Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Европејците само со пасош во Британија

Европејците само со пасош во Британија

Државјаните на Европската унија, од 1 октомври, повеќе не ќе може да влегуваат во Британија само со лична карта – како што тоа го правеа досега. За влез на британската територија на Европејците ќе им биде потребен пасош.

Во Лондон велат дека ваквата одлука е една последиците на Брегзит, но се смета дека зад тоа има и политика на актуелната ториевска влада и нејзината определба да ја продолжи “војната“ со Брисел – за се што може да се најде како изговор.

Брегзит политика

На Даунинг стрит 10 тоа му е потребно за да и натаму одржува рејтинг на влада и партија (како и на премиер) кои постојано водат грижа за државните, британски интереси. Но, во исто време, ова може да биде и „вратка“ за одбивањето на ЕУ, одново, по кој знае кој пат, да се преговара за Северна Ирска – како трговска тампон зона меѓу Република Ирска (членка на ЕУ) и Британија – која сега е надвор од Унијата.

Овој пат, само затоа што Лондон (сега) има утврдено дека договорот за Брегзит со ЕУ, што инаку британската страна го истурка да биде ваков каков што е, па за тоа беше сменет и еден премиер (Тереза Меј), не и одговара на владата на Борис Џонсон – за тамошните внатрешно – политички потреби. Конечно, до крајот на оваа година, Британците треба да и вратат (да и ги платат) на Унијата првите осум милијарди евра, надокнада за британското, со ништо не испровоцирано, излегување од ЕУ.

Фалсификувани документи

Британскиот Хоум Офис, меѓутоа, за ваквата одлука – задолжително пасоши, а не лични карти – ја обвини европската страна. Ова министерство тврди дека новата мерка ќе ги „попречила криминалните банди, како и други лица“ да го злоупотребуваат британскиот систем, инсистирајќи дека личните карти (на Европејците) се “недоволно безбеден документ“.

Министерството за внатрешни работи во Лондон тврди дека дури 48 отсто од лажните документи кои се откриени во Британија, во текот на 2020 година, биле европски и швајцарски лични карти.

Британските власти тврдат дека личните карти можат многу полесно да се фалсификуваат од пасошите, затоа што некои од нив немаат биометриски податоци. Британската министерка Прити Пател која се претставува како силен заштитник на британството и во оваа прилика тврди дека одлуката има за цел борба со криминалот, со криминалците и со оние кои се обидуваат илегално да влезат во Британија со лажни документи.

„Контрола врз системот“

Во основа, мерката е дел од пропагандната порака пред референдумот за Брегзит и по него, дека со излегувањето од ЕУ, Британија „ќе ја преземала контролата врз своите граници и врз имиграцискиот систем“, што и самата министерка го има речено во соопштението на Хоум Офисот.

Исклучок од новата мерка за влегување со пасош во Британија, а не со лична карта, е направен само за државјаните на Република Ирска, како и на оние од ЕУ и Швајцарија, кои имаат право на престој – жителство во Велика Британија.

Овие луѓе ќе може да ги користат личните карти, при влезот на британска територија, но само до 31 декември 2025 година.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе