Поврзете се со нас

Skopje Global

Закана од Софија за „бугарите“ во Македонија

Македонија

Закана од Софија за „бугарите“ во Македонија

SKahraman/Depositphotos.com

Закана од Софија за „бугарите“ во Македонија

Во време додека трае пописот на населението во Македонија, од Софија е испратена закана до новокомпонираните македонски „бугари” – оние кои се носители на бугарско државјанство и на пасош на Република Бугарија – да внимаваат како, национално, ќе се декларираат пред попишувачите.

Попис, во исто ова време има и таму, но бугарската страна ја продолжува својата националистичка игра против својата (наводно) „најбратска“ сосетка, за приказната која ја продаваат овде, во Македонија и на Балканот, но во Европа – дека македонските етнички корени, наводно, се „бугарски“, како што треба да ни биде и јазикот.

Затоа, се настојува да се искористи сегашната редовна, техничка операција, каква што е попишувањето на населението – за да во Македонија се најдат што е можно повеќе „бугари“.

Тоа на тамошните националисти им е потребно за да се одбрани тврдењето (кодошењето) на Софија против Скопје – дека сегашната влада во Република Северна Македонија, не им дозволува на овдешните „бугари“ слободно да ја изразуваат својата “бугарска“ национална свест и дека (дури) им го попречува и нормалното живеење и работење.

Измислено откритие?

На софиските толкувачи на историјата и на вистината не им е битно дали нивната држава, членка на ЕУ, дозволува секој таму слободно етнички да се декларира. Затоа што е сосема јасно дека Бугарија не е етнички чиста држава и дека таму не живеат само етнички Бугари. Наместо тоа, се меша во соседната држава, притоа, заканувајќи им се на новите „бугари“ од Македонија со одземање на државјанството.

Еден таков е и бугарскиот дипломат Иван Анчев, до скоро генерален конзул на својата земја во Чикаго (САД) кој го обвинува Парламентот во Софија што не се занимава со „стратешки важни прашања за бугарските национални интереси“, туку се претворил во – како што вели – „институција на зомби политичари“ кои – ете – не гледаат што се случува во „бугарската југозападна сосетка“ – со тамошниот попис.

Човеков се повикува на некакво откритие за тоа дека „македонските бугари“ на пописните листи – во одделот за национална припадност – не се запишувале како бугари.

„Доколку при сегашниот попис во Македонија, како бугари се регистрираат само нешто над илјада лица, тогаш Бугарија го губи главниот аргумент во преговорите со властите во Скопје, во следните десет години” – пишува овој дипломат. Тој притоа открива дека некаква невладина организација „Македонија“ успеала да открие дека во првите два дена од попишувањето – како бугари се декларирале – само 72 лица.

Разделени 13 илјади пасоши

Останува отворено прашањето – како воопшто е можно некој да дојде до било какви податоци за пописот, уште на стартот, доколку не станува збор за разузнавачко „масло“, или за дејствување на некаков „крт“. Или, поверојатно, за бројка која може и да е „од ракав“ дадена – за да се брани тезата за бугарската „кауза“ во Македонија. За тоа дека станува збор за „бугарска земја“ во која живеат „само бугари“.

Впрочем, Анчев прашува – каде се оние декларирани „бугари“ од Македонија кои имаат земено 130 илјади бугарски пасоши, добиени врз основа на „самоопределувањето дека се бугари по род“, што им овозможило да станат државјани на Бугарија и носители на нејзината патна исправа.

Овој софиски дипломат, барајќи казнување на оние кои нема да се декларираат како „бугари“, ни ја открива нас, во Македонија, тажната вистина за големиот грев кон македонското национално битие, рамно на предавство, што го имаат направено овие луѓе.

Тие без присила, се декларирале дека имаат бугарски национални – етнички корени и се имаат одродено до својот народ.

Доброволно одродување

Меѓу нив има и луѓе присутни на сегашната македонска политичка сцена. На тоа друштво би можел да се стави и предводникот на скопските вмровци, чии најблиски роднини, од страната на сопругата, се имаат изјаснето како етнички бугари во Македонија, што според природата, значи дека и неговата сопруга – е бугарка, а тој е бугарски зет.

Неприродно би било, од едни исти родители, едното дете да е „бугарин“, а другото да не е, иако она првото тврди дека има бугарско потекло.

Затоа и не е случајно, што овој вмровски политичар беше и останува против организирање попис на население во Македонија, иако таква операција немало безмалку 20 години!

А, има уште и многу други од неговото друштво кои, наводно, „сечат вени“ по македонството, продаваат „патриотизам“ во секоја прилика и ги дисквалификуваат невмровците во „предавници“ – иако етнички се определени кон државата која нам, на вистинските Македонци, со децении се обидува да ни ги одземе – идентитетот и етничката посебност.

Во написот во софискиот медиум „Факти“, авторот е лут на неблагодарните „носители на бугарски пасоши“, на кои државата Бугарија им дала државјанство, лични карти, поседување личен имот, покренување бизниси. Тие гласаат на секои бугарски избори, а тамошната држава ги третира како свои граѓани, насекаде низ светот користејќи ги привилегиите што ги имаат како бугари.

Создавање „бугари“ во Македонија

Тој, сепак, не признава дека целата таа операција на неговата држава е смислена за да се создаде „бугарска национална маса“ на територијата на Македонија кои некои би прифатиле таа да имаат статус на малцинство, а оние по тврдите националисти, тоа го отфрлаат, сметајќи дека со нив Софија може да претендира на она што сега го бара од владата во Скопје, а за што е изложена на изолација во ЕУ.

И дипломатот не оди подалеку од овие приказни. Не оди кон Европа, ниту пак европски размислува околу оваа, во основа, налудничава политика од 19 век, пресликана во 21-от, туку во сето ова гледа битка за „одбрана на бугарската национална кауза“, на македонска територија.

Затоа, за прв пат досега, некој во Софија побара од тамошните власти, а притоа го повикува и Парламентот, да реагираат кон овие предавници на бугарштината во соседна Македонија. Нив ги нарекува „луѓе кои не направиле ништо за бугарската нација“ и инсистира да бидат казнети, на тој начин што ќе им биде одземено државјанството (со тоа и пасошот), доколку на сегашниот попис во Македонија – не се декларираат како етнички „бугари“.

Страв од попишување

Авторот на текстот смета дека не само што има основа да се казнуваат овие неблагодарници, туку како дипломат-конзуларец кој ги знае законите, инсистира за тоа да се користат одредбите од бугарскиот кривичен закон, тврдејќи дека кога барале и добиле бугарско државјанство – давале лажни податоци.

Анчев притоа и објаснува дека давањето неточни и лажни податоци за добивање државјанство, се третира како кривично дело – при што најмалата казна е одземање на државјанството.

На најсилен притисок сега се изложени македонските новокомпонирани „бугари“ кои живеат и работат во странство и низ европските земји.

Освен оние непатриоти во прекуокеанскиот свет кои не се пријавуваат на ниеден попис во Македонија, иако ништо нема таму да им се случи, особено што повеќето од нив имаат земено и државјанство на земјите каде сега живеат, така се однесуваат и „бугарите“ што Анчев ќе ги казнува. Сега станува и појасно зашто е многу мал бројот на оние Македонци кои се во странство, а не се попишуваат, без разлика што се носители и на македонско државјанство (и пасош).

Уценети „пишман патриоти“

Страв им е да не разберат оние во Софија како се декларирале во пописните листи, па најлесно им е да го одбегнат попишувањето, а македонството да го задржат само кога ќе треба да се нафрлаат врз оние кои се овде. Само затоа што како вистински македонски патриоти тие сакаат нивната земја да влезе во Европа, на голема врата, за да не мора да се случува да се одродат од својот народ за еден бугарски пасош. Уште притоа и да и служат на една антимакедонска политика.

Тука се гледа целата плиткост на политиканството во времето на вмровскиот режим, кога сега, избеганиот екс премиер, осуден за криминал, силно форсираше земање туѓи (бугарски) пасоши за да се намали бројот на невработените во земјата и за да има простор за полнење на државната администрација со непродуктивно, партиско вработување.

Тие луѓе, сега, се исмевани во Софија како „пишман (бугарски) патриоти“.

Но, најстрашното е што сите мораме да гледаме како од Бугарија ни се мешаат во пописот на населението, вршејќи силен притисок врз нив – за да не заборават дека се „бугари“, заканувајќи им се и уценувајќи ги со казнување за нивната неверност и нелојалност – кон бугарската националистичка кауза.

(Д.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе