Поврзете се со нас

Skopje Global

“Српски свет, наместо голема Србија“

Европа/ЕУ

“Српски свет, наместо голема Србија“

steveheap/Depositphotos.com

“Српски свет, наместо голема Србија“

Немилите сцени во Цетиње изминатиот викенд покажаа колку е длабока политичката криза во Црна Гора и колку е широк јазот во политиката, во државата и во тамошното општество – е констатацијата на сите европски весници. Дури и московски „Комерсант“ е на таа линија.

Устоличувањето на еден митрополит се претвори во сериозна безбедносна ситуација во која се заканува толку да ја поларизира оваа поранешна ЈУ република, сега независна држава, што некои европски аналитичари ги натера да предупредат и на можноста за избувнување и на граѓанска војна!

Нетрпеливост и нетолеранција

Помалку песимистите веруваат дека работите, сепак, нема да отидат толку далеку, но и тие предупредуваат на постоечката жестока пресметка која постои меѓу претседателот на државата и на премиерот, во која е замешан и официјален Белград, што може уште повеќе да ги интензивира тензиите.

Особено што зад нивната нетрпеливост и нетолеранција, не стојат политичко-идеолошки разлики, туку нешто многу подлабоко. Нешто кое задира во историјата и во идентитетот на Црногорците.

Тоа е српската негација на црногорската нација, што е основа за тврдењето дека Црна Гора е само „втора српска држава“ и во секој случај – „српска земја“.

Шефот на државата Мило Ѓукановиќ, меѓутоа, инсистира на црногорската посебност – државнички и етнички – па, во таа смисла остро го обвинува премиерот дека се ставил во функција на српската државна политика (преку локалните српски партии).

А, за нив уште од порано има речено дека се само инструмент на Белград – заедно со српската црква – за дестабилизација на Црна Гора и за бришење на нејзината посебност.

Патриоти и „криминалци“

Премиерот, пак, кој направи се, дури и со користење на безбедносните сили и со обезбедување хеликоптер, за да им удоволи на српската црка и на Белград, кој стоеше цврсто зад одлуката Цетиње да биде местото каде ќе се устоличи новиот митрополит, не реагира на овој начин.

Тој, всушност, и не се занимава со националната и идентитетската кауза на која инсистира претседателот на државата.

За Здравко Кривокапиќ, чии две ќерки, пред овие случувања се вратија во Белград, каде постојано и живеат, со гаранции за нивната безбедност од српскиот претседател, Ѓукановиќ и не е никаков патриот.

Според премиерот, тој ги има покренато сите овие прашања околу црногорската посебност (и СПЦ) само за да го покриел своето „криминално досие“.

Така, или не, Европа одново, целата се сврте кон случувањата во Црна Гора за да уште еднаш укаже на неизлечивите болести на Балканот – национализмот, дисквалификациите на цели народи, мешањето во внатрешните работи на други и на се уште незавршената драма по распадот на екс Југославија.

Грдата слика за Балканот

Медиумите, за жал, и по овие настани – без разлика кој е виновникот – гледаат на Балканот онака како што гледаат веќе 30 години. И сето тоа, само една недела по Форумот на Блед на кој западнобалканците ја критикуваа ЕУ што ги заборавила кога станува збор за интегрирањето во Унијата, а на една недела пред средбата на Ангела Меркел со лидерите од регионот на која, се верува, одново ќе се зборува на оваа тема.

Забележливо е дека во анализите на црногорските состојби, западноевропските медиуми ја критикуваат, како што велат, инструментализацијата на устоличувањето, од страна на Ѓукановиќ, за да ја “дестабилизира владејачката коалиција“ во која има и силно про – српски партии.

Иако низа медиуми се согласуваат дека изборот на Цетиње за устоличувањето, за многу Црногорци е „првокласна провокација“.

Но, виенскиот весник „Стандард“ смета дека црногорските случувања, сепак, не се само локални, туку се и регионални. Потсетува на однесувањето и на постапките на етничките Срби, за кои вели дека се собрале со српски државни знамиња, многу од нив дојдени од соседната Србија, специјално за овој настан и укажува дека само полицијата спречила тие да не се судрат со Црногорците.

Распалување на национализмот

„Кризата ќе продолжи се додека не се измени политиката и се додека, како во деведесетите години од 20 век, национализмот ќе се користи за распалување на состојбите“ – вели овој весник, додавајќи дека “најважното за стабилноста на Балканот би било кога ниту српското раководство, а ниту СПЦ, не се мешаат во политиката на соседните држави“, затоа што токму тоа мешање беше причината за катастрофалните војни во деведесетите години“.

Според „Стандард“, режимот на српскиот претседател, денеска, тоа го прави многу посуптилно.

„Повеќе не се зборува за голема Србија, туку за српски свет, но притоа се мисли на истата работа“ – пишува виенскиот весник и додава дека во исто време, Александар Вучиќ се прикажува како „жртва и тврди дека ЕУ не ја сака Србија, иако тој самиот нема направено ништо за да и се приблиќи на Унијата“.

Закана од Белград

На тоа предупредува и загрепски „Јутарњи лист“, весник кој важи за близок до владејачката ХДЗ. И овој весник предупредува на создавањето на т.н. српски свет, што го заговара Белград, за кој вели дека е заедничко српско – руски проект, во кој се турка и Црна Гора.

За весникот тоа е само поинакво пакување за сите досегашни големосрпски проекти, се до воената политика на Слободан Милошевиќ, што само покажуваат дека “во српската политика ништо не се изменило и покрај војните во Хрватска, во БиХ и на Косово“.

Црна Гора, за „Јутарњи лист“ е најтешкиот болен на Балканот, длабоко растресена и поделена и каде една искра може да предизвика голем пожар.

Впрочем, кога Ѓукановиќ вели дека Црна Гора е „изложена на агресија од Србија“, од Белград, тамошниот претседател Вучиќ му возвраќа дека Црна Гора „секогаш била полигон за напади врз Србија, „затоа ни ти (Ѓукановиќ), ниту било кој друг нема да успее да ја покори, како што тоа се случувало во изминатите 30 години„ – ја пренесува хрватскиот весник, заканата на српскиот претседател.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе