Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Британија одново со маски за лице и ПЦР тестови

Британија одново со маски за лице и ПЦР тестови

Британскиот влада нареди во Англија, одново, задолжително да се носат маски за лицето, како една од мерките за одбрана од растечкото ширење на коронавирусот. Во другите делови од Британија, носењето маски во затворени простории и посебно за влез во стоковни куќи и продавници и досега беше задолжително.

Ваквата мерка доаѓа откако и во Британија беше откриен новиот, мутиран облик на вирусот, што беше наречен Омикрон, за кој експертите велат дека се шири меѓу луѓето побрзо од Делта варијантата, дека е позаразен и отпорен на сите досега откриени вакцини.

Страв од вирусот Омикрон

Омикрон се појави во изминатите 14 денови, во Јужна Африка и во земјите од југот на африканскиот континент, во време додека Европа се најде под удар на четвртиот бран од пандемијата и каде здравствените власти се изборија кај владите во низа земји за враќање на строгите мерки за одбрана од епидемијата.

Австрија и Словачка, на пример, воведоа класичен локдаун (карантин) прво само за невакцинираните, а потоа и за оние кои се имунизирани, не можејќи да го запрат ширењето на вирусот.Швајцарија , пак, со референдум наложи поседување здравствени пропусници- за разделување на вакцинираните од невакцинираните.

На таква мерка се подготвува и Германија, каде бројот на новозаразени забрзано расте, како и Холандија и Белгија, каде болничките капацитети се веќе преполни, па заразените пациенти се префрлаат во соседните германски болници. Токму во Белгија беше регистриран и најголем раст на Омикрон вирусот, кога од 600 патници кои допатуваа од југот на Африка, дури 60 беа позитивни на новиот вид од короната, а 14 од нив со новиот вид Омикрон.

Британија изминатите месеци живееше лагодно, како пандемијата да е поразена, па сите мерки за борба со пандемијата на територијата на Англија беа тргнати од ( како што велат експерти)  популистички причини. Со единствена цел – да не излезе дека премиерот Борис Џонсон не го исполнил ветувањето за „ослободување“ од ограничувањата, пред Божикните празници.

Поради таквата политика европските епидемиолози уште од пролетоска ја нарекуваат британската (англиската) територија како своевидна – „стаклена градина за одгледување вируси“.

Казнување на Јужна Африка?

Во земјата веќе има по 40 илјади новозаразени секој ден, но овој пат, со алармантните вести од јужноафриканските епидемиолози, Лондон реагираше побрзо од сите другите.

Владата на Џонсон нареди ПЦР тестови за сите кои влегуваат на британска територија, како и задолжителен карантин за патниците од десетина африкански држави, меѓу кои покрај Јужна Африка се и Ангола, Мозамбик, Замбија, Намибија и Малави, Зимбабве, Боцвана, Лесото.

Многу европски земји, како и САД, забранија авионски летови кон цела низа африкански држави, па владата на Јужна Африка изрази незадоволство од ваквото – како што велат во Преторија – избрзано реагирање, без се уште прецизно определена анализа на новиот Омикрон вид на короната.

Во оваа земја, ваквото однесување на светот се оценува како „казнување“ на земјата затоа што таа беше отворена и спремна да предупреди на новата закана.

Новиот вид коронавирус први го идентификуваа јужноафриканските епидемиолози, но засега не е сигурно дека тој се има појавено во оваа земја. Јужна Африка се смета за една од земјите со најнизок степен на вакцинираност од помалку од 30 отсто.

Во ова меѓувреме, Израел се определи за „австралискиот модел“- ја затвори државата за сите странци. Мерката доаѓа само еден месец по отворањето на границата за странски туристи, а на само неколку часови пред почнувањето на осумдневното славење на еврејскиот празник на светлината- Ханука.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе