Поврзете се со нас

Skopje Global

Шеикот од Дубаи ја хакирал екс сопругата

Свет

Шеикот од Дубаи ја хакирал екс сопругата

bloodua/Depositphotos.com

Шеикот од Дубаи ја хакирал екс сопругата

Шеикот од Дубаи Мохамад ал Мактум, го хакирал мобилниот телефон на својата поранешна сопруга, принцезата Хаја од Јордан, со која веќе две години не живеат заедно.

Покрај мобилниот на принцезата, биле хакирани и телефоните на нејзините двајца британски адвокати – Фиона Шеклтон и Ник Манерс, како и на сите луѓе во нивниот правен тим. Адвокатите ја застапуваат принцезата пред судот, откако таа побегна од Дубаи, од шеикот – сопруг, заедно со нејзините две деца и побара (и доби) дозвола за престој во Британија, како и развод од Ал Мактум.

Принцезата Хаја е ќерка на покојниот јордански крал Хусеин и полусестра на сегашниот суверен на Јордан, кралот Абдула.

„Прогонувана и ловена“

Откритието за хакираните телефони го соопшти лондонскиот Виш суд, каде е во тек постапката за разводот на принцезата и шеикот. Според судот, станува збор за тешка повреда на британското кривично право, но и за недозволено мешање во работата на судот, како и во правото на една мајка да обезбеди за себе правда.

Во својата прва реакција за инцидентот, принцезата изјавила дека таа продолжува да стравува за себе, за нејзината и за безбедноста на децата од можноста тие да бидат грабнати, а таа казнета на некаков начин од суровиот шеик.

„Ова само покажува дека сум и прогонета и ловена“ од екс сопругот и од неговите луѓе – рекла по тој повод принцезата.

Ал Мактум кој деспотски владее со Дубаи, емират кој е составен дел од блискоистолната држава Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), се брани дека не знаел за хакирањето, но во својата реакција го критикувал судот што пред да го обелодени случајот не го известил за сознанијата. “Тоа е крајно нефер однесување“ – изјавил шеикот.

Киднапирање на сопствените ќерки

Лондонските медиуми пишуваат дека хакирањето на поранешната сопруга и грубата реакција во врска со откривањето на случајот, само покажува за каков човек станува збор и за тоа каков е, всушност, владарот на овој богат со нафта и гас емират, кон своите жени и кон жените воопшто.

Пред повеќе од една година, овој арапски милијардер беше обвинуван дека ги има киднапирано своите две ќерки, кои побегнале од неговите раскошни палати во Дубаи, за да живеат свој живот, онака како што тие сакаат. Во еден момент ќерките беа третирани како исчезнати лица, но се дозна дека се грабнати и насила вратени во Дубаи, од неговите луѓе за безбедност. Интервенираше дури и ОН, барајќи од шеикот објаснување за судбината на една од ќерките, за која извесен период се стравуваше дека е убиена, се додека таа самата не се огласи.

Принцезата Хаја беше неговата шеста сопруга. Се уште не се знае зашто една млада жена, уште со кралско потекло, која пред тоа се занимавала со спорт, учествувајќи еднаш и на Олимписките игри, прифатила да има средновековен третман во дворецот на шеикот од Дубаи.

Шеикот е пријател на Британија

Во 2019 година, таа сепак, побегна од него со децата, што сега шеикот на секој начин настојува да и ги одземе. Принцезата се крие „некаде во Британија“ и живее со силно обезбедување, во очекување на разврската на судскиот случај. Тврди дека постојано прима заканувачки пораки од луѓето на шеикот, а нејзиното обезбедување има откриено дека Ал Мактум настојувал да купи куќа во близина на локацијата каде престојува неговата поранешна сопруга, што се третира како обид да биде надгледувана и евентуално грабната.

Случајот со хакирањето прва го има насетено Шери Блер, угледна британска адвокатка за човекови права. Застапувајќи една невладина организација, од Блискиот Исток, сопругата на поранешниот британски премиер Тони Блер, има дознаено дека се користи мрежа за хакирање во регионот и за тоа ги предупредила адвокатите на принцезата Хаја.

Мохамад ал Мактум е близок пријател на Велика Британија и важи за британски сојузник на Блискиот Исток.

Во Британија тој поседува броен недвижен имот – земја, големи и раскошни куќи и луксузни станови, а се јавува и како инвеститор во Обединетото Кралство. Дури и да се докаже дека е замешан во хакирањето, како странски суверен, не би можело да се повика на одговорност.

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе