Поврзете се со нас

Skopje Global

Изборите (сепак) се локални

Едиторијал

Изборите (сепак) се локални

bizoon/Depositphotos.com

Изборите (сепак) се локални

Во Македонија се одржуваат редовните, локални избори – за градоначалници и членови на советите на општините. Во јавноста, меѓутоа, се создава политички набој, од актерите на политичката сцена, што силно го потхрануваат медиумите, а пред се, бројните телевизии, како да станува збор за парламентарни избори. А, тие се одржаа во средината на август минатата година и до ова време, лани, се создаваше владејачката коалиција.

Изборите, според тоа, се однесуваат за локалните проблеми и состојби. Но, вмровската опозиција која 11 години режимски владееше со државата, оставајќи тешки проблеми и последици, што се уште не можат до крај да се надминат, во годинешнава изборна кампања за локалната власт, е влезена со цел – за да дојде на власт.

Нема тука грижа за иднината на градовите и општините и на луѓето во нив, туку само тоа одново да се владее – вмровски. Нивниот план е преку правење партиски преврат со собранискиот распоред на силите, да се направела некаква нова коалиција – во стилот на Словенецот Јанез Јанша и тамошните случувања, од каде се зема урнек. Во македонскиот случај, командата би требало да ја имаат оние за кои (пред четири години) требаше „шарена револуција“ за да се ослободи државата.

Спремање преврат во Парламентот?

Во таа шема се влезени сите провмровски медиуми, но и дел од јавноста, посебно оние кои се имаат солидно офајдено од долгите режимски години.

Низ бројните криминали, наместени тендери, испраните пари, вработувањето во државната управа со партиска книшка за цели семејства (уценети да гласаат за вмровците во секоја прилика – а тогаш тоа се правеше на секои две години), дадени пари од државната каса за (наводно) национални проекти. Со газење на демократијата и на човековите слободи, со продаваље на државата на Истокот, каде заминаа, или каде се сместија (за пари) разни овдешни професори.

На ова шарено друштво на (божем) незадоволници од состојбите во државата, кои сега работат на тоа да се прави преврат по локалните избори, годинава, прв пат отворено, се има приклучено и опозицијата во редовите на владејачката партија (ако тие, воопшто, се уште се дел од таа партија) – за да му ја задоволат суетата на нивниот шеф – предводник, од сенка, што сега е поранешен политичар на „дебела“ апанажа.

Самиот тој го покажа своето одметништво, држејќи говори по наместени форуми, во стилот на домашните лажни патриоти и однесувајќи се онака како што не му доликува на некој кој бил и премиер и претседател.

Браќа според намерата

Никој и никаде во Европа (и во секоја политички цивилизирана држава) не станува отворено против „својата“ партија и идеологија, само за да го собори актуелниот лидер, затоа што не може да го стави под своја контрола.

Уште и напуштајќи ги основните стратешки цели на државата што на два пати му била дадена на управување – (практично) спротивставувајќи се на македонските евро – атлантски процеси. Рамо до рамо, со националистичката, антиевропска, антизападна и происточна опозиција, како што тоа беше случај и при референдумот за историскиот договор од Преспа кога овие две страни заговараа бојкот.

Затоа овие две страни – браќа според намерата – годинешниве локални избори им се како нарачани, за да се атакува врз оние кои (вистински) бијат битка за влез на Македонија – на голема врата – во Европа. Со целосен респект за државните и националните (на етничките Македонци) интереси.

Тоа го покажуваат и договорот од Преспа (со Грција), каде тоа е директно истакнато, но и договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија – каде нема ништо „предавничко“. И згора на се, во ситуација кога ништо со Софија не е договорени, ниту потпишано, за да дискредитора (пред гласачите) актуелниот премиер.

Кога во ова геостретршко невреме, ја врши работата што, инаку, одамна требаше да ја заврши оној што сега удобно живее од апанажата и „по старе дане“ – продава комитлак.

Кич – престолнина

Што се однесува, пак, до изборите за градоначалници (општински совети) што во Европа, посебно во западниот дел, минува како рутинска работа, во која медиумите, најчесто се вклучуваат пред деновите кога се гласа, тоа е работа која ги интересира вмровците.

Тогаш, меѓутоа, се отвара прашањето за тоа што тие направија за долгите години кога владееја со општините – како што им одговараше.

Нема овој пат да се споменуваат местените избори, но Скопје го имаа под контрола во три мандати, со еден ист човек во чие време „главен архитект“ стана деспотот што избега за да не оди во затвор, а главниот град на Македонија стана единствениот кич – престолнина на континентот, за што ни се смеат низ Европа.

Со правење лажни антички споменици, што сега не може да се тргнат и со лажен нео – класицизам кој ниту му личи на градот, ниту пак било кога во неговата историја, го имал. Наместо да се задржи и унапреди современиот изглед, концепт прифатен од сите по земјотресот од 1963 година. Вината за таа сега непоправлива будалаштина, треба да се бара и кај градските архитекти и кај архитектите воопшто, но и кај медиумите кои аминуваа, или молчеа на скрвнавењето на Скопје.

„Крадеа, ама градеа”!?

Во внатрешноста на земјата немаше ништо направено – освен што, на пример, Прилеп трошеше дебели пари за журки, најчесто без вкус со увезени ѕвезди од екс ЈУ простори, а партизанските гробишта, на кои истите вмровци, сега, одат божем да се поклонат пред жртвите, а порано не даваа пари за нивното одржување.

Или, Охрид, што поради интензивното „бетонирање“ на неговиот брег – во стилот, ќе се правел туризам, наместо да се мрестат крапови – за малку ќе го загубеше статусот на град – заштитен од УНЕСКО. Уште и охриѓани и сите ние другите доживеавме – некакви еколози да ја накодошат сопствената држава и да бараат да се казни градот со одземање на привилкегуваниот статус – иако 11 години му служеа на режимот, гледајќи како кафеаните и кафулињата, полека, навлегуваат до среде езеро.

Останаа од тоа време само да се зборува дека екс градоначалникот на Аеродром менаџира со шеесетина станови во населбата. Дека поранешните, од Ѓорче Петров, како и оној од Карпош, па и оној од Битола, имаат по десетина и повеќе станови. Јавноста не знае како тие може да имаат, а обичните луѓе не може да дојдат до нив, ама сега целото тоа друштво од дежурни критизери и исти такви „незадоволници“, за жал и тие кој ништо немаат „грабнато“ – продава некоја своја филозофија, која веројатно само во оваа средина може да се продаде – ОК, тие крадеа, ама и градеа!?

Останаа „мртви згради“

„Шарените“ кои делумно меѓусебе се растурија, затоа што и меѓу нив имаше такви кои излегуваа на улица за да се офајдат со нешто – позиција некаква, или уште повеќе – некоја функција во градот, или на државно ниво, тогаш бараа да се запре градењето, колку за да се гради, а потоа изграденото да стои незавршено, или да зјапаат празни станови, какви што најмногу има во Скопје.

Останаа такви „мртви згради“ за кои се потребни екстра пари за да се довршат, иако се знае дека се започнати само за да се исперат домашните и странски пари кои „шетаа“ низ земјата, а од што полза имаше само партијата која владееше како во комунистичко време.

Останаа исечени илјади дрвја низ градот, го уништија единствениот булевар со дрвореди, од падините на Водно направија мастодонтска населба за новата вмровска елита и новокомпонираните богаташи кои (поради фрустрацијата) сметаа дека и тие мора да бидат таму, како оние пред нив, кога поради земјотресот, во подножјето, израсна нова населба.

Имаше тогаш пари за непотребни, екстра мостови на Вардар, за фасади со лавови и со разни птици, за рингишили во центарот на градот, за ротонди што потоа ги сокрија, за споменици кому треба и најмногу кому не треба, но немаше за пожарни возила, на пример.

Распарталено Скопје

Кога некои македонски градови добиваа пожарни на старо, како помош, тогашната власт и деспотот, го уништуваа Скопје со непотребни градби кои сега се уште не може да се завршат. Немаше тогаш пари ниту за возила за миење на улиците кои новите градски власти ги набавуваа – за прв пат после 30 години.

Тоа се работи и теми за кои треба да се расправа за локални избори.

Така се прави низ Европа, како што овдешните сеирџии, дежурни критизери по социјалните мрежи и незадоволници што ништо не добиле досега, тврдат дека Македонија сакаат таму да се најде – ама не по било која цена.

Ако треба (и ние) ќе јадеме корени, ама нема да правиме компромиси – со „оние бугарине“.

Сега тие таквите, или се јавуваат како „независни кандидати“ – како онаа вмровската кандидатка што (партиската) коморска фотеља сака да ја замени за градоначалничка, или пак се прикачуваат за некоја мала партија – за да се пазарат со победниците на изборите. Во добро познатиот македонски стил – за некоја функција, или за нешто пари.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе