Развод од над половина милијарда фунти
Лондонскиот Виш суд определи спогодбен развод меѓу шеикот од Дубаи Мохамед Бин Рашид ал Мактум (72) и неговата доскорешна сопруга Аја ал Хусеин (47), мајка на неговите две деца, според кој шеикот на побегнатата сопруга ќе мора да и исплати над половина милијарда фунти. Судската парница се водеше околу старателството над неговите деца и таа досега чини околу 70 милиони долари.
Станува збор за 554 милиони фунти, или за 733 милиони долари, што претставува досега најскап развод во британската правна историја.
Повеќето од парите се наменети за доживотното осигурување на принцезата Аја и на ќерката (14) и синот (9), како обезбедување од можен терористички напад, од заканата децата да бидат грабнати и од самиот шеик, кого екс сопругата го има напуштено стравувајќи од одмазда.
Аја и шеикот од Дубаи
Аја е ќерка на поранешниот, сега покоен јордански крал Хусеин и полусестра на сегашниот крал на Јордан, Абдула. Таа на шеикот му беше шестата и најмлада сопруга. Рашид ал Мактум е владар на Дубаи, премиер на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и мултимилијардер, кој располага со огромен имот во Емиратите, во Британија и низ светот и со големо лично богатство.
Според одлуката на судот, шеикот мора еднократно да исплати 252 милиони фунти, во рок од три месеци, за одржување на нејзините британски имоти, од кои едниот е раскошна куќа која се наоѓа во соседството на лондонската Кенсингтон палата, резиденцијата на војводата и војвотката од Кембриџ, во истоимениот парк.
Овој износ треба да биде надокнада за парите што принцезата Аја ги има потрошено продавајќи накит и најголем дел од скапата ергела на расни тркачки коњи, за да ги покрива сите трошоци што ги има направено до донесувањето на оваа пресуда.
Шеикот треба да плати (да го покрива) школувањето на двете деца од бракот со Аја, се додека тие не го завршат своето образование, а мора да плаќа и по 11,2 милиони фунти годишно, за секое од децата, за нивното издржување, како и за нивното осигурување, кога ќе станат полнолетни. Во тоа влегува и поседувањето блиндирани возила за сите во семејството.
Бегство од „златниот кафез“
Овој износ, иако рекорден, сепак, е далеку помал од првичната сума од 1,4 милијарди фунти колку што на почетокот на двегодишната парница имаат побарано принцезата и нејзините адвокати.
„Сакам да бидам слободна и сакам моите деца да бидат слободни“ – има речено Аја на судот.
По соопштувањето на пресудата, портпаролот на шеикот рекол дека „таткото секогаш водел грижа неговите деца да бидат згрижени“ и притоа, во името на Мохамед, побарал медиумите да ја почитуваат нивната приватност.
Спогодбата пред Вишиот суд во Лондон претставува крај на целата афера и на правната сага што започна кога Аја со двете деца побегна од Дубаи во Лондон и побара и доби заштита од британските власти. Принцезата побегна откако се разбра дека шеикот го обвинуваат за тоа дека ги има грабнато двете ќерки – шеика Латифа и шеика Шамса – кои потоа насила се вратени дома во Дубаи, против нивната волја.
Закани до принцезата
Тоа е и времето кога сопругата на шеикот има започнато тајна љубовна афера со еден од нејзините „боди – гардови”, инаку поранешен припадник на британската армија, само еден месец откако побарала да се разведе.
Мохамед ги има демантирано приказните за тоа дека има грабнато две од своите ќерки, од втората сопруга. Но, истиот овој суд, во текот на процесот, во 2020 година, сепак, потврди дека обвинувањата за случајот со ќерките е точен, особено што се разбра за бројните закани и застрашувања што владарот на Дубаи и ги упатувал на Аја.
Во тоа време дури има објавено и поема под наслов – „Живееш, па умираш“ – што од судот е сфатена како директна закана кон принцезата.
Конечно, и после бегството таа има примано заканувачки пораки во стилот – ке те бараме насекаде и ќе те најдеме – поради што принцезата има потрошено голем износ пари за својата и за безбедноста на децата, распродавајќи дел од имотот што го поседувала.
Личен буџет од 85 милиони
Судот дополнително ги обвини шеикот и неговиот тим дека во притисокот што го имаат вршено врз одбегнатата принцеза, се служеле и со хакирање на телефонот на Аја и на нејзиниот правен тим, при што владарот од Дубаи го користел софтверот Пегасус.
Таа, сепак, нема побарано пари за себе и за свое издржување. Адвокатите на шеикот, меѓутоа, ја обвинуваат принцезата за лажна скромност, тврдејќи дека живеела раскошно, дека трошела огромни пари и дека тврдењето дека се грижи само децата да бидат обезбедени – е изговор. Шеиковите адвокати тврдат дека парите од сметките за децата таа ќе ги користи за себе.
Нејзините правен тим, пак, го уверувал судот дека таа во основа – не е богата, но и покрај тоа, нема побарано пари за себе. Според овие адвокати, таа всушност, се откажува од огромно богатство само за да живее слободно, затоа што додека живеела во Дубаи, располагала со годишен, личен буџет од 85 милиони фунти.
А, со пари се има расфрлано самиот шеик. На пример, за време на едно летување на својот имот во околината на Лондон, има потрошено – само за јагоди – два милиони фунти!
(Д.Л.)