад полупразни.

Како што тоа беше случајот со еден германски воен авион во кој (се тврди) имало само седум патници.

Преостри проверки на аеродромот

Европскиот прв дипломат открива дека една третина од патниците, на летот кој во саботата, од Кабул стигнал во Шпанија, биле Американци и ги критикува долгите и темелни проверки кои ги прават американските војници, како и силните безбедносни мерки, за кои вели дека го отежнуваат брзиот пристап до аеродромот.

Тоа, пак ги остава блокирани луѓето од авганистанскиот локален персонал кои сакаат и треба да бидат евакуирани – од безбедносни причини.

„Жалам за начинот на кои некои работи се одиграа (колапсот на авганистанската власт), но никој не ги праша за мислење Европејците (кога САД одлучија да заминат). Затоа, некои земји ќе мора самите себе си да го постават прашањето за сојузништвото на Америка, која, како што рече Бајден – не сака да води туѓи војни.

Европејците немаат избор. па сега мораме да се организираме за да се носиме со светот, онаков каков што е, а не со светот за кој сонуваме“ – има речено Борел.

Стара идеја

Идејата за европска војска, или за европски воени формации за брза интервенција и за вонредни состојби, е стара колку што е стара и ЕУ.

Во времето кога се почна со овој проект, предвиден за да „никогаш повеќе во Европа нема војна“, имаше идеја и за создавање Унија која би била како некакви „соединето европски држави“ кои освен влада (Европската комисија) и Парламент, би имале и Устав, но и своја европска војска – независно од НАТО во која се (практично) сите земји од ЕУ, без Австрија, Ирска и Финска, како и Кипар и Малта.

Ваквата замисла за наднационална заедница (нешто како европски САД), како и за европска војска, не поминаа.

Најголеми противници за тоа беа Британците кои сега веќе не се во Унијата. Кога се појавија економските кризи, повеќето членки на ЕУ се согласија дека нема потреба од уште еден воен сојуз кога тука е НАТО, затоа што би дошло до дуплирање на капацитетите и до непотребно трошење екстра пари.

Заеднички воени сили на ЕУ

Сега, Унијата веќе развива свој нов т.н. „стратешки компас“, што се објаснува како рамковен концепт, според кој на 27 – те членки – делувајќи заеднички – покрај натамошното развивање на своите дипломатски сили, би развивале и воени. Станува збор за она што францускиот претседател Емануел Макрон го нарекува „стратешка автономија“.

Борел, меѓутоа, смета дека на тоа би требало да се додадат и заедничките воени сили.

Во интервјуто, овој европски дипломат има речено дека Брисел ќе предложи да се формираат воени сили (на ЕУ) од околу 50 илјади војници, кои би биле оспособени за да дејствуваат во ситуации каква што сега е онаа во Авганистан.

„ЕУ реагира само во кризи, а авганистанската би можел да создаде и некоја друга, во Ирак, или во реонот на Сахел. Сметам, затоа, дека е време на Унијата да и се додаде и воена сила, што би била спремна и за борба, доколку тоа се покаже потребно“ – изјавил Јосеп Борел.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе