Поврзете се со нас

Skopje Global

Над еден милион Британци позитивни на Ковид

Здравје

Над еден милион Британци позитивни на Ковид

irstone/Depositphotos.com

Над еден милион Британци позитивни на Ковид

Над еден милион Британци ќе се покаже дека се позитивни на направените тестовите за коронавирусот – проценува британското Биро за статистика (ОНС) – и тоа само за до крајот на ноември – што претставува натамошно зголемување на бројот на новоинфицираните, во споредба со претходниот месец годинава.

Во сегашниот четврти по ред бран на пандемијата, тоа значи дека еден од 60 жители на Велика Британија е заразен со вирусот.

Ваквото откритие на статистичарите кои ги следат движењата со пандемијата и со бројот на заразените, само се надоврзува на последниот официјален податок на здравствените власти дека во четвртокот (2 декември) во земјата се регистрирани нови 54 илјади заразени лица.

Нема конечна оценка за Омикрон

И статистиката, како и епидемиолозите се согласуваат дека ризикот да се биде заразен со короната е различен меѓу бројните етнички групи кои ја чинат денешна Британија.

Што ќе рече – припадниците на заедниците каде од верски и религиозни, или од културолошки причини постои отпор кон вакцинирањето и кон придржувањето на епидемиолошките мерки за заштита – се соочуваат со заканата – полесно и побрзо да се заразат и да заболат од Ковид.

Во меѓувреме, британските здравствени експерти имаат испитувано седум различни вакцини кои сега се нудат на пазарот и заклучиле дека вакцините на Фајзер и на Модерна, нудат најдобра гаранција за заштита за т.н. booster кампања за масовна имунизација на населението. Тоа доаѓа сега кога Британија и Европа, но и другите делови од светот се соочуваат со налетот на новата варијанта на вирусот – Омикрон.

Според Светската здравствена организација (СЗО) постојано се зголемува бројот на државите каде оваа варијанта е откриена, а претпоставка е дека на глобално ниво Омикрон варијантата е пораширена отколку што се знае.

Научниците, меѓутоа, и понатаму сметаат дека е рано за да се каже дека таа е потешка и поопасна за здравјето на луѓето од се уште актуелната Делта варијанта на короната, која е доминантна во светот, со над 90 проценти од заразаените.

Задолжително вакцинирање?

Сепак, не чекајќи ја конечната експертска оценка, низа европски земји, а веќе и САД, преземаат мерки за да се блокира сегашното ширење на заразата, особено што таа доаѓа пред Божикните празници и пред Нова година, кога се очекуваат масовни патувања, собирања и прославувања.

Австрија веќе има воведено целосен локдаун, откако претходно нареди сите невакцинирани да бидат ставени “под клуч“ и изолирани од другите во период од три недели. Словачка го следеше нејзиниот потег, а тоа од ноќеска го направи и Германија, каде бројот на новозаразените постојано расте.

Австрија најави дека од 1 февруари ќе воведе задолжителна вакцинација за целото население, а Ангела Меркел на последната седница на владата, како канцелар, соопшти дека се размислува “мошне сериозно“ за тоа ваквата мерка да се воведе и во Германија.

За тоа ќе расправа и одлучува новиот состав на Парламентот. Меркел досега беше против, но со појавата на Омикрон варијантата на короната, го има сменето мислењето. „Ако бев сега пратеник, секако, ќе гласав за задолжително вакцинирање“ – изјави во Берлин досегашниот канцелар Ангела Меркел.

Враќање на маските за лице

На таа линија се размислува и низ другите земји на ЕУ, при што некои сметаат дека тоа требаше да се направи многу порано, уште пролетоска. На таа линија изгледа дека полека се определува и Европската комисија, па претседателката Урсула фон дер Лајен веќе изјави дека е – „време да се размисли за задолжително вакцинирање на населението“.

Во Британија нема такви најави, но владата на премиерот Борис Џонсон и неговиот министер за здравство, сепак, прифатија да почнат да ги враќаат мерките за заштита од инфицирање, иако изминатите недели упорно ја уверуваа јавноста дека тоа нема да се случи.

Како прва мерка е носењето маска на лицето во јавниот транспорт и, пред се, во лондонската подземна железница.

Во изминатите два дена, стотина лица се казнети за неносење маска, со парична казна од 200 фунти (околу 15 илјади денари). За други стотина лица се вели дека им било забрането да влезат во некоја од метро – станиците и да патуваат – додека не стават маска.

Од пред некој ден, во Англија, луѓето од компанијата Лондон Транспорт, која оперира со метрото, како и полицајците кои патролираат, имаат право да изречат ваква казна на патници без маски дури и ако стојат на пероните на станицата, или се во некоја од станичните продавници или кафулиња.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе