Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Тапи: милионер, политичар и затвореник

Gind2005, Bernard Tapie avec Alexandre Delpérier en 2012, CC BY-SA 3.0

Тапи: милионер, политичар и затвореник

Бернар Тапи, еден од најпрепознатливите личности во францускиот бизнис, во спортот, како сопственик на фудбалски клуб, потоа и како политичар, но и личност чие име со години се провлекуваше низ разни афери и судски процеси, за кои беше и осудуван, почина во својот дом во Париз, после четиригодишна битка со ракот во стомакот. Имаше 78 години.

Во еден период Тапи беше сопственик на компанијата Адидас, го поседуваше фудбалскиот клуб „Олимпик“ од Марсеј, а беше и министер во француската влада, кога претседател беше социјалистот Франсоа Митеран.

Но, овој контроверзен Французин, имаше низа проблеми со законите, па извесно време помина и како затвореник. Потоа, со години се обидуваше на секој начин да го исчисти својот лик, но никогаш не успеа во тоа. Како што никогаш не успеа да го врати својот некогашен углед.

Купи евтино – продади скапо

Бернар Тапи е роден и израснат во типично француско работничко семејство. Без никакво богаташко педигре, или потекло од средната класа, тој има влезено во високото и богато француско општество.

Овој парижанец, почнал од дното – прво како пејач, а потоа продолжил како возач на тркачки автомобили. Тогаш влегува во бизнисот – купува пропаднати фирми и бизниси, ги разработува, а потоа ги препродава. Своето богатство го покажува кога го купува фудбалскиот клуб од Марсеј. Како и во бизнисот со кој се збогатува, така и во овој случај, го покренува „Олимпик“ од осредноста и со него го освојува француското првенство. Клубот стана пет пати првак на Франција, а еднаш и на Европа.

Но, тогаш и прв пат се соочува со законите, откако тој и клубот беа обвинети дека биле замешани во местење на резултати, па клубот остана без титулата, а потоа беше казнет со префрлање во втората француска фудбалска лига.

Во меѓувреме, Тапи стана сопственик и на еден велосипедски клуб со кој на двапати победи на прославената трка „Тур де Франс“. Во тоа за него еуфорично време, стана и мнозински акционер на Адидас, по што, во деведесеттите години на 20 век реши да влезе во политиката. Прво, како министер за урбанизам, каде остана кусо време на таа функција, а потоа како француски и европратеник од Марсеј.

Левичар, па десничар

Се има вклучувано и во светот на забавата, на филмот и на телевизијата – како актер и како ТВ водител на дебатни емисии – во настојувањето да го извлече целиот негов бизнис (и кариерата) од кризата во која беше западнат. Во тие години мораше да оди во затвор за местење на фудбалските резултати, а го обвинуваа за корупција, за даночни измами, како и за злоупотреба на пари на компанијата.

Најголема врева во јавноста, сепак, се подигна околу развлечената афера што се создаде во врска со компанијата Адидас. Случајот потекнува уште од времето на претседателот Митеран, но за него, за малку, ќе настрадаше и Кристин Легард, сега претседателка на Европската централна банка (ЕЦБ), а пред тоа, на два пати и директор на ММФ.

Станува збор за тоа дека Тапи, уште на времето, ја тужеше банката Креди Лионез која ги имаше откупено од него, акциите на Адидас. Тапи ги продаде за да може да стане министер. Тужбата се однесуваше на тоа дека банката го измамила Тапи, откупувајќи ги акциите по пониска цена од вистинската.

Судскиот спор се има развлечено се до времето кога сега веќе мошне богатиот, некогашен социјалистички министер смени страна во политиката, па во 2007 година го подржа Никола Саркози, за претседател на Франција.

Сомнеж врз Кристин Легард

Неколку месеци подоцна, новата министерка за финансии во владиниот кабинет со Саркози како претседател, Кристин Легард, се определи да интервенира во долгиот судски спор – наредувајќи спорот на Тапи со банката, да се реши со арбитража.

А, арбитражната комисија, составена од судии, одлучи на Тапи да му се исплати отштета од 285 милиони евра, што со каматите се зголеми на 404 милиони.

Легард се бранеше дека во целата постапка се било законски, но Креди Лионез се жалеше и апелациониот суд во 2015 година ја отфрли арбитражата и пресуди – Бернар Тапи да ги врати земените 404 милиони евра. Тогаш „на тапет“ беше ставена Легард, која во 2016, веќе како директорка на ММФ, на неколку пати беше сослушувана за да се испита дали замешувајќи се во спорот, ги има прекршено своите овластувања.

Особено што сето тоа „мирисаше“ и на политичка корупција, поради самиот Тапи и со неговото неочекувано префрлање од социјалистичкиот, во десно – центристичкиот табор. Сомнежот беше дека го има подржано Саркози за да го добие спорот со банката. Ништо од тоа не излезе. Тапи ги врати парите, а Кристин Легард се извлече неоштетена од целиот случај.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе