Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Вук Драшковиќ: Руски прсти во Цетиње

Media Center Belgrade, VukDraskovic-mc, CC BY-SA 3.0

Вук Драшковиќ: Руски прсти во Цетиње

Претседателот на Српскиот покрет за обнова (СПО) Вук Драшковиќ изјави дека “устоличувањето на новиот митрополит на СПЦ во Црна Гора извршено на насилен начин“. Според него, зад ваквата недостојна церемонија на црквата, на митрополитот Јоаникије стои Москва.

Во изјава за независната телевизија Н – 1, Драшковиќ потсетува дека провладините медиуми во Србија, доцна вечерта на 4 септември (десетина часови пред устоличувањето) планирано за следниот ден, имаат објавено дека церемонијата во Цетиње, во тамошниот манастир, ќе биде одложена.

Овој српски политичар инсистира дека во текот на ноќта, меѓутоа, се „случил силен притисок од некое моќно место“ – устоличувањето да се изврши како што е планирано.

„Притисок од моќно место“

„Според мене, тоа место не е Белград. И самиот Белград, веројатно, бил цел на тој притисок. Тогаш претседателот на владата на Црна Гора (Здравко Кривокапиќ) одлучува насила да се оди во Цетиње, во оној момент кога тој ја има добиено поддршката на про – рускиот блок“ – изјави Драшковиќ.

Овој српски политичар, сепак, инсистира дека и покрај, како што има речено, големите напори – Црна Гора нема да се претвори во сателит на Москва.

„Тие процениле дека Западот, а тоа значи НАТО и ЕУ, се во конфузија, во некаква состојба на парализа, па дека сега треба да бидат понижени со напад и со хибридна војна против една мала членка на НАТО на Балканот. Па, погледнете што се случува после се она на Цетиње – пофалби стигнуваат од Москва, а не од Белград“ – рекол Драшковиќ.

Во оваа прилика, лидерот на СПО, не зборувал за улогата на претседателот на Србија Александар Вучиќ, во сите настани поврзани со устоличувањето на Јанакије во Цетиње. Драшковиќ рекол дека претседателот „само ги следел случувањата“ и дека тој и не знае како српскиот претседател влијаел.

Против „српскиот свет“

Тоа е сосема различно од обвинувањата што пристигнуваа од Подгорица, од тамошната опозиција, пред и по настаните во Цетиње за тоа дека целата работа е режирана од Белград и дека за таа цел била користена српската црква.

Но, точно е дека Вучиќ, по пресметката на црногорската полиција со демонстрантите кои се спротивставуваа на устоличувањето на српски митрополит во цетињскиот манастир – за белградските медиуми има речено дека „сериозно се размислувало за откажување на црковната церемонија“. Изјава која беше демантирана од црногорскиот премиер!?

Драшковиќ, меѓутоа, многу повеќе има зборувано за т.н. „српски свет“ за што веќе на неколкупати има зборувано министерот за внатрешни работи во владата на Република Србија, Александар Вулин.

Лидерот на СПО кој во деведесеттите години на 20 век важеше за еден од предводниците на српството во регионот и на српскиот национализам, сега остро го критикува министерот и се спротивставува на идејата што ја промовира Вулин. Последен пат, веднаш по настаните во Цетиње.

Обид за враќање на минатото

„Зад тоа стојат намерите, а тоа е и целта, за враќање на времето на деведесеттите години. Некогаш тоа се нарекуваше „голема Србија“, сега, пак, се вика „српски свет“. А, кој е тој српски свет. Да сум јас претседател на Србија ниту еден министер не би можел така да зборува за нешто што не е дел од државната политика на земјата“ – има речено лидерот на СПО во интервјуто.

Вук Драшковиќ остана сите овие години лидер на СПО, партија која формално е опозициска, но која воопшто не е во врска со тамошните опозициски партии и нивната сегашна пресметка со актуелната власт. Едно време, по падот на Слободан Милошевиќ, беше министер за надворешни работи, но сега делува изолирано од политиката. Некои белградски медиуми, пак, тврдат дека тој одржува повремена комуникација со претседателот Вучиќ.

Од време на време се јавува во јавноста со некое интервју, како ова за ТВ Н – 1. Во едно од последните јавувања, зборувајќи за Косово Драшковиќ има речено : – „Таму нема веќе што да се брани, затоа што Србија се откажа од поранешната покраина, кога пред 2о години целосно се повлече од Косово“.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе