Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Повеќе од 90 отсто од умрените – невакцинирани

Mat Napo

Повеќе од 90 отсто од умрените – невакцинирани

Познат српски епидемиолог за белградските медиуми открива дека „95 отсто од новите пациенти во три од десетината ковид болници во Србија – се невакцинирани”. Исто така, „над 90 отсто од починатите, во овој четврти бран на пандемијата со коронавирусот – исто така не биле имунизирани. Немале примено ниту една доза од било која од вакцините“.

Според епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ, доколку сите епидемиолошки мерки не се спроведат целосно и до крај, а со вакцинацијата не бидат опфатени што е можно повеќе лица, Србија ќе се најде во состојба на т.н. природен процес.

Станува збор за состојба во која целото население ќе се зарази, па оние со посилен природен имунитет и оние кои се целосно вакцинирани – ќе преживеат. Сите другите, оние со послаб имунитет и невакцинираните – со животот ќе ја платат ситуацијата, кон која – како што вели овој експерт – земјата полека се движи.

Неповолна епидемиолошка состојба

Тој зборува дека епидемиолошката состојба во земјата – генерално – е неповолна. Србија како и другите во регионот не е веќе во групата на безбедни земји, според класификацијата на ЕУ, а Тиодоровиќ тврди дека во некои региони, таа веќе сега станува критична.

Секој ден се бележи раст на новозаболените (во четвртокот над шест илјади со 25 починати), според официјалните податоци на кои веќе 18 месеци низа експерти не им веруваат, тврдејќи дека се „фризирани“. Бројките секој ден се зголемуваат, а вакцинацијата е речиси минимизирана, или некаде и сосема прекината.

Официјално, 42 отсто од населението се вакцинирани, додека 52 отсто не се и како сега стојат работите, не покажуваат интерес за имунизација. Овој експерт смета дека тоа не е доволно, а тоа значи дека Србија ја има поминато „црвената линија“.

Ова се случува во време кога за земјата се смета дека на залиха има над 1,5 милиони вакцини и кога дел од нив ги употребува за својата политичка промоција во регионот, како и за префрлање на руските вакцини Спутник во некои африкански земји, каде Русија досега не успеа да ги задоволи договорените количества.

Потреба од здравствени пропусници

Во исто време, Данска најави дека ќе ги укине сите досега користени епидемиолошки заштитни мерки, затоа што има постигнато степен на вакцинираност од 70 отсто и што уште позначајно – значителен пад на хоспитализација.

Епидемиологот Тиодоровиќ инсистира на тоа и српските власти да воведат здравствени попусници, какви на пример имаат Македонија, во соседството, но и Франција, а какви Хрватска воведува за сите здравствени работници, признавајќи на тој начин дека значителен дел од нив се уште не се вакцинирани.

Тој смета дека лекарите во српскиот кризен штаб се за воведување вакви пропусници, додека отпор има во политичкиот дел од штабот кој, очигледно, се плаши од можната реакција во јавноста.

Посебно од силното антиваксерско лоби кое има лесен достап и до јавните медиуми, посебно до телевизијата, а особено е силно присутно на интернет.

Засилување на вакцинацијата

Во Белград се тврди дека тројца од лидерите на српското антиваксерско движење починале од ковид-19.

Сепак, во тамошната јавност продолжува да шират измислици за вакцините и за короната, како и да се тврди дека вакцината е непотребна, продолжувајќи со приказните дека се заразуваат и лица кои се вакцинирани.

Овој епидемиолог инсистира дека и здравствените и политичките власти мора да ја засилат вакцинацијата, а дека со неа мора да се опфатат сите кои работат во здравството, во образованието и во сите служби кои секојдневно комуницираат со јавноста, со голем број луѓе.

„Делта“ сојот е многу позаразен – дури осум до десет пати повеќе од првичниот коронавирус, но масовната клиничка слика не е така тешка. Има помалку хоспитализирани во однос на бројката на позитивните лица. Вирусот, меѓутоа, предизвикува нагли и неочекувани компликации – вели српскиот експерт, предупредувајќи дека со него многу полесно се справуваат оние кои имаат примено некоја од вакцините.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе