Поврзете се со нас

Skopje Global

„ЕУ нека дојде во Западен Балкан“

Западен Балкан

„ЕУ нека дојде во Западен Балкан“

bloodua/Depositphotos.com

„ЕУ нека дојде во Западен Балкан“

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека доколку Западен Балкан и понатаму не може во ЕУ, поради разните сопки (како што е бугарската блокада за Скопје и Тирана), тогаш Унијата нека дојде во регионот – со видлива соработка и со посилни вложувања – од заеднички интерес и од заедничка полза.

Во интервју за интернет весникот „Политико“ од Брисел, Рама сугерира ЕУ да воспостави механизам за соработка – посебно за дигиталната и за зелената преобразба – со што би се создавала корисна ситуација и за двете страни, која би резултирала со отворање на вратата за членство. Притоа да не се зголемува незадоволството на оние во Унијата кои се против ширењето со земјите од западнобалканскиот регион.

Вклучување во транзицијата на ЕУ

Албанскиот премиер смета дека во тоа може да се вклопи иницијативата Отворен Балкан, подвлекувајќи дека ЕУ може економски да му помогне на регионот низ својот економско – инвестициски план, за кои како што рекол Рама – досега има малку прецизирани проекти.

Тој смета дека Западен Балкан треба да се вклучи во вкупната транзиција на Унијата, затоа што тоа е нужно за вклучувањето на регионот во економијата на ЕУ – за да не се случи западнобалканците да заостанат.

Во интервјуто, Рама зборува и за тоа дека Унијата може да им помогне на земјите од Западен Балкан да ги задржат „дома“  своите „паметни глави“, своите талентирани генерации млади луѓе, на тој начин што ќе го вклучат регионот во образовниот систем на ЕУ, што би овозможило младите  да не бараат по секоја цена работа низ Европа.

Зборувајќи во тој стил, албанскиот премиер за „Политико“ рекол дека регионот може да се вклучи (уште пред зачленувањето на земјите во Унијата) и во плановите на ЕУ за вонредни ситуации, како што тоа сега може да се случи со можната енергетска криза, која како што оценува Рама, би можела да го уништи се она што е постигнато и што го означува неколкугодишниот напредок во регионот.

Отворен Балкан

„Мораме да обезбедиме, нашите граѓани да не бидат препуштени и оставени без заштита кога ќе се појават проблеми„ – рекол албанскиот премиер.

Всушност, во разговорот за бриселскиот интернет весник, тој постојано ја истакнува важноста на иницијативата Отворен Балкан и притоа ја повикува Европа, токму преку оваа иницијатива, да ги прави своите практични чекори кон регионот – правејќи ја уште поатрактивна за сите.

„Тоа би било неопходно за да ние (членките на иницијативата) бидеме способни да можеме побрзо да ги примениме четирите слободи прокламирани од самата ЕУ – тоа се слободната трговија на производи, на капиталот, на услугите и слободното движење на луѓето – во Албанија, во Северна Македонија и во Србија“ – смета Рама, порачувајќи дека тоа треба да го направат и сите другите во регионот.

Според него, тоа е неопходно доколку земјите од Западен Балкан навистина сакаат да му се приклучат на единствениот пазар (на ЕУ), особено што Светска банка веќе објави дека тоа би овозможило раст на бруто националниот производ (БНП) во сите земји и до 10 отсто.

Блокада на стратегијата на ЕУ

Конечно, конкретната поддршка на иницијативата Отворен Балкан од ЕУ би покажала дека Унијата е сериозна кога зборува за Берлинскиот процес.

Другата страна, пак, (во случајов Западниот Балкан), тогаш би можела да ја поздрави техничката помош, со што би се обезбедиле гаранции дека земјите од овој регион ги усвоиле техничките стандарди и прописите на Европската унија – рекол Еди Рама.

Изјавата на албанскиот премиер доаѓа во време кога процесот на ширење на ЕУ кон регионот (одново) е запрен – овој пат поради блокадата, со неразумни националистички барања и со отворени уценувања од најмалку развиената земја членка – Бугарија, која го злоупотребува правото на вето при носење на европските одлуки.

Таквиот однос на Софија им оди во полза само на противниците на ЕУ и на нејзиното проширување кон југоистокот на Европа – а пред се, на Русија и на Кина.Тоа е и директно против стратегијата на Унијата и на САД, кои од своја страна, притискаат овој процес да тргне – со отворање на преговорите на Брисел со Скопје и со Тирана.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе