Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кои се терористите на ИСИС-К?

CarlosPhotography/Depositphotos.com

Кои се терористите на ИСИС-К?

Америка стави точка на својата 20 годишна војна во Авганистан, најдолгата што САД ја воделе и во која досега учествувале, откако од аеродромот во Кабул на 30 август замина и последниот американски војник.

Започната во октомври 2001 година со воздушните напади врз планинскиот масив Тора – Бора, што Ал Каеда и Осама бин Ладен го претворија во свое упориште, дадено од тогашните талибански власти, по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон, оваа две децениска воена мисија, заврши со забрзаната и на моменти хаотична операција на извлекување на американскиот и сојузничкиот персонал од Авганистан, како и на Авганистанците кои работеа за САД и за сојузниците.

Незадоволство од Европејците

Европските сојузници, посебно оние од Западот, во меѓувреме, притаено изразуваат незадоволство што САД, како што велат, набрзина заминаа од Авганистан.

Европските медиуми, пак, го искажуваат тоа многу поотворено и подиректно. Дури и оние кои низа години се против тамошното американско воено присуство, обвинувајќи ги Американците дека “уживаат да бидат светски полицаец“. Сега го критикуваат (па дури и го исмеваат) Вашингтон што одлучи да ја заврши војната, од која инаку токму европските сојузници – еден, по еден – заминуваа од авганистанскиот фронт.

Сите се распишаа текстови во кои се жали за Авганистанците кои одново ќе живеат под каноните на шеријатското право, но до пред некој месец не зборуваа така. Како и да е, сега не агитираат кај своите влади да им се помогне на САД во приемот – не на бегалци, туку на оние кои работеа со Американците и со Европејците, во обидот од оваа земја да се направи модерна, умерено исламска држава.

Страв од бомбашки напади

Претседателот Џо Бајден, меѓутоа, ја бранеше и ја брани одлуката за заминување од Авганистан, објаснувајќи дека САД не може да ја бранат и да чуваат земјата, ако тоа не го сакаат самите Авганистанци. Тоа, впрочем, го покажаа при предавството пред талибанците – без борба, без отпор, без испукан куршум.

Според Бајден успешно била завршена и операцијата за повлекување и за извлекување на Авганистанците. Евакуирани се околу 130 илјади луѓе, иако се уште има кои останаа и кои се верува ќе може да се извлечат – како меѓу странците, така и меѓу Авганистанците кои ќе сакаат да си заминат.

А, брзаницата со евакуацијата, претседателот на САД ја објасни со стравувањето од нов терористички напад, за кои Вашингтон тврди дека сигурно би се случел, доколку операцијата на евакуација продолжеше, дури и талибанците да се согласеа со тоа. Повод за стравот беше самоубиствениот напад врз кабулскиот аеродром во кој беа убиени околу 200 авганистански цивили и 13 американски војници.

Ново-стари џихадисти

Одговорноста за овој напад ја презеде џихадистичката, терористичка група ИСИС – К, за која медиумите, посебно оние во Европа, малку знаеја.

Се мислеше дека е нова и сега набрзина создадена, но безбедносни експерти појаснија дека станува збор за група која подолго време е присутна во регионот и во Авганистан и дека таа не им е сојузник на талибанците, како што се помисли на почетокот, туку дека станува збор за остри противници.

Сега се открива дека оваа група, позната како ИСИС – Корасан, е одговорна за илјадници убиени во периодот од 2015 година кога се смета дека е создадена.

Нејзините членови дејствуваат во централна Азија, а името и потекнува од подрачјето на кое опфаќа делови и од Авганистан и од Пакистан. Во 2018 година, дури била рангирана и како четврта најсмртоносна џихадистичка, терористичка група во светот, која само во Авганистан има убиено над илјада лица.

Контра талибанците

Се смета дека од таа година тече позабрзан раст на оваа група, која следејќи го развојот на ситуацијата во земјата, се свртува против талибанците, војувајќи, главно против нив. Во секој случај, очекувајќи го повлекувањето на Американците, кое им изгледа како шанса за натамошно напредување.

Оваа група (се гледа од основното име) е огранок на Исламска држава, на сега убиениот лидер Ал Багдади која дејствуваше на просторот на Сирија и Ирак, откако претходно се прегрупира од некогашната Ал Нусра, филијала на Ал Каеда, во реонот меѓу овие две арапски земји, Исламска држава објави дека создала калифат.

Експерти, меѓутоа, не можат да ја следат врската на главната ИСИС со групата – „ќерка“ која се пофали со нападот врз аеродромот во Кабул. Двете групи делат иста идеологија и имаат иста тактика на борба – тероризам и убивање – но факт е дека тие никогаш немале заедничка организација, команда и контрола.

Корените се пакистански

Американски разузнавачи тврдат дека ИСИС – К е мала група, многу помала од онаа, главната Исламска држава, како и дека во неа има и членови на главниот ИСИС – нејзини ветерани од сирискиот фронт. За дваесетина од нив се смета дека уште од порано се на територијата на Авганистан.

Сепак, првите припадници се дојденци – Пакистанци. Тамошни милитанти кои се појавиле во авганистанската провинција Нангахар пред десетина години, откако побегнале од Пакистан, за да не бидат фатени и уапсени од пакистанските безбедносни сили кои со години водат „тивка војна“ против локалните „талибанци“ како што таму ги нарекуваат.

Како клучни личности при создавањето на ИСИС – К се споменуваат и бегалци од редовите на авганистанските талибанци, но групата, во основа, им се спротивставува на талибанците и ги привлекува кај себе само оние – најрадикалните.

Освен тоа, за разлика од џихадистите кои ја презедоа контролата врз Авганистан, како главниот ИСИС, така и неговата авганистанска и други подгрупи – „филијални“, немаат голем интерес за владеење, за креирање своја власт.

„Само Господ владее“

Познавачи на состојбите велат дека овие исламисти веруваат дека “само Господ може да владее и да управува“, затоа и сметаат дека најавата за создавање исламски емират во Авганистан, за ИСИС тоа не е доволно (радикално и исламски).

На локациите каде имаат контрола, ИСИС ќе спроведува исклучително остри, шеријатски закони и ќе владее сурово и безмилосно. Се верува дека тие сакаат да ги привлечат кај себе најзапалените социопати со чија помош ќе спроведуваат насилство, настојувајќи низ наметнатиот страв, лесно да имаат контрола врз територијата и (насила) да регрутираат нови борци.

Намерите на ИСИС – К одат подалеку од териториите на Авганистан и на Пакистан.

Азиски калифат

Планот им е да создадат голем калифат кој би почнувал од јужна Азија и би се ширел преку централниот дел од континентот. Таквиот калифат би се темелел врз шеријатското право и неговите строги закони, а на тој простор би се населувале муслимани од целиот свет.

Во тој план е влезена и омразата кон Западот и кон неговите вредности, како и кон САД. На нив им се порачува дека претстои пресметка, преку „осамените волци“ – терористи, бомбаши – самоубијци. Како што се верува дека беше и оној што го изврши нападот на аеродромот во Кабул.

Но, оваа година тие војуваат само на авганистанската територија.

Разузнавачка проценка е дека во првите четири месеци имаат изведено 77 терористички напади. Некои од нив се сметаат за најкрвави, изведени врз цивили, со неколку самоубиствени напади во главниот град Кабул. Меѓу нив е и експлозијата на автомобил – бомба, во мај годинава, пред едно женско училиште. Загинаа осумдесетина лица – главно ученички од училиштето.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе