Поврзете се со нас

Skopje Global

„Бербок ќе ја смени позицијата кон Србија“

Западен Балкан

„Бербок ќе ја смени позицијата кон Србија“

BalkansCat/Depositphotos.com

„Бербок ќе ја смени позицијата кон Србија“

Виола фон Крамон, евро – пратеничка од партијата на Зелените во Германија, изјави дека верува оти Аналена Бербок, новата министерка за надворешни работи, кога ќе ја преземе функцијата, ќе го смени ставот што досега го имаше официјален Берлин кон власта во Србија.

Бербок која е колидер на Зелените, а партијата е партнер во новата „семафор“ политичка коалиција во Германија, според договорот на трите партии (другите две се СПД и Либералите – ФДП) ја доби функцијата шеф на дипломатијата, позиција на која досега се наоѓаше социјалдемократот Хејко Мас.

„Европа толерантна кон Белград“

Ваквата реакција на евро – пратеничката Фон Крамон доаѓа по бурните протести и маршеви во низа српски градови на граѓани и на опозицијата кои демонстрираа два дена, залагајќи се за транспарентност и за владеење на правото, како и за примена на еколошките стандарди во сите нови инвестициски проекти (сите врзани за Кина и нејзините државни кредити). На овие случувања, според белградските медиуми, властите реагирале со организирање контра демонстрации, провоцирајќи со физичко насилство.

Во разговор за белградската Н-1 телевизија германската евро – пратеничка има речено дека се надева на промена на ставот кон Србија, по формирањето нова влада во Германија, што е одговор на критиките на српската опозиција и на некои медиуми дека западноевропските лидери се толерантни кон актуелниот српски претседател.

„Се надевам дека ќе има различен приод кон српските власти кога Зелените ќе го преземат министерството за надворешни работи во Германија. Во него ќе доминираат прашањата за владеењето на правото и дека Берлин, во секој случај, ќе биде покритичен кон она што се случува на теренот (во Србија), како и за тоа какви се навистина резултатите од спроведувањето на реформите што ги бара ЕУ“ – вели Фон Крамон.

Без промени кон Западен Балкан

Таа притоа одбила да открива какви би изгледале тие промени, но изјавила дека „Аналена Бербок е доволно паметна да ја проучи сегашната и досегашната политика на Берлин кон Белград (диктирана од канцеларката Ангела Меркел) и врз основа на тоа да ги определи насоките за како понатаму“.

Но и Фон Крамон во разговорот инсистира дека основната линија на германската политика кон Западен Балкан – нема да се менува. Напротив, таа открива дека сите три партии во коалицијата се определени за политиката на досегашната влада – за проширување на ЕУ кон овој регион, ставајќи го притоа, Западен Балкан како приоритет и како централно прашање на идната германска надворешна политика.

Кога станува збор за односот кон Србија, оваа европратеничка смета дека новиот приод на Берлин ќе се наоѓа во прашањето – дали Германија ќе подржува отворање на нови кластери (порано поглавја) на патот кон полноправното членство, или не.

Вархеи против принципите на ЕУ

„Сметам дека сега ќе се повлече линија со која на Белград ќе му се каже дека ние (во ЕУ и Германија) не сакаме да ги загрозиме сопствените, европски вредности“ – рекла Фон Крамон и го осудила последниот извештај на Европската комисија, за напредокот на Србија на патот кон ЕУ. Таа притоа го има критикувано еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, за кого вели дека – “ги има поткопано сопствените принципи и принципите на Европската комисија“.

Низа евро – пратеници реагираа со протесно писмо до Брисел и до Европската комисија барајќи истрага за Вархеи, кого го обвинуваат дека ја форсира Србија за сметка на другите кандидати од Западен Балкан.

Унгарскиот еврокомесар го обвинуваат дека ги има „разубавувано“ извештаите и оценките од теренот за ситуацијата во Србија, директно наштетувајќи им е на другите земји – кандидати. За Вархеи се вели дека со ваквите постапки тој само ги извршувал налозите на неговиот шеф во Будимпешта, Виктор Орбан кој претходно на неколку пати изјави дека Србија заслужила пред сите другите да влезе во Унијата.

„Погрешна порака“

Германската евро – пратеничка, меѓутоа, смета дека ЕУ, сепак, не би требало да брза со отворањето нови кластери (што Белград сака да ги добие на последниот Самит на ЕУ, оваа година).

Според нејзината проценка, во следните 30 денови земјата и власта не може да направат ништо околу реформите што Брисел ги бара, а што не се остварени,. Таа вели дека доколку некој треба да се награди, иако не ја исполнил домашната задача која му е зададена, тогаш се испраќа погрешна порака. Како во Србија, така и во регионот.

Освен тоа, во Србија на крајот од април идната година се одржуваат претседателски и предвремени парламентарни избори. Тоа, како што има речено Виола фон Крамон, само ја оправдува потребата да не се брза со новите кластери.

Таа е на мислење дека треба да се сочека да се формира нова влада по изборите и потоа да се види дали новата владина гарнитура ќе тргне вистински на реформскиот курс.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе