Поврзете се со нас

Skopje Global

„Фејсбук штетен за децата и демократијата“

Свет

„Фејсбук штетен за децата и демократијата“

agencyby/Depositphotos.com

„Фејсбук штетен за децата и демократијата“

Поранешната директорка на Фејсбук Френсис Хоган, со своите неочекувани изјави за оваа социјална мрежа – за состојбите во самата компанија, како и за влијанието што мрежата го има врз општеството и вкупно врз јавноста, преку неговите корисници – предизвика таа да биде повикана на сослушување во американскиот Конгрес.

Нападот на Хоган врз Фејсбук започна со нејзиното интервју за американската телевизиска компанија Си – Би – Ес во кое таа  ја обвини компанијата, каде работела,  дека наместо популарниот слоган – дека оваа социјална мрежа ги поврзува луѓето – зад него се крие,  нешто сосема друго. Тоа е дека Фејсбук и луѓето кои го предводат,  ги интересира само профитот,  кој доминира пред безбедноста. И ништо друго.

Сведочење во Конгресот

Хоган (37) е поранешна директорка во тимот кои работи против дезинформациите. Во интервјуто таа признала дека при заминување од компанијата, има  обезбедено ( ископирано) илјадници документи кои го потврдуваат нејзиното тврдење,. Притоа , открила дека таа  му ги има испратено копиите на весникот „Вол Стрит Џорнал“ кој почна да ги објавува пред три недели.

Во нив, меѓудругото, се откри дека славните личности, политичарите, како и низа посебни корисници на Фејсбук, компанијата ги третирала сосема поинаку од „обичните“ корисници, а тие вкупно се над 2,7 милијарда луѓе во целиот свет.

Од протечените документи веќе објавени,  се разбра и дека Фејсбук се соочил со тужба од група негови акционери. Таа група тврди дека компанијата има исплатено пет милијарди долари на американската Федерална трговска комора за да тивко, без штета за компанијата, се разреши скандалот со податоците на Кембриџ – аналитик.

Но, како што тврделе тужителите- со исплатените пари требало да се спречи нарушување на  угледот на Марк Цукерберг, а особено, требало да се обезбеди – тој да се заштити од личната одговорност.

Откритијата на Френсис Хоган

Станува збор за аферата во чија суштина е откритието дека личните податоци на 87 милиони луѓе – корисници на Фејсбук – беа злоупотребени за потребите на политичка кампања, без тие да знаат за тоа.

Дејствувајќи за време на изборната кампања во 2016 година, за потребите на Доналд Трамп – „Кембриџ – аналитик“  тајно ги има собрано податоците на корисниците на Фејсбук, за да потоа, им испрати специјално определена содржина, до секој од нив. Тоа тогаш беше оценето како силна злоупотреба на приватноста, но и како директно влијание врз нивното мислење –  сето тоа направено со цел за да се определи исходот на изборите.

Материјалите кои ги објавува „Вол Стрит Џорнал“ (весник кој важи за близок на републиканците во САД и посебно до Трамп, затоа што сопственикот на весникот, Руперт Мардок лобираше за Трамп и тогаш, а и за изборите во 2020 година) – откриваат детали и за „лошото и погубно“ дејствување на Инстаграм, што, инаку, е производ на компанијата Фејсбук.

За оваа социјална мрежа се вели дека посебно ги згрижува американските политичари, особено што истражувањето што го има направено самиот Фејсбук, открива дека Инстаграм е „токсичен за многу млади низ САД и низ светот“.

Токсичен Инстаграм

Истражувањето има откриено дека социјалната мрежа (со редење слики и фотоси на интернет порталот) влијаела многу врз менталното здравје на тинејџерите. Фејсбук, меѓутоа, никогаш не ги има публикувани  сознанијата – за тоа колку оваа платформа е „отровна“ за младите корисници.

А, од она што се има сега појавено, преку материјалите што Хоган му ги има дадено на њујоршкиот весник, се открива  дека дури 32 отсто од младите Американки, учествувајќи во истражувањето на Фејсбук,  имаат речено дека – „секогаш кога се чувствувале лошо во врска со своето тело (и изгледот воопшто), Инстаграм предизвикувал да се чувствуваат уште полошо“.

Појавувањето на Френсиси Хоган пред поткомитетот на Сенатот на САД, како сведок, затоа, предизвика голем интерес во американската јавност, но и силни одгласи низ светот.

Таа, пак, и при сослушувањето пред сенаторите ги има повторено обвинувањата дека „апликациите на Фејсбук, такви какви што се сега, им нанесуваат штета на децата, внесуваат поделби и ја ослабуваат американската демократија“.

Цукерберг има огромна моќ

Хоган тврди дека раководството на компанијата „знае  како да се направат Фејсбук и Инстаграм побезбедни“. Меѓутоа,  не сакаат да го направат она што треба, бидејќи се грижат само за своите астрономски приходи. „ Нив луѓето , едноставно, не ги интересираат“- изјавила при сведочењето.

Во таа прилика, таа остро го има критикувано основачот и сопственикот на компанијата, Цукерберг. Хоган тврди дека „него никој не може да го контролира – што и како работи- ниту да го повика на одговорност, освен самиот тој“.

За хаваријата што се случи на 4 октомври и траеше цели шест часови, таа вели дека не знае како тоа можело да се случи.

Меѓутоа, на сенаторите им има речено дека во основа, инцидентот и самата хаварија  се добра работа. „Во тие шест часови,  кога Фејсбук не можеше да се користи, не се продлабочуваа поделбите (во општеството), не се  дестабилизираше демократијата, а не можеше  да се влијае врз младите девојки и жени да се чувствуваат лошо поради своите тела и својот изглед“. Тоа според неа, биле добри шест часови.

Време е за правила за интернет

Во своето сведочење, како што пренесуваат американските медиуми, Хоган побарала од Конгресот на САД да се воспостави надзор. “Мора да се дејствува сега и тоа веднаш“ – рекла поранешната директорка на Фејсбук.

Од компанијата, на сите овие откритија и на обвинувањата, одговорија со посебна изјава во која, во основа,  се омаловажува нивната поранешна директорка.

„Сето она што Френсис Хоган го зборува се работи за кои таа нема знаење“ – се вели меѓудруго во реакцијата на компанијата.

Сепак, во Фејсбук се согласуваат дека е дојдено време за да се воспостават стандарди и правила за работењето на интернет. Самиот Цукерберг, пак, изјавил само дека не е точно обвинувањето дека него го интересираат само парите и профитот.

Во секој случај, како демократите, така и републиканците во Конгресот на САД се согласуваат дека кај двете компании и посебно во Фејсбук, се неопходни промени. Медиумите надвор од САД, притоа, забележуваат дека станува збор за редок случај кога двете американски партии се согласуваат околу некое прашање.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе