Поврзете се со нас

Skopje Global

„Москва трупа војска на границата со Украина“

Свет

„Москва трупа војска на границата со Украина“

Free2014/Depositphotos.com

„Москва трупа војска на границата со Украина“

Во изминатите денови, САД со своите сојузници имаат разменето разузнавачки информации, во кои има и воени карти, за тоа дека Русија трупа војска и артилерија, за воена интервенција во Украина – пишуваат некои американски медиуми, според кои до тоа може да дојде доколку рускиот претседател Владимир Путин се одлучи за инвазија.

Според овие информации Путин би можел да се нафрли врз Украина веќе на почетокот од следната 2022 година, а како база за навлегување се посочуваат полуостровот Крим, што Москва го анектира во март 2014 година, како и преку територијата на Белорусија.

Проценка е дека во една ваква операција би биле вклучени 100 руски баталјони со тактички единици, или околу 100 илјади војници.

Операција како во Јужна Осетија?

Операцијата (намерно) е замислена да се спроведе во зимски, или во се уште студени и климатски неповолни услови и на тежок терен, при што би била создадена територија која, потоа, долго време би била под окупација.

Воени и безбедносни експерти уште од порано тврдат дека Русија настојува да ги истисне целосно Украинците и нивните воени сили од југоисточниот дел на земјата, од реонот на Азовско Море, каде сега Украина го има под контрола само пристаништето Мариопул.

После окупацијата на Крим, меѓутоа, тоа е целосно изолирано, затоа што руската страна не дозволува пристап на украински бродови откако го имаат блокирано тесниот морски премин од Црно во Азовско Море, настојувајќи и двете да ги прикажат како „руски внатрешни мориња„.

Американските медиуми тврдат дека Москва се подготвува за интервенција врз Украина (како онаа во 2008 година во грузиска Јужна Осетија), речиси ништо не сокривајќи, па веќе се повикуваат резервистите, што во САД и кај западните сојузници се оценува како „преседан во посоветско време”. Неколку десетици илјади резервисти на кои им се делат покани, се смета дека би требало да бидат ангажирани за обезбедување на територијата што ќе биде освоена во првиот бран од руската инвазија.

Руските „црвени линии“

Во меѓувреме, Киев од Москва е „бомбардиран“ со разни дезинформации и со пласирање лажни вести, додека Русија регрутира свои агенти и доушници за да поттикне дестабилизацијата на Украина, од внатре, во самата држава.

Претседателот Путин, минатата недела, во една своја изјава демантираше дека постојат планови за инвазија врз Украина, но аналитичари и безбедносни експерти забележуваат дека тој, сепак, изразил задоволство од „тревогата што ја има подигнато Западот“ – загрижен за ситуацијата на Истокот од Европа.

Овие експерти сметаат дека задоволството на рускиот претседател доаѓа од таму, што според Кремљ, Западот „почнува да го зема сериозно во предвид „црвените линии“ во врска со Украина.

Тие се неколку, а се однесуваат пред се, на тоа дека Крим е „завршена работа“, што ќе рече – таа територија веќе е дел од руската држава и за неа нема и не може повеќе да се разговара и преговара. Втората „линија“ на која Москва инсистира е дека не само овој полуостров, туку и цела Украина се „руска територија“ и дека тоа е позиција и на Владимир Путин.

Украина означена за „руска територија“

Затоа, Русија бара од Западот и од НАТО, да се откажат од поддршката на украинските амбиции за влез во Алијансата, од што, барем официјално, се нема откажано ниту Киев, а ниту НАТО.

Пораки со ваква содржина, што претставуваат трета „црвена линија“ од која Москва не се откажува, е барањето Алијансата да ги запре плановите за проширување кон овој дел од континентот, а посебно кон Украина.

Во секој случај, Русија не смета дека „украинското прашање“ е затворено со анексијата на Крим и со запоседнувањето на Донбас (источните украински региони Донецк и Луганск), па затоа продолжува да притиска, политички и воено, како и дестабилизирачки врз Киев. Во тие рамки се смета дека треба да се гледа и сегашното натрупување руска војска на украинската граница со Русија.

Официјален Кремљ ги отфрли како неточни и измислени тврдењата дека се подготвува инвазија врз Украина, обвинувајќи го Западот за „создавање хистерија“ и анти – руско расположение. Но, во Москва се верува дека руската страна не би имала ништо против за нова средба на рускиот и американскиот претседател.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе