Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Скот Морисон: Ѓоковиќ може да биде вратен дома

ChinaImages/Depositphotos.com

Скот Морисон: Ѓоковиќ може да биде вратен дома

Австралискиот премиер Скот Морисон се закани дека Новак Ѓоковиќ може да биде вратен од граница, назад дома, доколку не покаже валидни, медицински докази поради кои не може да се вакцинира.

„Според мене, било кој да бара влез во Австралија, мора да ги задоволи нашите стандарди и барања. Ѓоковиќ кога ќе пристигне во Австралија, ако не е вакциниран, ќе мора да прикаже прифатливи докази дека не смее да се вакцинира. Мора да даде прифатлив доказ дека не смее да се вакцинира поради некоја медицинска причина, за да може да ги има истите патни аранжмани како и вакцинираните патници“ – рекол за домашните медиуми австралискиот премиер.

Според Морисон, австралиските власти чекаат да се појави српскиот тенисер за да се види какви докази носи со себе.

Изземање на првиот тенисер во светот

„Доколку тие не се доволни, тој нема да биде третиран различно од сите други луѓе и со првиот авион ќе биде вратен назад – дома. Не треба да има специјални, посебни услови за Новак Ѓоковиќ, ниту за било кој друг“ – инсистира премиерот на Австралија.

Пред него се има огласено и министерката за внатрешни работи Карен Ендрјуз која (во малку поблага форма), но исто така јасно порачува дека иако станува збор за светскиот тенисер број еден, тој би можел да се најде во проблеми поради строгите австралиски прописи за заштита на земјата од глобалната пандемија со коронавирусот.

Уште повеќе што после отворањето на земјата за гости од странство, што се случи во ноември, изминатите недели забрзано се зголемува бројот на новозаразените лица со вирусот, по неколку илјади секој ден. И тоа во најголемите градови (Сиднеј и Мелбурн) и во двете најнаселени сојузни држави – Нов Јужен Велс и Викторија.

Реакцијата на премиерот Морисон и неговата министерка доаѓа откако јавноста на Австралија бурно и со силно негодување реагираше на одлуката на организаторите на тенискиот турнир „Австралија Опен“ – да му дозволија на Ѓоковиќ да настапи на првиот овогодишен Гренд слем во Мелбурн, што почнува на 17 јануари.

Гневна реакција на Австралијанците

Веста за давањето „специјална дозвола“ и за изземањето на најтрофејниот тениски играч во светот, ја објави во вторникот (на 4 јануари) самиот тој на својот профил на Фејсбук, откривајќи дека (сепак) патува за Австралија, затоа што има добиено „медицинско изземање“ од тамошните правила за Ковид.

Австралијанците на ова реагираа со бура од протести на социјалните мрежи кои ги пренесуваат тамошните медиуми.

Суштината на реакциите е дека попуштањето пред Ѓоковиќ кој одбива да се вакцинира изминатите две години, колку што трае пандемијата, претставува „шлаканица во лице за сите Австралијанци” кои 20 месеци мораше да ги издржат најострите заштитни мерки во светот и локдауни во кој беше ставена оваа држава – континент.

„Моравме да останеме дома. Цели семејства повеќе од 1,5 години останаа разделени – со блиските кои се најдоа во странство, во времето кога Австралија беше ставена во карантин. Се откажавме од прослави и дружења, од венчавки и патувања, придржувајќи се на барањата на епидемиолозите. Е, сега, сето тоа не важи за еден Ѓоковиќ. Тој може да е најдобар тенисер во светот, но сепак ниту тој не може да биде исклучен од определените прописи“ – се вели во бројните протести на Австралијанците.

Изигрување на прописите

Реагираа и некои домашни спортисти кои со неверување гледаат на ваквата работа. За нив е несфатливо тенисерот да има освоени 20 Гренд слем турнири и уште осумдесетина други големи натпреварувања, да има заработено милиони од тенисот, а никој досега да не знае дека има некаков медицински проблем.

Домашните медиуми го притискаат организаторот на турнирот во Мелбурн да даде валидно објаснување за „помилувањето“ на српскиот тенисер, иако знаат дека тенисерот не е должен на јавноста да и ја открива својата здравствена состојба.

Но, сите се согласуваат дека ова е нешто друго и дека станува збор за „изигрување на прописите“ што ги имаат определено и федералните власти и оние во државата Викторија.

Властите на оваа држава имаат издадено наредба – сите тенисери и нивната придружба да бидат вакцинирани, за да настапат на турнирот, освен оние кои имаат некоја медицинска валидна причина да не смеат да се имунизираат.

„Невакциниран не може да игра“

Угледниот австралиски епидемиолог Стивен Парнис остро ја критикуваше одлуката на организаторите. Според него, изземањето на Ѓоковиќ е контрапродуктивно на сите настојувања да се покренат невакцинираните и да се заокружи процесот на општа имунизација, како и тоа дека ваквата одлука само им оди на рака на антиваксерите и на оние кои се противат на мерките за одбрана од вирусот.

„Не ми е грижа за каков тенисер станува збор. Ако одбива да се вакцинира, тогаш не може да игра на турнирот во Мелбурн“ – изјавил Парнис.

Новак Ѓоковиќ и минатата година, пред тогашниот Австралија Опен беше проблем. Беше ставен во изолација, во хотел во Мелбурн, со уште десетина други тенисери, па постојано правеше проблеми. Беше незадоволен што е во изолација, па потоа дека сместувањето не одговара на неговото реноме, за да на крајот побара да биде сместен во приватна куќи, со тениски терени – за да тренира.

Во својата земја, во Србија, минатата година предизвика скандал кога (во договор со властите) организираше турнир во Белград, со публика, без никаква заштита, предизвикувајќи брзо ширење на пандемијата веднаш потоа.

Се заразија и бугарскиот тенисер Григор Димитров кој играше, но и поранешната тенисерка Јелена Јанковиќ, која беше еден од гледачите. Некои српски епидемиолози тогаш остро го нападнаа Ѓоковиќ затоа што со својот однос кон вакцинираните создава проблеми во српската јавност и ги „храни“ антиваксерите.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе