Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Седмо дете на Борис Џонсон

"Prime Minister Boris Johnson attends the" (CC BY-NC-ND 2.0) by UK Prime Minister

Седмо дете на Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата сопруга Кери соопштија за раѓањето на нивното второ дете – девојче.

Во соопштението од Даунинг стрит 10, службената резиденција на британските премиери се вели дека новороденчето и мајката се во добра состојба. Брачната двојка, притоа, им се заблагодарува на лондонската болница во која се породила „првата дама“ на Британија и на медицинскиот персонал за нивната, како што е речено, грижа и поддршка.

Според лондонските таблоиди, новороденчето е седмо дете на Џонсон, од неговите три брака и од една вонбрачна врска.

Долго се шпекулира за тоа колку брачни и вонбрачни врски имал досега „немирниот Борис“, како и колку деца има од сите тие негови врски. Четири деца има од вториот брак со Марина Вилер, а едно дете е од врската со Хелен Мекинтаер, додека беше во брак со сопругата Вилер.

Тој долго време одбиваше да го прифати ова дете како свое. Кога поранешната партнерка, која тврди дека има дете со Џонсон уште пред тој да стане премиер и лидер на британските конзервативци, покрена судски спор за докажување на татковството, не сакајќи да се соочува со можноста да биде „изрешетан “ од таблоидите, пред два месеци, тој призна дека детето е, сепак, негово.

Со сегашната сопруга Кери Џонсон има две деца – син и сегашното новороденче – ќерка.

Тие двајцата се заедно уште од времето кога Џонсон, во два мандати, едно по друго, беше градоначалник на Лондон. Таа во тоа време има работено како советничка во градската управа, но и како активистка на Конзервативната (Тори) партија.

Врската беше објавена додека Џонсон се уште не беше разведен, а таа – се уште само како негова невенчана партнерка – се всели во Даунинг стрит 10, предизвикувајќи преседан во британската политичка пракса и во традицијата, како и проблеми за британскиот протокол.

Разводот од втората сопруга беше развлечен со години околу распределбата на заедничката куќа и имотот.

Се уште законитата сопруга, иако двајцата подолго време беа разделени, одбиваше да се согласи на развод додека не се постигне договор за имотот и за издржувањето на децата. Проблемите се засилија кога Џонсон стана премиер, што се верува дека го натераа да попушти и да ги прифати барањата на адвокатите на екс сопругата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе