Поврзете се со нас

Skopje Global

„Балкански Трудо“ наместо шоуменот Слави

Европа/ЕУ

„Балкански Трудо“ наместо шоуменот Слави

„Балкански Трудо“ наместо шоуменот Слави

Во седум месеци, бугарските гласачи на три пати излегуваа да гласаат на парламентарни избори и на три пати не успеваа да изгласаат вистински победник. Уште повеќе, во сите три гласања, секогаш друга партија имаше најмногу гласови.

На првото гласање, најмногу приврзаници излезе дека има партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, но тие беа недоволни да создаде влада, затоа што другите не сакаа да коалицираат со него, или едноставно немаа доволно пратеници, за да се истурка владин кабинет. После 12 години на власт, тој им здосади на Бугарите и без аферите кои ја предизвикаа политичката криза, што трае од јули минатата година.

На вторите избори со најмногу гласови се појави еден шоумен и пејач на патриотски песни – Слави Трифонов и неговата набрзина создадена партија ИТН (Има таков народ).

Беше очигледно дека бугарските гласачи им е веќе преку глава од постојаното создавање кризи, скандали и афери, како и од партиско – политички игри на „големите играчи“ и на „силните патриоти“, па нешто како на мајтап, а повеќе во знак на очај – се определија за Слави.

„Продолжуваме со промените“

Па, излезе дека и тие кои, како социјалистите и претседателот на државата, сакаа по секоја цена да го казнат и да му се одмаздат на Бојко, за да го тргнат од сцената, но и тие кои сакаа да ја прекине долгата доминација на ГЕРБ, иако на почетокот беше вистински проевропски ориентирана партија, веднаш увидоа дека Трифонов нема ниту сили, а ниту знаење за да биде политичар.

Целосно новак во политиката тој, се покажа, дека нема ниту вистинска програма за да ја покрене Бугарија и за да ја извлече од кризата, освен што и тој му „покажа заби“ на Скопје, застанувајќи во хорот на софиските антимакедонисти.

Третите избори, меѓутоа, уште на стартот навестуваа дека овој пат може нешто да се измени во редоследот на партиите, иако беше јасно дека и овие избори (14 ноември) ќе бидат неизвесни и дека ќе нема вистински победник.

Новото беше што на сцената се појави уште една нова партија – левоцентристичката Продолжуваме со промените (ПП) – на Кирил Петков и Асен Василев. Тие беа две нови лица, дообразувани на Запад (Канада), со западни (политички) манири во настапот пред гласачите, со прозападна ориентација во своите ставови и гледања. А, во третото гласање, еден ваков политички двоец освои најмногу гласови.

Ново коалицирање

Не победи ниту ПП, како и другите пред нив, но партијата освои 26,3 отсто од гласовите.

Три проценти повеќе од бојковата ГЕРБ, речиси 15 повеќе од треторангираната ДПС (партијата на бугарските Турци), или 16 проценти повеќе од БСП (социјалистите), оставајќи ги, притоа, далеку на петата позиција Слави и неговата ИТН, кој од „победник“ на второто гласање, сега не успеа да освои ниту десет отсто од гласовите.

Сега следи најтешкиот дел од работата – способноста да се испреговара за формирање стабилна, коалициска политичка влада која ќе треба да се зафати со серозна работа за стабилизација на политичките прилики во земјата, за почнување на реформите (какви и да се) кои целосно се запрени во изминатите 18 месеци.

Меѓутоа, и за излегување на земјата од изолацијата во која Софија самата се постави – пред ЕУ и пред НАТО, како и во односите со САД. Само поради грубата блокада на Македонија за почеток на преговорите за влез во Унијата, што се одобрени од Европскиот совет на ЕУ, а кои владата на Борисов и неговите десничарски министри – националисти, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов (од бугарското ВМРО), ги запреа уште пред да почнат – од позициите на тврдиот бугарски национализам.

Афера со развојната банка

Кирил Петков (41) им ветуваше на гласачите ослободување на државата „заробена од ГЕРБ и неговото корумпирано, бизниско – мафијашко опкружување“, како и борба со корупцијата и стабилизација на економијата.

Тој и Асен Василев беа избрани од претседателот на државата Румен Радев за да бидат во бугарската техничка влада, како технички министри за економија (Петков) и за финансии (Василев). Токму преку овие позиции обајцата се афирмираа и се промовираа во домашната јавност како „нешто ново“ во бугарската политика.

Популарноста на Петков нарасна откако тој ја откри за јавноста аферата со Бугарската банка за развој, во државна сопственост, која треба да им доделува кредити на малите и на средните фирми.

Но, одделената сума (а тука има многу европски пари) од 500 милиони евра, банката им ги распределила на само осум домашни компании и тоа блиски на партијата на Борисов. Таа афера за која и пред тоа се зборуваше, му овозможи на младиот и набрзина направен политичар да ги освои симпатиите на мнозинството гласачи, а (веројатно) го испрати Борисов во политичка пензија.

Откажување од двојното државјанство

Сега се очекува тој да добие мандат за формирање влада (се верува дека ќе биде и премиер) и Бугарија да сврти нов лист. За Петков се знае дека во 2007 година се вратил во Бугарија од Канада, како канадски државјанин со канадски пасош.

Има покренато свој бизнис во Софија, додека неговата сопруга, инаку Канаѓанка, има свое веган – кафе во центарот на бугарскиот главен град. За да може да учествува на изборите и да се бави со политика, Петков се откажа јавно и преку нотар од државјанството на Канада и го врати канадскиот пасош, откако за двојното државјанство не ги има известено претседателот, кога овој го постави за технички министер.

Бугарската јавност, сега, него и Асенов ги нарекуваат “двоец за надеж“, а Петков го ословуваат како „балкански Трудо“, споредувајќи го со актуелниот канадски премиер и либерал Џастин Трудо.

Тоа, засега, звучи убаво и примамливо во бугарските, балкански, политички услови, но „Трудо од Софија“ треба да докаже дека е достоен да го носи тоа име. За почеток – треба да ја врати Бугарија на европската патека од каде таа скршна, потонувајќи во калта на десничарењето, национализмот и популизмот.

(Д.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе