Поврзете се со нас

Skopje Global

Безбедносен пакт против Кина во Пацификот

Свет

Безбедносен пакт против Кина во Пацификот

Безбедносен пакт против Кина во Пацификот

САД, заедно со Австралија и со Велика Британија формираа безбедносен пакт во Азиско – Пацифичката зона, со кој меѓудругото се предводува и испорака на нуклеарни подморници за Австралија.

Новиот пакт, наречен Аукус, треба да биде обид на овие три земји – здружени – да се спротивстават на Кина која настојува на секаков начин да навлезе во регионот и да го стави под контрола, сметајќи дека Австралија сама, не може да одговори на еден ваков предизвик.

Безбедносниот сојуз предвидува зголемена поделба на одбранбената способност, вклучувајќи и давање посебна помош за австралиските сили, кои би биле опремени со подморници на нуклеарен погон.

„Висок степен на доверба“

Премиерот на Австралија Скот Морисон, по тој повод, изјави дека „првата голема иницијатива на Аукус е испорака на флота од нуклеарни подморници за Австралијанците“. Церемонијата на создавањето на пактот со која претседаваше американскиот претседател Џо Бајден, се одржа преку видео – линк и на неа учествуваа и австралискиот премиер и Борис Џонсон, премиерот на Велика Британија.

Британецот Џонсон, изјави дека трите земји ќе бидат уште потесно поврзани, што според него само ја потврдува „блискоста и високиот степен на доверба меѓу Британија, Америка и Австралија, како големото пријателство“.

Во Лондон се смета дека создавањето на пактот, всушност, претставува можност за излегување на Британија и на британската дипломатија од длабоката меѓународна изолација во која се најде земјата. Поради глобалната пандемија, но многу повеќе поради одлуката за Брегзит, за што токму Џонсон беше еден од главните архитекти. Од тогаш, веќе 18 месеци ја држи британската надворешна политика надвор од главните меѓународни текови.

Пактот исто така, предвидува соработка на овие три држави и кога станува збор за сајбер одбраната, за вештачката интелигенција и за квантната технологија.

Без нуклеарно вооружување

Во заедничкото соопштение се вели дека трите, како што е истакнато, поморски демократии, заеднички се вклучиле да ја подржат Австралија во набавката на нуклеарни подморници. Притоа, се инсистира дека во случајов станува збор за погонот на кој ќе функционираат подморниците, а не на вооружувањето што ќе го носат. Тоа значи дека според одредбите од пактот не станува збор за подморници кои носат нуклеарно оружје.

САД, досега, ваквата технологија (на нуклеарен погон) ја делеа само со Британија. Според претставник на Белата куќа, вклучувањето и на Австралија претставува фундаментална одлука, со која трите земји „ќе бидат поврзани со генерации нанапред“.

Нов Зеланд кој порано беше врзан во сите вакви пактови во регионот, во времето на глобалната Студена војна, овој пат, останува надвор од сојузништвото. Владата во Велингтон, исто така, објави дека новите австралиски подморници не ќе може да влегуваат во новозеландските пристаништа, затоа што уште од 1985 година, владата на оваа островска, пацифичка земја има забрането влез на бродови на нуклеарен погон во територијалните води на Нов Зеланд.

Против амбициите на Пекинг

Кина, во секој случај, не се споменува во заедничкото соопштение, туку во него се зборува за мир и стабилност во Азиско – Пацифичкиот регион.

Безбедносни и политички експерти, сепак, сметаат дека новиот сојуз е наменет – пред се – за да им се спротивстави на регионалните амбиции на Пекинг.

Претседателот Бајден, откако е во Белата куќа на неколкупати има речено дека Вашингтон ќе и се спротивстави на Кина, продолжувајќи ја линијата на неговиот претходник, но инсистирајќи дека тоа спротивставување нема да биде сведено на билатерален судир.

Прва „жртва“ на новиот пакт, меѓутоа, не е Кина, туку Франција.

Пактот предизвика Австралија да го раскине мега – договорот со Париз за купување француски конвенционални подморници. Станува збор за зделка „тешка“ 56 милијарди евра, па француската влада веднаш реагираше крајно налутено. Во заедничкото соопштение на француските министерства за одбрана и за надворешни работи се вели дека „ваквата одлука е спротивна на духот на договорите за соработка на Франција и на Австралија“.

Париз го повлече амбасадорот од САД

Официјален Париз не се задоволи со помирливата изјава на Бајден за тоа дека САД сакаат тесно да соработуваат со Франција,  во таа стратешка зона, како и дека Париз бил и останува клучен партнер на Америка. Наместо смирување, Франција уште повеќе ја вжешти атмосферата – повлекувајќи ги „на консултации“ своите амбасадори од Вашингтон и од Канбера.

Шефот на Кеј Д Орсеј, Жан Ив ле Дријан во изјава за домашните медиуми, во петокот вечерта, соопшти дека добил налог од францускиот претседател Емануел Макрон – до понатаму, амбасадорите во САД и Австралија, да останат во Париз. Според него, станува збор за постапка која претставува – „нож во грбот, што е неприфатливо однесување кога станува збор за сојузник и за партнер“.

Ова е прв пат во историјата на француско-американските односи, Париз да се одлучи на една ваква реакција, изразувајќи револт кон САД.

Налутена Франција ја откажа и големата прослава на годишнината од големата поморска битка од време на борбата за американската независност, во 1781 година, кога француската флота, борејќи се на страната на Американците, ја има поразено британската флота.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе