Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Празници со Омикрон и лажни потврди за вакцинација

AuroraArt/Depositphotos.com

Празници со Омикрон и лажни потврди за вакцинација

Втора година по ред, луѓето во Европа (и светот) божикните и новогодишните празници ги минуваат под контрола на глобалната пандемија со коронавирисот и неговите бројни мутирани подврсти – исто така опасни и смртоносни – како што тоа беше, оној оригиналниот, од Вухан, ова време во 2019 година, кога кинеските власти признаа дека од новиот вирус, што претходно го прикажуваа како „потежок грип“ – умираат луѓе.

Тогаш никој не веруваше дека кинескиот вирус, во својот прв бран, ќе го собори на колена европскиот континент.

Еден бармен во австрискиот зимски центар Ишгл успеа да зарази гости од десетина европски држави – се до Исланд. Италија се соочи со неможноста да стигне брзо да ги погребуваат мртвите во северниот дел од државата, во Ломбардија и околу Милано, додека во болница во Менхетн, во Њујорк, на пример, починатите ги чуваа во камиони – умрени пред и да ги внесат во болницата.

Здравје и политика

Брзо стана јасно она во што никој не веруваше на преминот од 2019 во 2020 година – дека короната ќе ја надмине епидемијата од 1918 година со „шпанскиот грип“, според бројот на заразените и починатите.

А, кога се мислеше дека ситуацијата полека се става под контрола, се појави новиот сој – наречен Делта вирус – и го врати светот на почетокот. Но, сега веќе почнаа да се откриваат вакцините против короната и масовно да се вакцинира населението. Тогаш, меѓутоа, светот се посрамоти, а посебно некои од најбогатите и политички најмоќните земји.

Едните затоа што ги грабнаа првите дози само за своето население, а другите, како Русија и Кина, затоа што со дистрибуцијата правеа груба и грда политика – дистрибуираа вакцини за ним лојалните, или пријателски земји. Светот се соочи со „национализам во вакцинацијата“, па му требаше време – да се разработат компаниите – за да почне поправична и похумана дистрибуција на вакцините.

Смртноста, сепак, се намали и поради бројните епидемиолошки мерки за заштита – носење маски на лицето, одржување дистанца при комуникацијата меѓу луѓето и забраната на бројните манифестации од забавен и спортски карактер, каде се собираат многу луѓе.

Европа во четвртиот бран

На почетокот од летото, меѓутоа, во Европа и во светот се почна со олабавување на мерките. Не само затоа што голем број луѓе беа вакцинирани со една или две дози, туку и затоа што стана јасно дека ниту една земја, не ќе може да издржи цели делови од стопанствата да не работат – луѓето да седат дома во изолација.

Тогаш стана збор и за издавање на т.н. Ковид пасоши (пропусници – потврди за примена вакцина), но оптимизмот дека (конечно) ќе има Божик и Нова година како некогаш, брзо пропадна. Се појави нов сој – наречен Омикрон – и се рашири низ континентот со неверојатна брзина, иако на почетокот сите се самозалажуваа дека тој е полесен, послаб од претходната Делта, помалку смртоносен.

Како и да е, Европа се соочи со четврти бран од пандемијата, а во некои земји велат и петти по ред. И, одново луѓето почнаа да бројат новозарзени, да регистрираат смртност (иако таа е помала од онаа пред една година ова време, затоа што сега главна жртва се невакцинираните – оние кои тврдоглаво се спротивставуваат на имунизацијата).

Каков и да е по својата заразност и по последиците што ги предизвикува, Омикрон предизвика нова мобилизација на здравствените работници, во време пред празниците, која како сега стојат работите ќе продолжи и во новата година. Во Британија, на пример, на секои 45 Британци еден е заразен со Омикрон! Експертите утврдија дека 50 отсто од сите „сезонски“ настинки ќе се претворат во корона.

И зимава – „Останете дома“

Во Британија веќе има 120 илјади новозаразени во период од 24 часови, Франција стигна (одново) до 100 илјади нови случаи, од Полска се јави дека во еден ден имало 780 починати. Лондон откажа уличен пречек на Новата година, а тој пример најавуваат дека ќе го следат поголемиот број од градовите низ Европа и САД. Израел најави давање четврта доза вакцина, а тоа го најавија и Германија, Австрија и Белгија. Одново некои држави воведоа карантин, а посебно за невакцинираните.

Нема генерална забрана за зимување, но од Австрија и Швајцарија јавуваат дека зимските ски центри се полупразни и дека оние кои се дојдени ризикуваат – доколку се открие дека се позитивни – да останат две недели во карантин во некој хотел. Како што тоа им се случило на група Британци во Австрија кои, очигледно, како да не знаат да останат дома, повеќе верувајќи во популизмот на нивниот премиер, отколку на епидемиолозите.

Тие уште еднаш советуваат – ОСТАНЕТЕ ДОМА. Со ваков апел се огласи и Светската здравствена организација (СЗО), прогласувајќи ја Европа за кризно жариште – најголемо во светот – во кое процентот на вакцинирани, на ниво на континент останува многу понизок од она што треба за да се искорени вирусот, затоа што фреквенцијата на луѓе и патувања е многу повисока и затоа што со олабавување на мерки за заштита, во Европа е најсилен отпорот на ковид – пропусници.

Фалсификувани „Ковид пасоши“

Потребно е минимум 70 отсто од населението да е вакцинирано, во сите земји, за да може да се добие битката со вирусот и пандемијата, а тој процент не може да се постигне ниту во ЕУ – пред се, во земјите од Источна Европа – како и на југоистокот, во Западен Балкан.

Во борбата со анти – ваксерите, очигледно. епидемиолозите се уште не може да ја добијат борбата, затоа што и не мал број лекари учествуваат во заговорот што го прават оние кои се противат на вакцинацијата и практично – се против здравјето. Па, здравствените власти и владите низ Европа, забрзано почнаа да се свртуваат кон задолжително поседување потврди за вакцинација – како услов за влез во локации каде се собираат и каде има многу луѓе.

Европската комисија долго се размислуваше околу ова, поради неможноста да се постигне консензус во ЕУ, но сега се појави со одлука – да има ковид – пасоши и тие да важат девет месеци, доколку едно лице не примило и Бастер (трета) доза вакцина.

Меѓутоа, сега има нов и голем проблем – тоа се ЛАЖНИТЕ ПОТВРДИ.

Фејсбук помага во раширувањето

Тие „шетаат“ низ ЕУ и низ цела Европа, затоа што се повеќе европски полиции признаваат дека „цвета“ пазарот и бизнисот со вакви фалсификат потврди кои се продаваат и се купуваат. За тоа, освен валканите „трговци“ (има и лекари), главната вина пак ја имаат социјалните мрежи и антиваксерите кои се обидуваат да протураат и лажни вакцини.

Измамници ги упатуваат луѓето на Фејсбук, на интернет страници кои нудат за продавање лажни потврди (ковид пропусници) за сите кои немаат и не сакаат да примат вакцина.

На разни сајтови се нуди „полесно решение“, а Фејсбук, ветува пресметка со ваквите страници и најавува дека веднаш ќе ги затвора, кога ќе ги утврди. Но, слабо оди таа пресметка на оваа социјална мрежа која во овие две години на пандемијата, никако да се најде на вистинската страна и да ги поврзува луѓето – популаризирајќи го здравјето.

Британија која последна се определи за оваа мерка, соопшти дека речиси веднаш, на тамошниот пазар се појавиле лажни пропусници и потврди за вакцинација. Портпаролот на владата во Лондон реагираше со изјава дека тоа е кривично дело – измама и дистрибуција на фалсификати – за што казната е 10 илјади фунти, но тешко е дека тоа ќе го запре бранот од лажни потврди.

Сертификати за 22 држави

На интернет (Фејсбук) еден продавач се рекламира дека може да обезбеди сертификат дури од 22 држави меѓу кои се и Франција, Португалија, Грција, Шпанија, Летонија, Британија, но и од Мароко, па дури и од Австралија.

А, се нуди не само потврда за вакцинација, туку и апликација на националните здравствени власти со QR кодови, затоа што со криминалците соработуваат луѓе кои се внатре, во здравствените служби, кои би можеле да додаваат информации во базите со податоци. Властите низ Европа не знаат кој стои зад ваквата продажба, но првиот впечаток е дека и тука се замешани организираните криминални групи.

Тие настапуваат многу организирано, па во своите реклами порачуваат дека со ваквите (лажни) ковид пасоши ќе може да си го задржат работното место, полесно да патуваат, или да присуствуваат на настани и приредби на кои, како невакцинирани, не би можеле.

На сето тоа, во Британија признаваат дека имаат направено грешка, кога наместо проверката да ја прават пограничните власти, тоа им беше префрлено на авионските компании. Тие не се стручни за утврдување фалсификати, па сега властите не знаат ниту колку се распространети ваквите лажни здравствени потврди за вакцинација, како и колку се користат.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе