Поврзете се со нас

Skopje Global

Ултиматум од неморалниот граѓанин

Едиторијал

Ултиматум од неморалниот граѓанин

kantver/Depositphotos.com

Ултиматум од неморалниот граѓанин

Кога неморален човек и неморални луѓе зборуваат за морал – тогаш – нема морал.

За тоа, пред сите другите, не може да зборува оној кој го предводи скопското вмровско дружество, во името на неговиот избеган водач, осуденик, кој го има поставено на функцијата и кој му ја води партијата – од странство.

Затоа што нема ни малку морал кога една тешка несреќа,  како онаа што се случи со пожарот во монтажната болница за Ковид, во Тетово, во која загинаа 12 пациенти и двајца посетители, сега се користи за евтина политика и за политичка пропаганда, на 40 денови пред локалните избори.

Како што нема морал ниту кога во екот на, со пожари зафатениот Балкан, македонските потпалени стрништа и делови од шуми, по долгата суша и мошне високите температури, оние кои се нарекуваат опозиција во државата, ги користеа случувањата за политичка пресметка со власта.

Долевање оган

Па, наместо за конструктивно однесување и за поддршка за побрзо совладување на огнената стихија, преку своите и другите подмитливи медиуми долеваа оган на огнот. Измислувајќи драматични ситуации, барајќи жртви каде ги нема и правејќи ги работите потешки и пострашни отколку што беа.

Нам, не ни си случија ситуации како во Грција или Турција, на пример. Или како на Сицилија, во Италија, и на другите локации на југот од Европа и далеку било, како она во Америка. Но, тогаш се раструби – „Македонија е во пламен, оставена без одбрана и заштита“, додека сега (по Тетово) „Македонија е завиена во црно“ – како што би рекле некои нискокачествени ТВ водители, определени да ја тераат водата кон неморалната опозиција.

А, опозицијата и во едниот и во другиот случај, виде шанса за да се напаѓа власта, за да се убедат гласачите дека опозиционерите се оние кои единствени „водат грижа за народот“. Заборавајќи, притоа – како тие, така и нивните пропагандисти дека Македонија гореше и во летото 2015 и во 2016 година и повеќе од сега.

Битка со пандемијата

Тогашната власт, меѓутоа, не се префркнуваше премногу со ситуацијата, додека сега – глуми грижа за народот, додека седи во опозиција – во обидот побрзо ако може да се врати на власт. Притоа, како сите да забораваат – дека само пред четири години тоа друштво беше тргнато од власта како грабливо, корумпирано, криминално, недемократско и деспотско.

Сето тоа, одново, ни се отвора пред очи, додека истрагата (за Тетово) настојува да одговори на сите прашања (заедно со странски експерти – за да се види како тоа изгоре нов објект, за рекордно кратко време и како воопшто се запали – ако пожарот не е подметнат).

Пожарот се случи на денот на независноста на државата и после повеќе од 18 месеци, беспоштедна битка на македонското здравство со епидемијата.

Во неа не се сите негови лекари – туку на оние со морал, хуманост и дигнитет – кои заедно со медицинските сестри, со другиот персонал, со најголемиот број од матичните лекари, цела година и половина се борат за животите на заразените од вирусот, од кој светот се уште не му го знае коренот – што е тоа што го предизвика.

Голема несреќа

Во Тетово се случи една голема несреќа. Жалосни се таквите ситуации кога во пожар гинат тешко болни, немоќни да бегаат и да се спасуваат, уште и во услови на епидемија.

Такви ситуации, со пожари, во болници и во здравствени објекти, во ова време на пандемија, имаше и поблиску и подалеку од Македонија. Настрадаа луѓе од експлозии на кислородот кои им се дава на болните, или од неисправни респиратори кои, исто така, знаат да се запалат.

Неодамна изгоре среде бел ден цел еден облакодер во Милано. Пред некоја година изгоре еден таков и во Лондон. Загинаа над 90 лица, велат, толку многу жртви имало поради погрешното справување со огнената стихија. Истрагата се уште е во тек. Додека не заврши целосно, прашањето на одговорноста останува отворено. Тоа, секако, не значи дека нема да има виновници.

Но, ни во еден момент никој не правеше политичка пропаганда од катастрофата. Тоа во Британија се смета за крајно НЕМОРАЛНО.

Понудена оставка

Во македонскиот случај, министерот за здравство, очигледно, тешко погоден – како човек и лекар, пред се – следниот ден понуди оставка – како морален чин за она што се случи во еден здравствен објект.

Молеше да не се шпекулира, да не се долева мачнотија на тагата на блиските на починатите, да не се бројат жртви кои ги нема. Особено што медиумите пропагандисти, во друштво со Фејсбук, командувани од штабот на вмровското дружество – веднаш зборуваа за „сигурно барем 30 мртви“ – без да сочекаат барем да разберат колку пациенти имало во модуларната болница. Не го послушаа.

Јавноста која во еден момент на пандемијата, истиот тој министер го прогласи за најдобриот во владата, од друштвото на неморалните, а тоа е поголемо од она меѓу политичарите – цело време го дискредитираат како „доктор на смртта“,  секојднево барајќи да си оди од функцијата, или да биде сменет.

Министерот го „тепаат“ и неговите колеги од кои најголемиот број, веројатно, не се ни понудиле да работат во борбата со пандемијата, или пак, за пари, издаваат лажни потврди за вакцинација.

Политички театар

Министерот го напаѓаат и оние лекари – негови колеги кои само чекаат да се случи смена на власта, за да станат политичари, да се кандидираат за градоначалници, кога не дотуркале до владиниот состав, да добијат директорска функција, или некој тендер, што е вообичаена вмровска техника за купување на душите на неморалните.

И, во таквите услови, македонскиот министер за здравство понуди оставка, од морални причини, која чека да биде прифатена по завршувањето на истрагата. Рече притоа дека работата мора да се расчисти и дека никој (па ни тој) не може да ја одбегне одговорноста.

Меѓутоа, во Македонија за се и сешто е потребен политички театар.

А, во тој и таков театар брзо се смести неморалниот граѓанин чија единствена задача му е да му ја чува фотељата на неговиот избеган шеф – осуденик за криминал. Тој граѓанин објави ултиматум. Или министерот во рок од 48 часови ќе поднесе оставка, или тој ќе му „суди“ со своето друштво во Парламентот. Ќе бараат министерот за здравство да биде отповикан – а ако треба и да му се суди кривично!?

Продавање лажен морал

По оваа претстава, следат цела низа прашања, а како прво – со кој и каков морал овој граѓанин, воопшто, зборува за вина, за одговорност, за судење.

Станува збир за партискиот генерален секретар во време кога неговиот газда правеше пуч, за да не се дозволи смена на власта по изборите. Цели шест месеци тие ја држеа Македонија под блокада.

Овој што не побегна од земјата, досега ниту се огради од таквиот газда, а ниту и се извини на јавноста за сите направени злодела. За обидот за пуч, за насилниот упад на толпата негови уличари – националисти, за нападот врз тогашниот лидер на опозицијата, за нападот врз еден од албанските политичари кој за малку ќе беше убиен,( тој сега прави сојузи со оние што ќе го убиеја), потоа за прислушувањето на 25 илјади луѓе, за сите криминали и за апсењата без судење, по улица и пред ТВ камери.

Овој неморалник, затоа, нема право било кому да му суди и на јавноста да и продава морал.

Тој се уште нема објаснето ниту како тоа со државни пари и на државно земјиште правеше мини – централи од кои, како што велат познавачи на состојбите – пари се прават само за сопственикот на централите.

Нема одговорност за „библискиот потоп“

Конечно, тој треба барем да се извини за една поголема трагедија од времето на режимот, од тетовската.

За тоа како еден силен, пороен, летен дожд над Скопје, пред пет години, однесе 25 човечки животи – во околината на градот.

Кој тогаш поднесе одговорност што еден пат беше погрешно изграден, што до населбите погодени од поплавата не можеше да пристигнат спасувачите, што со денови се вадеа жртви, додека мртви домашни животни стоеја во длабоката вода, ризикувајќи да избувне и некоја зараза.

Никаква истрага не се направи како што треба. Никој не поднесе ни политичка, а уште помалку кривична одговорност. Никој, нормално, во услови на тогашниот режим, не поднесе оставка – како морален чин. И после пет години, од вакви неморални луѓе, нема ниту изрази на жалење за трагедијата, а Македонија чека некој да одговара.

Наместо тоа – тогашните властодршци објаснуваа дека се случил „библиски потоп“ и дека „Господ сакал така да биде“!?

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе