Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Митрополит устоличен со насилство

vladacanon/Depositphotos.com

Митрополит устоличен со насилство

Новиот митрополит на Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора беше устоличен во Цетиње, онака како што беше најавено во Белград и во Подгорица – на 5 септември во црногорскиот манастир во овој град.

Но, тој во основа, свет и достоинствен црковно – религиозен чин, помина крајно недостоинствено – исполнет со насилство, со барикади и блокади на патиштата, со фрлање камења по полицијата и со употреба на солзавец од страна на силите на редот.

Уште и со истрели во воздух и со мачни сцени – велат – незапаметени во историјата на православието.

Шеесетина лица се уапсени, меѓу нив и советникот на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, за наводно физички напад на полицаец, а  дестици други се повредени,

Врв на таквата нецрковна атмосфера, во која Јоанакије стана митрополит црногорско – приморски на СПЦ, е неговото пристигнување во манастирот со хеликоптер. Придружуван од српскиот патријарх, а обајцата обезбедувани од до заби вооружените специјалци. Затоа што градот Цетиње беше блокиран, а патот до него од Подгорица затворен.

Одбрана на Цетиње

И сето тоа се случуваше, само затоа што српските црковни власти кои претходно го избраа Јоанакије да го замени (од ковид) починатиот митрополит Амфилохије, инсистираа устоличувањето да се изврши во старата црногорска престолнина Цетиње.

Наместо тоа да се направи во било кој од другите храмовите на СПЦ во Црна Гора, црквата се определи, не гржејќи се за последиците, црковната церемонија да се одржи во цетињскиот манастир, во некогашниот главен град , од времето кога оваа мала балканска земја ( во 1878 година) беше меѓународно признато кнежевство со свој владар, со влада и со своја црква.

Во случајот, Црногорците кои не се сметаат себе си за етнички Срби, не беа против самиот чин на устоличување. Не се противеа ниту на изборот на Јоанакије како нов митрополит, туку само бараа устоличувањето да не биде во Цетиње и во тамошниот манастир. За нив таквото инсистирање на СПЦ и на Белград, претставува повреда на црногорскиот државен, национален и црковен идентитет и нова “окупација од страна на Србија“ – како во 1918 година.

Црногорската опозиција и шефот на државата, претходно, бараа од СПЦ и од сопствената влада да го преместат устоличувањето во Подгорица. Кога во саботата избувнаа првите сериозни немири – сугерираа устоличувањето  да го одложат, за некое друго, помирно време. Но, црквата, а и актуелниот, просрпскиот премиер Здравко Кривокапиќ, тоа категорично го отфрлија.

Владата зад СПЦ

Кога протестите и судирите на демонстрантите со полицијата, во саботата и неделата, на денот на устоличувањето, веќе се случуваа, премиерот ги обвини опозициската ДПС и пред се, нејзиниот лидер шефот на државата Ѓукановиќ за „обид за дестабилизација на земјата“ а, протестите и нападите врз полицијата за „обид за терористичка акција“ направена со помош на „криминалните групи“ со кои владата се пофали дека жестоко ќе се пресмета.

Во таа напната атмосфера, владата не ги послуша ниту барањето на невладината организација Европско движење во Црна Гора, која бараше од властите да ги повлечат полициските сили од Цетиње, па  ги повика амбасадорите на земјите од НАТО/ЕУ да интервенираат. Апелот, остана без ефект, а владата остана на својата одлука, застанувајќи на страната на СПЦ и покрај сугестиите (во еден момент) и од Белград – да се одложи устоличувањето.

А, кога чинот на устоличување помина така како што помина, само во присуство на група свештеници, без гости и ниту еден функционер, новиот митрополит и српскиот патријарх – сепак – се преселија во храмот во Подгорица – за да го комплетираат црковниот чин – онака како што тоа му приличи.

Политизирана религија

Ваквиот потег само го покажа вистинското лице на она што е мошне видливо од почетокот на кризата во Црна Гора и на судирот со СПЦ, но и со официјален Белград.

Тоа е силниот наплив на политиката во овие само привидно религиозни работи кои повеќе од две годни ја потресуваат оваа поранешна ЈУ република, која од 2006 година се отцепи од милошиќевската „мала Југославија“ и прогласи независност.

Мило Ѓукановиќ кој 30 години доминира на тамошната политичка сцена, потоа направи целосен пресврт – од происточно определен политичар- левичар, стана сојузник на Западот, ги прекина врските со Москва, по што неговата земја побара и стана членка на НАТО.

Српскиот елемент во Црна Гора – етничките Срби кои се 30 отсто од вкупното население, инаку помало од 600 илјади жители – меѓутоа, се спротивставија на таквиот пресврт. Српските партии  и тогаш, а и сега, се анти – НАТО, антизападно, проруски и силно просрпски определени. Тие дури бараат и враќање на старото знаме- тробојката, слична со онаа на Република Србија и тоа знаме го користеа на контрапротестите, во саботата и во неделата,  подржувајќи ја СПЦ и (како што велат во Подгорица) српството.

Премиерот против претседателот

Кога Ѓукановиќ и неговата влада го покренаа процесот за носење закон за религиите и за црквата, ставајќи ја доминантната СПЦ, рамноправно со другите цркви и кога актуелниот претседател побара – обнова на Црногорската православна црква (ЦПЦ)  и признавањето на нејзината автокефалност, одземена при создавањето на Кралството Југославија, избувна “војната“ со СПЦ и со официјален Белград, која се уште трае.

Претседателот, неговата партија како и Црногорците кои инсистираат на својата национална посебност, во односот на српската црква и на Белград, гледаат обид за (повторно) запоседнување на државата од страна на Србија – само сега преку СПЦ и негација на нивниот национален идентитет.

Другата страна, а сега и владата на Кривокапиќ, меѓутоа, на ова гледаат како на „еднострано толкување“ на историјата и пред се, како на обид на Ѓукановиќ преку судирот со српската црква да ги „покрива своите криминално – мафијашки работи“.

Така и реагираше црногорскиот премиер кој го обвини претседателот на државата за целата криза. Медиумите во Подгорица откриваат и дека тој има наредено да биде уапсен советникот на Ѓукановиќ.

„Повторување на 1918 година“

Се смета дека и целата полициска операција во Цетиње била замислена за да се порази и да се понижи шефот на државата кој не само што ги подржуваше протестите, туку беше меѓу граѓаните кои ги „бранеа градот, манастирот и Црна Гора“ од повторната “окупација и србизација“.

Про – црногорските партии дури веруваат дека „официјална Србија, преку СПЦ сега управува  со владата на Црна Гора“, а дека со ескалација на кризата во земјата, Белград само сака да го „сврти вниманието на својата јавност од  тамошните бројни афери и скандали, но и од признавањето на Косово“.

За противниците на устоличувањето на Јоаникије во Цетиње, станува збор за  анти – црногорски акт, затоа што митрополитот е одбран во Белград. Затоа, според нив,  не може да се устоличи во „историското Цетиње, симбол на државноста – на градот и на црногорскиот народ“.

Според овие толкувања, поставувањето на новиот митрополит во некогашниот главен град и во манастирот Свети Петар Цетињски, значи повторување на 1918 година, кога кнежевството Црна Гора е внесено во Кралството Југославија и кога државата беше избришана од политичката карта на Европа. Овој пат,  сето тоа се одвива во една поинаква форма.

(Д.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе