Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Кина не дава грантови, туку кредити“

„Кина не дава грантови, туку кредити“

Едно истражување направено во Србија, околу позицијата на оваа земја во глобални рамки и за односот што светот го има кон српската држава, има откриено една „голема заблуда во која живее домашната јавност“ – се вели во констатацијата на организацијата ЦеСид.

Посебно е анализиран односот на анкетираните српски граѓани кон Кина од една страна и кон ЕУ, од друга, при што се гледа дека дури 77 отсто од испитаните верува дека официјален Пекинг има „позитивно влијание врз Србија“. Други 75 отсто од анкетираните, пак, се убедени дека Кина е “најголемиот донатор“ на Србија, што аналитичарите на истражувањето го квалификуваат како сосема погрешно и неточно мислење.

Споменик за „братот Си“ во Белград?

Сето тоа се случува во време кога власта во Белград, кредитите кои ги зема од кинеската влада, за своите (велат) не ретко мегаломански проекти, ги прикажува како инвестиции и кога економски и финански експерти предупредуваат на опасноста од создавање преголем ДОЛГ кон Кина и од заканата за правење српска верзија на црногорскиот случај со “автопатот од една милијарда“. Односно, од ситуација државата да не може да ги враќа кинеските КРЕДИТИ – како што тоа и се случува на Црна Гора.

Во Белград се верува дека таквата илузија за „братска“ Кина е покрената во домашната јавност со избувнувањето на глобалната пандемија со корона вирусот, што светот го доби од кинескиот град Вухан, каде прв пат се појави.

Официјално не се знае што воопшто тие први месеци од пандемијата во 2020 година Србија има добиено од кинеските власти, како и тоа што од добиеното е навистина подарок, а што е купено, за пари, но, во не мал дел од српската јавност владее силно уверување дека „братот Си“ (кинескиот претседател) заслужува едно големо благодарам, па затоа сега се бара, Си Џинпинг да добие споменик, или барем биста во Белград!

Грантови од ЕУ – заеми од Пекинг

Во една таква атмосфера, не чуди што само 11 отсто од анкетираните рекле дека кинеското влијание врз земјата е негативно. За споредба – едвај 26 отсто од Србите сметаат дека постои позитивно влијание од ЕУ.

Во однос на парите – една третина од учесниците во истражувањето се уверени дека Кина и донира на Србија неповратни средства – грантови – а ЕУ која вистински и има донирано неповратни средства, дури и за време на првиот удар на пандемијата и за санирање на состојбите во српското здравство, заостанува во однос на Кина, па е рангирана и зад Русија, која (практично) ништо нема направено до појавувањето на вакцините, кога Србија беше „пумпана“ со вакцината Спутник.

Експерти сметаат дека за ваквата заблуда е виновна само власта и нејзината пропаганда.

„Ние (во Србија) живееме во режим кои со години на ред се труди – состојбата да ја прикаже различно од онаа вистинската. Така сите кинески кредити во домашната јавност се прикажуваат како инвестиции, а тие тоа не се, па со тие државни заеми Србија гради фабрики и ни продава разни производи, што се подоцна, во годините кои следат треба да враќа со камати“ – велат за белградската телевизија Н – 1 од организацијата Либек.

Страв од „црногорското сценарио“

Проценка е дека Србија, во овој момент, и должи на Кина 1,3 милијарди долари. Тоа велат дека и не е премногу, затоа што кинеските кредити во вкупниот српски јавен долг учествуваат со над 4 отсто, што домашната економија, засега, може да го менаџира.

Меѓутоа, во исто време се предупредува дека целата таа работа околу задолжувањето кон Кинезите треба максимално да се надгледува. Уште повеќе што некои финансиски експерти во Белград за кои таму се вели дека се блиски до власта, сметаат дека земјата има уште простор за земање нови кинески кредити.

Други не мислат така, па оценуваат дека проектите кои се реализираат, или ќе се реализираат со кинески пари, ја чинат Србија девет милијарди евра.

Сепак, во овој момент, во Белград владее уверувањето дека оваа земја не треба да стравува од „црногорското сценарио“, односно од заканата кредитите од Кина да ја доведат на работ од банкротство, како што тоа и се случува на Црна Гора во врска со автопатот “што никаде не води“.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе