Поврзете се со нас

Skopje Global

Хрватскиот јазик услов за Србија во ЕУ?

Западен Балкан

Хрватскиот јазик услов за Србија во ЕУ?

zrad/Depositphotos.com

Хрватскиот јазик услов за Србија во ЕУ?

Србија која на патот кон ЕУ – освен владеењето на правото, како услов за напредок на патот кон Унијата и за влез во полноправно членство го има и признавањето на Косово – може да се соочи и со блокадата на Хрватска – за хрватскиот јазик.

Официјални најави за тоа од Загреб нема, иако хрватската страна веќе има навестувано дека постојат “прашања и предуслови“ кои може да ги побара од Белград во текот на преговарачкиот процес – главно врзани за кусотрајната војна на тлото на Хрватска, при распадот на Југославија.

Но, Хрватската академија на науките и уметностите (ХАЗУ) побара од владата како услов за влезот на Србија во ЕУ, да побара од функционерите во Белград “јавно и недвосмислено да признаат постоење на хрватски јазик, како посебен и независен стандарден јазик, еден од официјалните јазици на ЕУ“.

„Негирање на хрватската посебност“

Според загрепските медиуми, ваквото барање потекнува од Одборот за нормирање на стандардниот хрватски јазик при Академијата, па сега ова станува и официјален став на ХАЗУ. Соопштение за тоа е испратено до медиумите, како и до премиерот Андреј Пленковиќ.

Во образложението на барањето се вели дека тоа е донесено поради „фактот дека разните културни и јавни тела во Србија, како и сите институции кои се финансираат од буџетот – со јавни пари – се почесто и со години на ред, го негираат хрватскиот јазик и неговата посебност”. Посебно, кога станува збор за неговата историја, обвинувајќи ја српската страна за „присвојување на хрватското книжевно/литерарно наследство.

Во ХАЗУ се посебно гневни што тоа посебно се прави со хрватската книжевност на Дубровник, па Србија се обвинува дека дубровничката литература и натаму се прикажува дека е правена и пишувана на српски јазик.

Одборот за нормирање на хрватскиот јазик тврди дека се појавиле со вакво соопштение и со барање до хрватската влада за блокада на српското пристапување во ЕУ, затоа што во образовниот програм на училиштата низ Србија, хрватскиот јазик „лажно се прикажува дека не постои и дека всушност, станува збор за српски јазик“, кому (сега), наводно, само му се прикачува ново име, па се нарекува – хрватски јазик.

Сличности и разлики

Ваквото соопштение од Загреб навестува избувнување на уште еден балкански (историско – јазичен) спор, сличен на оној што на Македонија и го наметна Бугарија, блокирајќи ја во моментот кога требаше да го отвори преговарачкиот процес со Европската комисија за влез во ЕУ.

Софија сама, или поттикната (притисната) од страна, седниците на т.н. историска комисија, предвидена со Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји, ги злоупотреби наметнувајќи барања какви никој и никаде нема побарано при влегувањето во ЕУ. За коренот на јазикот на земјата – кандидат, или за националната посебност на етничките Македонци, во денешна независна Република Северна Македонија.

Потенцијалниот судир меѓу Загреб и Белград е сосема поинаков – и историски и јазично.

Во време на поранешната заедничка држава на овие два народа и на двете соседни републики – беше означуван како српско – хрватски јазик. Притоа, Србите (во Србија) зборуваа користејќи го т.н. екавски дијалект, додека Хрватите (како и Србите на хрватската територија, до ЈУ распадот) зборува со ијекавскиот дијалект.

Работите се изменија кога федерацијата се распадна и кога дотогашните републики станаа независни држави.

Признание не е потребно

Хрватска инсистираше на посебноста на својот хрватски јазик, не согласувајќи се дека станува збор за некаков дијалект, а меѓународната заедница го прифати тоа.

Едноставно, затоа што никој и никаде нема признаено некој јазик, ниту тоа било каде и во било кој меѓународен форум – се бара. Јазикот на еден народ или постои, или не постои, па во светот има далеку повеќе јазици отколку што има независни држави – за кои единствено се бара – признание.

Според тоа, доколку една земја признае друга, како независна и како меѓународен правен субјект – како што тоа го има направено Србија, прифаќајќи ја и признавајќи ја Република Хрватска – тогаш ја признава целосно – онаква каква е – прифаќајќи го притоа и јазикот што мнозинството луѓе го зборуваат.

На Загреб, затоа, не му треба некој во Белград да го признае, како посебен, хрватскиот јазик.

Помирувањето не значи и заборавање

Друга работа е што некои состојби кај националистите не се менуваат, или и понатаму се одржуваат со дисквалификации на цели народи, само од чисто националистички побуди.

Хрватска и Србија имаат многу други работи да разрешат, а пред се, да извршат меѓусебно измирување, без злоупотребување на минатото, на историјата, особено онаа од времето на Втората светска војна и да ги затворат спорните прашања од последните војни, водени при распадот на Југославија.

Тоа не значи дека со помирувањето и простувањето – се забораваат злосторствата што во тие воени услови биле направени.

Во Белград, колку што се знае, прашањето на хрватскиот јазик (барем официјално) не се споменува, ниту пак јавно се оспорува (како што тоа го прави Софија кон Скопје, па сега не знае како да се извлече од таа ситуација). Но, во српските ултра – десничарски и националистички кругови знаат да кажат дека – “Хрватите се католицизирани Срби), додека „хрватскиот јазик е само дијалект на српскиот“.

Што се однесува до Софија, таа го има признаено хрватскиот јазик како различен и посебен од српскиот. И како еден од јазиците во ЕУ – без да има дилеми за корените на хрватскиот.

(З.Х.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе