Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Локални избори не уриваат влада

tomloel/Depositphotos.com

Локални избори не уриваат влада

Во два изборни круга, во Македонија се одржаа редовните, локални избори за градоначалници и за општински советници, на кои (овој пат) победи опозицијата, освојувајќи го и главниот град, со еден лажно прикажуван „независен“ кандидат.

Такви божем „независни“ кандидати овој пат се намножија како ретко кога досега, што треба да се објасни со погрешното толкување на демократијата. Тие и не се трудеа да сокријат дека влегле во изборната трка – или за да и се одмаздат на власта, за било каква причина, или како оние во Скопје, затоа што досегашниот градоначалник не им доделил некоја од градските директорски позиции – (МКЦ и Универзалната сала велат – беа најатрактивни).

Но, и во едниот и во другиот случај, само за да можат да се пазарат со партиите од позицијата и опозицијата – за да се удомат и за да се офајдат. Едноставно, за да може да се продаваат со гласовите што некако ќе успеат да ги соберат во првиот круг.

Во служба на опозицијата

Така и се однесуваа во вториот круг, па без разлика што станува збор за мали проценти и бројки, посебно кога излезноста беше едвај над 50 отсто, тие успеаја во она што го сакаше опозицијата – да се разбијат и да се дезориентираат гласачите.

Главно користејќи ги своите вмровски патрони со продавањето лажни вести и со приказните за наводните – „бедотија и немаштина“, за „предавство“ и за „корупција и скандали“. Со помошта на добро опробаната техника на големи странски разузнавачки служби, ставени во функција за целосна дискредитација на актуелната власт во земјата и посебно за поразување на актуелниот премиер.

Никој не тврди дека во Македонија работите не можат да бидат подобри, а стандардот, на пример, уште повисок и сега кога просечната плата е двојно повисока од онаа во годината на крајот од режимот. Борбата со корупцијата, сепак, е подолг процес и тоа за целиот западнобалкански регион, означен како ендемска зона, а не само за Македонија, која на тој план, според непристрасни странски анализа, полека ја менува сликата за себе.

Старо – нови приказни

Цинично и бесрамно е, меѓутоа, таквите слики да ги продаваат оние кои и самите се осомничени и судени за создавање хаос, за корупција и криминали, за земање мито – како што тоа го правеше и го прави вмровската партија, предводена од избеганиот лидер, осуденик.

Или, пак, од еден (одново избран) градоначалник кој веднаш се однесува како газда на општината, со која и порано газдуваше, каде луѓето го паметат за обвинувањата дека има земано „провизија“ од давањето дозволи за градба. Неговиот случај се уште правно и судски не е затворен.

Конечно, никако не треба да се заборави на познатата, срамна и криминална телефонска конверзација на екс министерот и екс премиерот од режимскиот период за тоа – колку мито да им се побара на „жутите“.

Тие (станува збор за Кинезите и за патот од Кичево до Охрид) – се уште не сакаат да се договорат, па продолжуваат да бараат македонската страна да го плати митото што им е дадено на вмровците. Биле тогаш власт, а власта ја претставува државата, па според тоа таа треба и да плати – велат – бил кинескиот резон.

Сите овие и вакви работи беа отворени и споменувани минатиот јули, за парламентарните избори одржани пред 15 месеци, на кои опозицијата доживеа уште еден пораз.

Предавството на бившиот лидер

Но, на 17 и 31 октомври не се гласаше за Парламент и за нова влада, туку за тоа како градовите и општините во Македонија да бидат подобри за живеење, поразвиени, почисти и поуредени – и тоа ниту треба, а ниту може да се заборави. Тоа се темите за локални избори насекаде низ Европа.

Секако, не смее да се „заборави“ како што тоа му се случи на еден бивш претседател на државата. Тој искористи еден значаен, историски ден за оваа земја – за да се пресметува со актуелниот лидер на социјалдемократите, кого никако не може да го стави под своја контрола, па за неколку часови „се одмрзна“ од самозамрзнувањето во кое се стави и се нафрли врз премиерот, со обвинувања какви вмровците можеа само да посакаат.

Кога тоа ќе го направи човек кој бил лидер на таа партија и премиер, затоа што ја предводел таа партија и еднаш бил шеф на државата – гласачите и симпатизерите на социјалдемократите – остануваат дезориентирани. Никаде луѓето не сакаат да гласаат за партија каде се провоцира раскол.

А, токму тоа го направи бившиот, помагајќи им на вмровците, во деновите пред изборите, како никој пред тоа. Им даде „аргументи“, какви ни неговото „другарче“ избегано во Унгарија не можеше да замисли, па кампањата од локална – стана „патриотско – комитска“, со обвинување за наводно “предавство на нацијата“.

Стариот против наследникот

Како и да е – и остарениот бивш политичар и неговите нови сојузници – се офајдија.

Првиот за да го казни актуелниот лидер, кој – за да не продолжи да биде причина за неуспеси на партијата – одлучи да се повлече од лидерската и од премиерската позиција. Другите, пак, се задоволни од тоа што „злото“, како што го дисквалификуваат, заминува од политичката сцена. За нив нема ништо посвето од тоа дека ако мораше да се тргне бившиот вмровски деспот кој наметна режим од кој државата се уште не може целосно да се ослободи, сега треба да се тргне и оној што го смени.

Таквата разврска – со оставка на двете функции на премиерот и партиски лидер на заминување – можеби не се очекуваше. Секако не уште во ноќта, по изборите, но тоа не може да се толкува како некаква „вмровска револуција“ – дека сега ќе морало да паѓа владата, затоа што опозицијата освоиле повеќе општини од власта и Скопје.

Никаде во демократиите во Европа, па и во светот, влада не паѓа на локални избори!

Без разлика на оставката на премиерот – од мнозинството со кое владејачката коалиција располага – се определува нов. Тој ја продолжува премиерската работа, до следните парламентарни избори, затоа што на изборите пред 15 месеци, граѓаните и дадоа мандат на таа иста влада – за да управува до летото во 2024 година.

Владата има мандат до 2024 година

Таа влада, со премиерот кој заминува – има постигнато резултати какви немаат – ниту онаа во 11 – те режимски години, а ниту онаа кога беше премиер оној кој сега се однесува како „Тројански коњ“.

Станува збор за обновата на демократијата и враќање на престижот и угледот на државата, во социјалната сфера и целата социјала, во сферата на финансиите и растежот на БНП, во прв пат добиеното „зелено светло“ за ЕУ, со приемот во НАТО, со уредени односи со соседите, без разлика на „забодениот нож во грбот“ од Софија.

Сето тоа во услови на двегодишна пандемија каква не се памети последниве 100 години, за која се потрошени големи екстра пари, а тоа најголемиот број од луѓето, сепак, не го почувствуваа болно, како во некои други средини. Уште и во услови на блокада од Кина (за патиштата), со константното непријателско руско дејствување, како и со странско финансирање на целата антивладина пропаганда, од земји кои ни се прикажуваат како „пријателски“.

Според тоа, не паѓа влада ако премиерот одлучи самиот да се повлече, како што некои посакуваат, доколку се одржи стабилно мнозинството во Парламентот.

Тоа се случи во Италија, на пример, а тоа се случи неодамна и во Австрија, кога по оставката на тамошниот канцелар – беше назначен друг – затоа што и новиот ја има поддршката на коалициското, парламентарно мнозинство.

Главните градови на опозицијата

Впрочем, не си замина Виктор Орбан кога на локални избори ги загуби Будимпешта и уште неколку други поголеми градови во Унгарија. Не падна полската влада на Моравјецки кога ги загубија Варшава и уште неколку поголеми полски градови. Емануел Макрон и во третиот обид на еден француски претседател, не успеа да го освои Париз кој останува опозициски. Џонсон управува со Британија, иако Лондон по втор пат едно по друго, е во рацете на опозициските лабуристи. Лисабон е во рацете на опозицијата.

Некои велат – тоа е можно во земји со развиена демократија, со развиен парламентаризам, со партии кои се управуваат врз идеологијата која ја бранат, ставена во функција да им служи на народот.

Тоа не оди кога, како во Македонија, целата политичка филозофија на некои мали партии тргнува од постојаното трагање по некаков нов парламентарен сојуз кој ќе им вети повеќе од претходниот – најчесто тоа е министерско место, некоја директорска позиција, или амбасадорска функција.

Сепак, од неуспех на локални избори на владејачката коалиција, не може да се прави политичка криза во земјата и да се заговараат нови избори, само после една година и некој месец.

Таквите барања значат назадување на државата, одлагање на било каква реформа, откажување од стратешките цели и назадување на стандардот на луѓето. Еднаш, во 2006 година, тоа веќе и се случи на Македонија.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе