Поврзете се со нас

Skopje Global

Меркел меѓу Западнобалканците

Западен Балкан

Меркел меѓу Западнобалканците

rossandhelen/Depositphotos.com

Меркел меѓу Западнобалканците

Два дена, Ангела Меркел, престојуваше во Западен Балкан, на средби и разговори со Западнобалканците. Пред крајот од својот мандат како германски канцелар, таа беше прво во Белград, а потоа и во Тирана, каде покрај средбата со домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама, имаше одделни разговори и со премиерите на сите шест земји од регионот – кандидати и претенденти за влез во ЕУ.

Престојот во регионот може да се означи како дел од нејзината серија од проштални посети, што ги направи како канцелар кој 16 години e на таа функција, но и како неформален лидер на Обединета Европа и во секој случај како најугледниот и напочитуваниот европски политичар.

Прво го посети Вашингтон, каде се сретна со Џо Бајден, потоа беше во Русија, на средба со Владимир Путин, па во Украина и еден ден престојуваше во, за неа, соседна Полска.

Македонското чекање во редот

Престојот во Западен Балкан дојде меѓу овие посети и патувањето во Париз. Франција и Германија се срцевината на европските интеграциски процеси и моторот на сегашната ЕУ. Престојот во францускиот главен град беше и последната посета на Меркел како канцелар, за средба со Емануел Макрон во кого се гледа како на нејзиниот потенцијален наследник во Европа.

Меѓутоа, посетата во регионот кој е на европскиот континент, а изгледа како да е далеку од Европа, сепак, беше повеќе од протоколарна разделба со локалните лидери. Особено што поради низа внатрешни и надворешни причини, Западен Балкан денес остава впечаток на „шарено друштво“ на кое заедничко му е само тоа дека сакаат да бидат дел од Унијата. Во многу други работи „друштвото“ не е само различно позиционирано кон Европа, туку многу често тие во него се поставени и едни против други.

Македонија, која цели 16 години чека за да ги почне преговорите со Брисел за влез во Унијата (уште во времето кога Хрватска беше зад македонската кандидатура). На тој пат се имаат испречено спорот со Грција, па „патриотско – комитските игри“ на лажните патриоти и комити на домашната политичка сцена кои ставаа “црвени линии“ наспроти Атина, но и наспроти македонските европски стратешки амбиции, за да на крајот се испречи – „братска“ Софија.

Напред – назад на Србија и Црна Гора

Кога се мислеше дека веќе нема проблеми и кога договорот од Преспа, практично, ја одмрзна и блокадата на Брисел за проширување на ЕУ, се појави Бугарија. Со своето вето против амбициите на Скопје и против еднаш веќе дадената согласност, Бугарија само покажа дека и како членка на ЕУ, не може да се ослободи од старите националистички заблуди – дека Македонија е нејзина територија, а дека Македонците се само „покрстени Бугари“.

Србија и Црна Гора кои преку ред, секоја од различни причини, го имаат отворено преговарачкиот процес, сите изминати години останаа без заклучување на ниту едно поглавја.

Велат дека некои биле „делумно“ затворени, но факт е дека ниту едно не е целосно комплетирано. Белград ја има задачата да го затвори прашањето на Косово, што очигледно не сака, а и не брза тоа да го направи. Од друга страна, се продолжува со политиката за седење на “две столчиња“ – зборувајќи дека сака во Европа, но одржувајќи стратешко партнерство со Москва.

Црна Гора, пак, продолжува да скита меѓу правната држава и организираниот криминал, меѓу „војна“ со Србија и со српската црква и со европските принципи, во исто време, спротивставувајќи се на западнобалканските интеграциски процеси. Одбивајќи (засега) да стане дел од Отворен Балкан, практично, од креирањето заеднички пазар во регионот – иницијатива по углед на некогашната Вишеградска четворка во Средна Европа.

Заробеници на Софија

Албанија во „друштвото“ влезе последна, после француската блокадата на Македонија во 2019, кога Париз се сети дека требало да има кластери, а не поглавја во преговорите за членство.

Тирана, дотогаш не беше омилена во ЕУ, посебно во Париз и во Хаг, но и кај скандинавскиот блок од земји – членки. Кога владата на Рама успеа да надмине некои свои домашни проблеми, посебно во правосудниот систем и Тирана доби „зелено светло“ за старт на преговорите, паралелно со Македонија. Но, тогаш се најде заглавена во блокада, поради бугарското вето кон Скопје, од кое се бара нешто што никој досега во Европа и во ЕУ го нема побарано. Уште помалку, како услов за преговори за влез во ЕУ.

Последните две земји од „шесторката“ се БиХ и Косово. Босна е жртва на внатрешните националистички и сепаратистички сили и на надворешното мешање (Белград/Загреб) како и на Русија која силно ја брани српската линија и практично придонесува за дестабилизација на земјата, Косово, меѓутоа, е “на мраз“, чекајќи разрешување на дијалогот Белград – Приштина за што изгледа не брзаат ниту косовските власти.

Берлински процес – Отворен Балкан

Во една ваква состојба во регионот, која Ангела Меркел многу добро ја знае, таа на две локации требаше да го зборува она што, повеќе или помалку, западнобалканците го знаат. Разликата беше во тоа што, овој пат Меркел ништо не можеше да ветува. За две недели, таа повеќе нема да биде канцелар на Германија – ќе замине во долго најавуваната политичка пензија.

Затоа, она што можеше да се каже и она што можеше да се истакне после целата посета е дека таа до крај остана на својата определба – а таа е дека регионот мора да биде дел од ЕУ. Западен Балкан и географски и политички, но и гео – стратешки и припаѓа на Европа, па дека затоа најприродно е и ова парче од континентот да биде дел од Обединета Европа, од Унијата.

Меркел посакуваше тоа да се случи во годините додека таа ги водеше Германија, па и Европа. Но, од регионот, во Унијата влезе само Хрватска, во 2013 година, додека сите другите, а посебно четворката – Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора – останува да чека.

Единствено ново е што сега Брисел настапува со многу позасилени амбиции кон интегрирањето на Западнобалканците, од каде се зборува многу повеќе за врзувањето на Западен Балкан и ЕУ. Не се тоа веќе само голи декларации, туку сега се прават и први конкретни чекори – започнати со меркелината иницијатива – Берлински процес, од која сега е создаден Отворен Балкан (Скопје/Белград и Тирана), проект трансформиран во регионален заеднички пазар.

Европски пари за развој

Конечно, најважното за него е што во регионот почнуваат да влегуваат европски пари – не за да се „покриваат ситни дупки“ – туку за позабрзан развој на земјите – во економијата и посебно во инфраструктурата. Сето тоа како дел од нивната подготовка за влез во ЕУ.

Во Западен Балкан до крајот на септември доаѓа и европскиот „премиер“ Урсула фон дер Лајен, објаснувајќи дека „им го должи тоа на сите млади кои веруваат во Европа/ЕУ“ и инсистирајќи дека „вложувањето европски пари во овој регион значи вложување во иднината на ЕУ“.

Долго се чека на еден претседател на Европската комисија да дојде во регионот и тоа се случува сега кога се виде дека ладењето на овие земји кон ЕУ, станува опасно за самата Унија, затоа што во тој простор, во Европа, влегуваат други кои не и мислат добро на ЕУ – како што се Русија и Кина.

Шаховска табла

Критичарите на Меркел (во Германија) сметаат дека можело да се направи порано и повеќе за „турбулентниот регион“, забележувајќи и што таа повеќе водела сметка за германските интереси и за стабилноста, отколку за демократијата и за демократските процеси (во Западен Балкан), при што – биле толерирани автократски режими и такви лидери.

Официјален Берлин, посетата во регионот ја означи како посветена на регионалната соработка, додека тамошните медиуми на посетата гледаат како на трасирање на насоките за односите на Германија со регионот, за оние кои ќе ја наследат. Таа неколкупати рече и во Белград и во Тирана дека нема да има промена во генералната германска позиција – било кој да стане канцелар.

Основното е дека и тројцата претенденти нема да дозволат (одново) да се занемари регионот, затоа што сега е јасно дека тоа ќе значи безбедносна и геостратешка закана – како за самата Германија, така и за целата ЕУ. Особено што Западен Балкан се претвори во шаховска табла на која се судираат Западот и либералната демократија, со сите европски вредности, наспроти источната авторитарност (Русија и Кина).

Силна поддршка за Скопје

Меркел, затоа, во текот на двата дена со Западнобалканците зборуваше дека не треба да се стравува од ново ладење кон процесот на ширењето на ЕУ кон регионот. Тој страв постои затоа што такви тенденции има на западот во ЕУ, наспроти националистичките блокади, како онаа на Бугарија.

Канцеларката и во Тирана повтори дека Република Северна Македонија (со Албанија) можат веднаш да ги почнат преговорите со Брисел. Уште еднаш таа ја истакна силната поддршка на Скопје, како што тоа го направи за време на посетата на Македонија (пред референдумот за договорот од Преспа) и кога при преземањето на претседателствувањето на ЕУ, во Стразбур најави дека Брисел и Скопје, до крајот на годината (2020) ќе го започнат преговарачкиот процес.

Софија со Бојко Борисов и со неговата воинствена министерка, меѓутоа, и удрија шлаканица на Меркел и на ЕУ, блокирајќи го и целиот, штотуку обновен процес на проширување. Затоа, сега и Балканот и Унијата се таму каде беа пред неколку години – во неизвесност. Во право е Еди Рама кога вели дека Тирана и Скопје се жртви на национализмот во ЕУ, па затоа тој (и другите) стравуваат за тоа како ќе се развиваат работите понатаму, без авторитетот на една Ангела Меркел.

Балкански манири

А, другите во регионот (одново) покажаа дека остануваат такви, какви што беа и пред оваа проштална посета на канцеларката.

Србија измисли празник кој веднаш го вознемири Балканот. Косово продолжува (неразумно) да бара прво признание од Белград, пред да стане дел од Отворен Балкан, иако Меркел сугерираше сите шест земји да бидат дел од него.

Црна Гора се пофали дека била најнапреден кандидат за ЕУ во регионот, а во Европа и светот ја сметаат за „најсериозниот болесник“ во Западен Балкан. И таа не споменува ништо за приклучувањето кон иницијативата што изгледа ќе биде важна за членство во ЕУ. Првично се плашеше дека тоа е некакво „српско масло“.

БиХ, пак, каде сите се раскарани меѓу себе на национална основа и ставени во сепаратистички ровови, останува како земја која не знае каде е и каде ќе оди.. Актуелниот претседател на претседателството, босански Хрват, Жељко Комшиќ, кого во Загреб не го признаваат, по посетата на Меркел порача – „не може Србија да се прави газда на Балканот“. И стави точка на босанските амбиции кон проектот, што (изгледа) ќе остане како тројна иницијатива.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе