Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Стан во Белград за 1,9 милиони евра

BalkansCat/Depositphotos.com

Стан во Белград за 1,9 милиони евра

Стан во главниот град на Србија е продаден за 1,9 милиони евра, во населбата Нов Белград. Станот има 399 квадратни метри, се наоѓа во новиот дел од населбата, познат како Вест – 65. Лоциран е во деловно – станбена кула од 40 ката и е платен во кеш, во готовина – јавуваат белградските медиуми, повикувајќи се на официјалните податоци на српскиот републички Геодетски завод.

Се смета дека станува збор за најскапиот стан во државата и тој само го покажува натамошниот раст на цените на недвижниот имот во градот, но и во земјата.

Така, во изминатите шест месеци од годинава, во елитната белградска населба Дедиње е продадена станбена зграда за пет милиони евра, што (колку што се знае) е највисоката досега цена, додека гаража (гаражно место) во општина во стариот дел од Белград е платена за 40 илјади евра.

Исклучоци и правила

Медиумите пишуваат дека ваквите цени се исклучоци и дека не станува збор за правило. Но, признаваат дека цените растат. Во новата и сега извикана населба Белград на вода цената на квадратен метар достигнува цена до над 9700 евра и таа е зголемена за 500 евра, во споредба со март годинава.

Сите цени се за новоградбите, додека кај старите градби, во српскиот главен град, тие се пониски. Сепак, просекот во т.н. стар Белград изнесува над 4600 евра. По таа цена, на пример, некој белграѓанец има платено стан – гарсоњера од само 26 квадратни метри.

Експерти за недвижен имот објаснуваат дека цените на становите се зголемени во целата држава, но дека сепак убедливо најмногу на територијата на Белград и неговата околина. Тие велат дека ваквите астрономски цени создаваат и лажна претстава за богатство и за исклучително висок стандард во земјата, како и во главниот град.

Промет во кеш

Експертите тврдат дека тоа не е така и дека сликата која ја дава купопродажбата на станови и куќи е лажна. Според официјалните податоци на Геодетскиот завод (во просек) луѓето во Србија купуваат стан од 58 квадратни метри и за него плаќаат 1500 евра, по квадрат.

Прометот со ваквиот имот, меѓутоа, продолжува да се зголемува секоја година. Оваа 2021 година, на територијата на земјата е направен промет од 2,9 милијарди евра, додека во истиот период минатата година прометот изнесувал 1,7 милијарди.

Не се знае кои се купувачите на најскапите станови, куќи и гаражи. Не се знае ниту зошто се тие толку скапи – далеку над стандардот на луѓето во Србија. Познато е само дека најголем број од недвижниот имот се купува со готови пари, а не на станбен кредит. Дури 84 отсто од сите купени недвижнини се платени кеш, а само 16 отсто на кредит. Кога станува збор за земјиште кешот доминира со 99 отсто. Кај становите односот кеш-кредит е малку понизок – 70 отсто од нив купувачите ги платите во готовина.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе