Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Босна на работ од распад?!

vlado85/Depositphotos.com

Босна на работ од распад?!

Повеќе од четврт век од завршувањето на крвавата војна во Босна и Херцеговина и 26 години по потпишувањето на мировниот договор од Дејтон, што требаше да обезбеди траен мир и сожителството на трите конститутивни народи, како и на сите другите кои живеат во оваа поранешна Ју република, Србите, Бошњаците и Хрватите се на најдобар пат да се вратат на старата воена патека и да ја растурат државата.

Токму на новата 2022 година се гледа како на годината во која оваа држава ќе мора да се определи. Или ќе тргне кон посакуваната европеизација, ослободена од болните национализми, од омразата и нетрпеливоста, од егзистирањето како нефункционална држава и од силната корупција, или, пак, Босна ќе се распадне.

Растурање по „чехословачки модел“

Оние кои навиваат за разделбата тврдат дека тоа би можело да се изведе според „чехословачкиот модел “ – мирно, без војување. Другите, а тие се мнозинството – не веруваат во ваквите, како што ги нарекуваат, наивни приказни.

Овие предупредуваат дека БиХ би можело да се растури само со војна и тоа не како “мал и ограничен судир“, како што некои стратези предвидуваат, туку како вистинска и крвава, како онаа од чии последици, земјата се уште не може да се ослободи.

Ваквите сценарија и мрачни предвидувања на самиот почеток на новата година, доаѓаат откако политички експерти во регионот оценуваат дека БиХ подолго време била препуштена сама на себе и дека Европа не реагирала на време, кога почна да станува јасно дека земјата е тргната кон своето самоуништување.

За таквиот процес, вината, сепак, ја носат лидерите на конститутивните народи, затоа и ситуацијата сега е таква каква што е – да се зборува за нејзиниот распад.

Токму лидерите како да се натпреваруваа кој повеќе ќе придонесе во таквиот ретрограден процес. Изетбеговиќ, на пример, почна да се залага за унитарна БиХ. Тоа со задоволство го дочека лидерот на босанските Срби, Милорад Додик кој најави дека српската енклава Република Српска да се отцепи од сегашната држава БиХ.

Надвор од контрола

Во таквата игра веднаш се вклучи Драган Човиќ, лидер на босанските Хрвати, со старата идеја за создавање и на трет ентитет (Херцег – Босна), за што ја има поддршката на српскиот национализам во државата и на официјален Загреб, а пред се на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој своето идеолошко левичарство се повеќе го заменува со тврдо десничарење.

Затоа станува се повидливо дека работите во оваа земја како полека да излегуваат од контрола.

Додик кој постојано дава контроверзни изјави – еднаш дека БиХ нема никаква иднина, па дека е најдобро да престане да постои, а потоа, дека неговата политика не е противуставна, туку е насочена кон доследно почитување на Уставот на земјата.

Во меѓувреме, Собранието на српската енклава веќе го отвори процесот за “излегување на Република Српска од федерацијата Босна и Херцеговина“. Тоа би требало да се заврши до јуни 2022 година.

Санкции за Додик?

Другите во Босна (Бошњаците и Жељко Комшиќ – хрватски претставник во Претседателството на БиХ, кого во Загреб не го признаваат за свој, затоа што бил избран и со гласови на босанските Муслимани), се категорични против Додик и неговите сепаратистички игри.

Се бара негово апсење и судење за велепредавство кон државата, а веќе има најави дека ако биде потребно – интегритетот на државата ќе се брани и со оружје. Хрватската страна, во овие услови, продолжува да му дава поддршка на Додик, обично, намалувајќи ја тежината на секоја од неговите изјави.

ЕУ и САД настојуваат да ги смират тензиите и се обидуваат со политика на убедување, како и со закани со санкции (кон Додик и неговите) да ги вратат работите на почетната позиција.

Прашање е дали тоа сега е можно, бидејќи впечаток е дека процесот на распаѓањето на Босна е отиден премногу далеку. Особено што, во таа работа се има вклучено и Москва која силно работи на поддршката на додиковиот сепаратизам и која преку силната подршка на Република Српска настојува да се смести себе си во БиХ, не сакајќи повеќе да им ги препушти работите на Западот – на ЕУ, САД и на НАТО.

Унгарски танц и словенечки папир

На страната на лидерот на Србите во Босна сега се уфрли и Виктор Орбан. Не се знае која е неговата улога – секако не со добри намери – како и во случајот со неговото мешање во политичкиот живот во Македонија – како и тоа за кого ја игра играта што ја најави. А, таа е доделување пари (наводно) за економијата во српската енклава, која и онака е обилно помагана – на секаков начин – од Србија, како и заканата упатена до Брисел дека ќе стави вето, доколку ЕУ се определи за санкционирање и гонење на српскиот политичар од Босна.

Ваквата реакција на Будимпешта најмногу им одговара на Русија и на руската политика која од кризата во БиХ – како и да се развива понатаму – би излегла како најголем добитник. Но, она што ги загрижува западнобалканските аналитичари е стравот дека и некои кругови на Западот почнуваат да веруваат дека Босна “би можела на мирен начин да се распадне“.

Притоа, во сеќавање се нон – пејперите на Јанез Јанша и на словенечкиот претседател Борут Пахор, што сега изгледаат како испитување на пулсот на Европа за едно вакво решение. Скопските вмровци, потиканти од нивниот патрон во Љубљана, тогаш за папирите го обвинија дури и Зоран Заев (!?) – во рамките на нивната десничарска кампања за неговата политичка елиминација – но, не и оние кои ги брифираа за нон – пејперите, во кои Словенците се занимаваат и со иднината на Македонија.

„Пандорина кутија“

Распадот на БиХ, меѓутоа, ја отвора “Пандорината кутија“ на менување на балканските и на европските граници. Уште повеќе, на опасноста од креирање на етнички чисти територии, кои на Балканот никогаш не се создадени без војна.

Стравот е дека отцепувањето на српската енклава значи создавање на она што во Белград се нарекува “Српски свет”, што се смета за замена за она што пред војната во БиХ, од пред 25 години, се нарекуваше „Голема Србија“ на Слободан Милошевиќ.

На другата страна, создавањето на енклава Херцег – Босна и нејзиното приклучување кон Хрватска – во случај на распад на БиХ – би било креирање на „Голема Хрватска“, како што тоа го опишуваа летоска словенечките папири.

По една таква разврска, би немало простор за „муслиманска“ држава за босанските Бошњаци. А, на таа тема има зборувано Орбан во својата елаборација за најавената помош за Милорад Додик и за неговите сепаратистички операции. Во таа прилика, ја прикажувал Република Српска како некаков одбранбен штит на Унгарија од „исламската закана“.

(Д.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе