Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Кому пречи Отворен Балкан

tom.griger/Depositphotos.com

Кому пречи Отворен Балкан

Премиерите на Албанија и Македонија, како и претседателот на Србија, на својата средба во албанскиот главен град, ја заокружија својата иницијатива за проектот Отворен Балкан – дефинирајќи го регионот како простор со отворени граници, со олеснети услови за деловно работење и за правење бизнис.

Тројцата лидери идејата, што првично тргна како „Мини Шенген“, сега ја определуваат како поамбициозен проект – што треба да ги поврзе луѓето од Западен Балкан, што е многу важно бидејќи тие, се уште, како повеќе да мислат на историјата и на минатото исполнети со недоверба и омраза, отколку на иднината.

Проектот се прикажува како западнобалкански пат кон ЕУ, преку кој турбулентното и испомешано минато треба да се тргне настрана, во интерес на европската иднина. Затоа и сите тројца (Еди Рама, Зоран Заев и Александар Вучиќ) сметаат дека нивната иницијатива за Отворен Балкан го прави овој регион повеќе европски. Односно, дека го европеизира и пред неговото вклучување во Европската Унија.

Примерот на Вишеградска четворка

И, во тоа – секој би требало да се сложи – нема ништо лошо. Напротив, секоја идеја и уште повеќе – секоја иницијатива – за регионална соработка, за регионално здружување, а особено за правење бизнис, преку што се отвораат нови работни места и се отвора перспектива за младата генерација, е добредојдена и корисна.

Но, од самиот почеток, на идејата во определени кругови во регионот, се гледа со недоверба, или дури и со отворено спротивставување.

Наводно, таа била замислена (од Брисел) за да биде замена за членството во Унијата. Не е така, затоа што тројцата лидери пред Тирана упатија апел до другите во Западен Балкан да се приклучат, а потоа и до ЕУ да ја подржи и да и ја даде потребната европска тежина, за да ја добие силата на некогашната Вишеградска четворка – на земјите од Средна Европа. Колку за потсетување, тие се здружија на овој начин – заеднички, сложно и низ решавање на своите стари историски проблеми – за да се подготвуваат за влез во ЕУ.

Пред дваесетина и повеќе години, Полска, Чешка, Словачка и Унгарија успеаја во тоа и сега се дел од Унијата, десеткратно поразвиени и побогати отколку што беа претходно, во својот комунистички период, како советски политички, економски и воени сателити.

За и против идејата

Некои европски и евроскептични аналитичари, меѓутоа, сега наоѓаат маани на иницијативата. На пример, била непотребна, затоа што од неа е подобар Берлинскиот процес бидејќи во него влегувале и земјите членки на ЕУ.

Во Отворен Балкан, пак, се повикуваат – покрај овие три, кои ја сочинуваат основата на иницијативата – уште и Црна Гора, БиХ и Косово. Но, идејата на западнобалканските лидери не е против Берлинскиот процес, туку е само една иницијатива повеќе – овој пат од земјите претенденти за ЕУ – преку која би се реализирале проектите што ниту процесот од Берлин ги нема започнато, иако за нив повеќе пати е зборувано.

Конечно, членувањето на европските земји во Берлинскиот процес, не ги забрзаа работите, туку не ретко ги закомпликува.

Германија го почна процесот, а Франција удри контра – измисли нов начин на водење преговори за прием – што процесот за приближување на земјите кандидати го прави поуспорен од порано. Во процесот се замеша Унгарија која делува како „Данајски подарок“ кога ќе најави поддршка за ЕУ, за некоја земја. Затоа што во основа, Виктор Орбан дејствува против Унијата, дестабилизирајќи ја со своето ултра – десничарење и со грдиот национализам, што Отворен Балкан, со својата програма, сака да го надмине.

Корисно за регионот и за ЕУ

Навивајќи за Србија, со која има некакви специјални врски и ставајќи ги во подредена состојба другите три претенденти (Македонија, Албанија и Црна Гора), како и БиХ и игнорирајќи го Косово – сегашната политика на Будимпешта, со Орбан на власт, е контра Западен Балкан и против проширувањето.

Едноставно, со својот национализам и антиевропско однесување тој само ги храни евроскептиците на Западот и сите кои се против примањето нови земји членки – сега од западнобалканскиот регион.

А, да не се заборави однесувањето и на официјална Софија. Со распалениот национализам во орбанов стил, со десничарењето и со глорификацијата на своето минато, како готова европска историја, иако таа значи територијални претензии кон Македонија, пред се, но и кон Србија и северниот дел на Грција, денешна Бугарија е далеку од европските стандарди и европските принципи. И, само го блокира процесот на проширување.

Според тоа, во услови кога Европа, а посебно Берлин, предолго го толерира орбановото размафтано однесување и правењето некаква паралелна Унија, затоа што Германија има силен економски интерес во Унгарија, идејата за Отворен Балкан и тоа како е потребна. Како за западнобалканците, така и за ЕУ – онаа која стои врз принципите на кои е создадена.

Балканот доцни зад Средна Европа

Проблемот, можеби е што требаше да не доцни толку многу зад Вишеградскиот проект. Но, во тоа време европскиот Запад имаше други геостратешки планови, а југот на Европа (екс Ју земјите плус Албанија) не беа ниту подготвени за ЕЕЗ/ЕУ.

Македонија играше комитски, патриотски игри, наместо да обезбеди Преспански договор што и тогаш беше можен. Албанија се лекуваше од расулото на посткомунизмот, Србија беше во длабока внатрешна и надворешна криза, омразена од сите, Црна Гора не беше ниту независна држава, Косово беше воена зона, а БиХ беше како што е и сега – како држава без компас.

Сега, токму владите во Подгорица, Сараево и Приштина – му контрираат на проектот Отворен Балкан.

Црна Гора смета дека таа е најнапред (!?) на европскиот пат, без разлика што неколку години нема никаков помак во придвижувањето кон ЕУ. Најмалата екс ЈУ република, навистина, има отворено најмногу поглавја во преговарачкиот процес, но таму како да не се начисто што им пречи. Еднаш сметаат дека не им треба тројната иницијатива на Скопје, Тирана и Белград, иако не ја сметаат за лоша и погрешна, а потоа дека таа би можела да биде „злоупотребена од Србија“ за наметнување доминација во регионот.

Националистите се против

Косово, иако се уште без меѓународен легитимитет, инсистира на тоа – прво Белград да ја прифати новата реалност – независност на Косово, па потоа влез во Отворен Балкан, додека БиХ не може ниту да се спогоди, од внатре, дали сака приклучување во иницијативата. Освен тоа, земјата нема ниту кандидатски статус за ЕУ.

Од ова може да се види кои се и кои би можеле да бидат противниците на тројцата западнобалкански лидери кои заговараат поинаков изглед на регионот и сосема поинакво однесување. Секако, тоа се, пред се, десничарските и националистичките кругови – во Западен Балкан.

Без разлика дали дејствуваат во свое име, во името на некоја националистичка и лажно патриотска партија во својата земја, или пак им служат на странски интереси – оние кои не сакаат менување на состојбите – овие сили знаат да протестираат, да пишуваат некакви декларации, да дебатираат, или да палат знамиња на другата држава.

Нудење нова клима

На националистите, на пример, им пречи што Еди Рама дошол во Белград, или Александар Вучиќ во Тирана и што тие не само што разговараат, туку може и да се договорат. Затоа, прават улични протести за “добредојде“ на гостинот – инсистирајќи на исполнување “претходни услови“ и на расчистување на „сенките и проблемите“ од минатото. Во секој случај – дејствуваат антиевропски.

Затоа што тие ниту ја сакаат Европа, а ниту сакаат нивната земја да се најде во цивилизирано, демократско, либерално друштво. Нивниот идеал, многу веројатно, е она што го продаваат Орбан и неговите ултра – десничари – омразата и непомирливоста.

Според проектот Отворен Балкан, иницијативата сака да го елиминира сето ова, на тој начин што инсистира предност да им се даде на работите кои ги заобиколуваат разликите, што не значи дека ги бришат. Таквиот приод само значи дека и при постоење разлики за некои состојби – земјите од регионот можат да разговараат, да преговараат и да се спогодат. А, тоа е нешто што досега не одеше и не можеше да се постигне.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе