Поврзете се со нас

Skopje Global

Бугарски воени функционери – шпионирале за Русија

Вести

Бугарски воени функционери – шпионирале за Русија

Milous/Depositphotos.com

Бугарски воени функционери – шпионирале за Русија

Бугарското воено обвинителство подигна обвинување против шестмина воени функционери на Бугарија, за шпионирање во полза на Русија.

Меѓу обвинетите се наоѓа и еден поранешен висок функционер на бугарската воена разузнавачка агенција, потоа неколкумина функционери кои претходно биле на важни позиции во министерството за одбрана во Софија, како и едно поранешно воено аташе, обвинет дека надгледувал доверливи материјали што по службена должност биле испраќани во Парламентот.

Формалното обвинување за сите бугарски државјани доаѓа откако во март годинава сите беа уапсени. Петмина од нив останаа во затвор, додека шестиот обвинет беше пуштен да се брани од слобода, откако има платено кауција.

Претставник на военото обвинителство изјавил дека доколку се докаже вината и сите бидат осудени, се соочуваат со затворски казни од десет години, до доживотен затвор.

Ученик на ГРУ

Како лидер на шпионската група е означен поранешен висок функционер на воената тајна служба. За него се знае дека е „руски ученик“, односно дека разузнавачко образование има завршено во Москва, каде е и заврбуван од руската тајна служба.

Разузнавачката школа што ја има завршено, се наоѓа во рамките на руската воена тајна служба ГРУ – која во изминатата деценија е широко ангажирана во бројни операции низ Европа, Америка и на Балканот, како и во операции за ликвидација на „противниците на власта“ во Русија, како и на избегани руски политички дисиденти.

За лидерот на шпионската мрежа се вели дека кога се вратил во Бугарија, за потребите на руската служба, има регрутирано луѓе за шпионирање против Бугарија. Тие требало да обезбедат пристап за себе до разни поверливи документи и информации кои се однесуваат за функционирањето и дејствувањето на НАТО, но и на ЕУ.

Неговата сопруга која, инаку, имала двојно државјанство – бугарско и руско – била поставена за курир. Таа ги пренесувала собраните информации на „вработени во руската амбасада“ во Софија, односно на руските разузнавачи кои со дипломатски статус се сместено во руската дипломатска мисија. За целата оваа шпионска активност и таа и нејзиниот сопруг, како и другите членови на групата – земале пари.

Протерани руски „дипломати“

Минатата година, на неколку пати, Бугарија протера вкупно петмина руски дипломати – сите обвинети за шпионска активност против бугарските безбедносни, воени, но и економски интереси.

Иако сите беа означени како оперативци на руското разузнавање, ниту еден од нив не беше можно да биде уапсен и изведен на судење, поради нивниот дипломатски статус. Малата разузнавачка и контраразузнавачка војна меѓу Софија и Москва, кулминираше со протерувањето и на руското воено аташе, за кого бугарската страна тврди дека ги има координирано сите руски шпионски активности на бугарска територија.

Обвинителството во Софија, во март соопшти дека апсењето на руската шпионска шесторка во Бугарија е „настан без преседан“ во поновата бугарска историја, како и дека откривањето и апсењето на групата била во функција за заштита на државната безбедност, но и на безбедноста на бугарските партнери во НАТО и во ЕУ, како и на САД.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе