Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Државници-политиканти

Curioso_Travel_Photography/Depositphotos.com

Државници-политиканти

Неодамна во македонската јавност се случи бранување, посебно на социјалните мрежи, кое го предизвика собирот организиран од МАНУ, крстен како: Свечен научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“.

На собирот настапија двајцата живи екс-претседатели на Република Македонија, актуелниот претседател на Република Северна Македонија, претседателот на МАНУ, како и двајца блиски соработници на починатите – првиот и вториот претседател на Република Македонија.

Двајцата екс – претседатели кои иако релативно млади прифатија доживотно да уживаат во (неоправдано) законски стекнатите постпретседателски бенефиции, што е многу индикативно, се јавија на овој собир откако, претходно, своеволно ги „замрзнаа“ своите јавни настапи, па премолчеа низа значајни настани за нацијата и државата што се случуваа и ги мачеа граѓаните и општеството за време на нивниот (општествено неодговорен) молк.

Во една прилика едниот од екс – претседателите изјави дека не се појавува во јавноста за да не и наштети на „неговата“ партија, па се јавува дилема – како да се протолкува сегашното ненадејно појавување!?

Проѕирна политичка кампања

Сепак, според она што зборуваа, настапот на екс – претседателите не беше, како што би требало да биде – државнички, уште помалку беше научен. Во овој контекст треба да се спомене и претседателот на МАНУ кој со компетенција за информатика, за што е примен во академијата, го води „орото“ за историски, идентитетски и јазични прашања.

И, некои академици заиграа на слична карта, како пред дваесет години кога тогашното раководството на Академијата, на чело со претседателот – генетичар, благонаклоно го прифати предлогот за поделба на земјата со размена на територии и население, но по реакциите на јавноста се повлече.

Сегашниот собир според презентираните анализи, констатации, поенти и изведени заклучоци, повеќе наликуваше на политичка дебата со огромни дози на политиканство. Неколку елементи го аргументираат ваквиот заклучок.

Прво, тоа е моментот.

И МАНУ, како организатор, а и екс – претседателите, како „државници“, знаеја или требаше да знаат дека уште од октомври 2017 е познато дека во октомври 2021 година ќе се одржат редовни локални избори, а кампањата ќе почне кон крајот на септември. Сепак, собирот беше организиран на стартот на политичката изборна кампања. Дури и Собранието, иако не е законски обврзано, со стартот на кампањата ги запре своите заседанија.

Прашање е зошто во оваа претстава влета актуелниот претседател (иако неговиот настап беше коректен), со тоа давајќи им легитимитет на политичките настапи на екс – претседателите.

Второ, е воопштувањето.

Зборувајќи воопштено за сегашните состојби во државата и општеството, без конкретно лоцирање на политичките носители на власта во претходниот анализиран период (1991/2021) – едниот малку позавиено, другиот жестоко директно – целата одговорност за насобраните состојби во сите сфери од животот, посебно за криминалот, корупцијата и за националните, идентитетските, меѓунационалните и меѓународните интеграциски процеси и проблеми, на еден перфиден начин ги пренасочија само кон кон актуелната власт.

Отворија стратешки теми само со цел – веднаш потоа нивните поддржувачи, како и опозицијата, оркестрирано да бараат оставки и во владејачката партија и во власта.

Трето – политиканството.

Со политикантискиот пристап во своите обраќања екс – претседателите, иако декларативно се залагаа за изготвување на некакви платформи за сплотување и за национално единство, само создадоа услови за уште поголемо продлабочување на актуелните енормни поделби во македонското општество.

Политички (внатре во владејачката партија и со опозицијата), внатре – национални (наводно, биле продадени идентитетот, јазикот, историјата…), потоа, меѓунационални (на еден од екс – претседателите некој треба да му каже дека во нашата земја не живеат само Македонци), социјалните (со изнесување бројки од ракав), како и околу стратешките цели на земјата (добрососедски односи – за кои се кажаа оцени за лоши договори со барање за предлози за нивно поништување, па влезот во НАТО, приемот во ЕУ, до барање алтернативи).

Четврто, е премолчувањето.

Зборувајќи со политикантска дикција, екс – претседателите заборавија да ги споменат големите политички, општествени настани и процеси кои негативно се одразија на развојот на земјата. Нејзините застои во евро – атлантските интеграции и особено за ’ртењето и распространувањето на национализмот, криминалот и корупцијата како плевел за време на годините кога едниот беше и премиер и претседател, а на вториот му обезбедија да истера два претседателски мандати, а сега двајцата критички зборуваат и обвинуваат.

Не треба да се разглобува повеќе, туку треба да се кажат само круцијалните проблеми. Транзицијата, односно приватизацијата на општествениот капитал, кога државата пропаѓаше како кредит – „на рати“, а криминалот цутеше, малкумина се збогатија, многумина осиромашија, за што едниот вели – дека „грешел, но кога би бил со сегашниот памет…, и толку од одговорноста.

Другиот пак, го премолчи најцрниот период по осамостојувањето – декадата на режимот, политичкиот организиран криминал, кој доведе до заробување, ограбување и осиромашување на државата и на граѓаните. Период на антиквизацијата како проект со кој се бараа „постари корени и подобар национален идентитет“ од автохтониот македонски – словенски, за што се потрошија стотици милиони евра, иако поради тоа Македонија беше изолирана од светот и беа прекинати процесите на нејзината европска интеграција.

Овој вториов ја „заборави“ исконструираната, криминална „мала војна“ со многу жртви во Куманово, неговата скандалозна амнестија на криминалците од врвовите на режимот што ја предизвика „Шарената револуција“, како крвавиот обид за државен удар во Собранието, за да останат режимот и неговата партија на власт.

Петто, се состојбите.

Како „државници“, екс – претседателите треба да знаат дека држава која била заробена долго време, не се ослободува брзо и лесно и дека, и сега, четири години по падот на власта на „бегалецот од правдата“, таа е сé уште во голем процент заробена и криминализирана. Во најголем дел од инсталациите на паднатиот режим, што и натаму се сместени во институциите, а делумно се преземени и од некои од новодојдените припадници на актуелната власт (дел од нив беа и партнери при владеењето на режимот), на кои ваквата состојба добро им доаѓа.

Посебно што процесот на ослободување најтешко и најбавно се одвива во институциите кои треба да се борат против криминалот и корупцијата – судството, обвинителството, Судскиот совет, Советот на обвинители, Врховниот и Уставниот суд, МВР…

Шесто, се мотивите.

Веќе дома и во светот не поминуваат – и во оваа прилика пласираните концепти и сфаќањата – државата да се води со тврди и бескомпромисни стравови, со “црвени линии “ кои се граничат, или завлегуваат во изразениот национализам на екс – претседателите. Потребни се меки ставови за правење компромиси и за барање реални, остварливи решенија и соработка со меѓународниот фактор. Секако, без да се загрозат националните интереси, кои умешно ги практикува актуелната власт и кои носат резултати.

Врз ваков концепт се дојде до приемот во НАТО, а потоа и давањето „зелено светло“ за почеток на преговорите со ЕУ (едниот екс – претседател Договорот со Грција го смета за „нужно зло“, другиот – бара негово поништување, а двајцата, едногласно, се против Спогодбата со Бугарија). Таквата политика е особено неприфатлива за вториот. Тој е еден од идеолозите на т.н. антиквизацијата, на отжувањето од словенството, стратег за целосно помакедончување на државата и заговорник на „источните“ алтернативи.

Седмо, е целта на сето ова.

Кај двајцата екс – претседатели, кои идеолошки и политички се крајно различни (иако се деца на социјализмот), се манифестира еден заеднички интерес кој, како што би рекол азилантот од Будимпешта, „се гледа од авион“. Таа цел е да се собори актуелната власт, пред сé, да се тргне премиерот и лидер на владејачката партија, со пораз на локалните избори кои би предизвикале предвремени парламентарни избори, или ново владејачко мнозинство во Собранието.

Со тоа на нефер начин се определуваат на едната политичка страна (што не им доликува на некакви екс – татковци на нацијата), со вклучување во дневно – политичкиот натпревар наречен (локални) избори.

Секако, тоа треба да ја однесе водата на воденицата на најголемата опозициска партија, која сака да дојде на власт, без ниту да им се извини на граѓаните за декадата зулуми што им ги направи на граѓаните, државата и општеството и без да се обиде барем (од надвор) да се реформира. Не покажувајќи притоа ниту тоа дека таа партија има персонален и програмски капацитет за водење држава.

Болна политичка суета

Актуелната власт не е идеална и без грешки. Напротив, но таа и по цена на намалување на рејтингот, па и на губење на позицијата, посебно нејзиниот лидер, носеше храбри одлуки во интерес на државата и на сите граѓани, што не беше случај со екс – претседателите за време на нивните мандати.

Вистинските државници се разликуваат од политикантите по залагање за остварување дури и на неможното, но го прифаќаат остварувањето на можното и реалното со правење компромиси.

Вистински државници се оние кои во своите ставови, размислувања и пресудувања ги отфрлаат емоциите, субјективноста и особено ја отфрлиле суетата – зашто некој друг, што дошол по нив – го остварил она што тие не успеале. А, тоа е од поширок општествен интерес и од интерес за државата и на граѓаните.

Манчо Митевски

(авторот е новинар)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе