Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Кина во локдаун – смартфон за ориз

whiteturtle1988/Depositphotos.com

Кина во локдаун – смартфон за ориз

Кина и тамошните здравствени власти го уверуваат светот дека ситуацијата со најновиот бран од коронавирусот ја имаат под контрола, признавајќи дека во неколку градови вирусот одново се има појавено. Најтешко е во градот Сијан каде живеат тринаесетина милиони жители, но се јавува дека има случаи, со новозаразени лица и во други градови, вклучувајќи го и Пекинг.

Нема прецизни податоци за тоа колкав е обемот на новиот бран од пандемијата.

Официјално се зборува за мали бројки кои делуваат нестварно, кога се соопштуваат, во споредба со она што се случува во Европа и со ситуацијата во САД. Во Кина, на пример, се оперира со податоци кои се движат од – „неколкумина, до неколку илјади“ – што за земја со 1,5 милијарди население, се толерантни и подносливи бројки, со кои кинеските власти велат дека лесно се справуваат.

Строги мерки и сурова примена

Но, и покрај ваквите уверувања на властите, неколку градови и областите околу нив се ставени во строг карантин – каков имаше во времето кога од Вухан и провинцијата Хубеј, тргна короната за го поклопи светот и да го држи заробен повеќе од две години. За тоа нема никакво објаснување, дури и кога ќе се соопшти дека поради ТРОЈЦА новозаразени, цел еден град е ставен во карантин!

Епидемиолози надвор од Кина тврдат дека објаснувањето за тоа дека Кина се подготвува за зимските Олимписки игри (во февруари) во Пекинг, настојувајќи да го „исчисти“ вирусот пред да дојдат учесниците на Игрите, не е оправдување за строгоста на епидемиолошките мерки и за жестината со која тие се применуваат. Странските експерти, затоа, се сомневаат дека бројот на новозаразените е многу повисок, а дека властите реагираат, по малку, панично, за што цехот го плаќаат обичните луѓе.

Во градот Сијан, на пример, кој е епицентар на сегашната епидемија, кинеските власти почнале да изелуваат граѓаните од нивните домови и со автобуси да се префрлаат во карантински објекти кои се чуваат под стража.

Се настојува да се спречи ширење на короната пред и за време на претстојната, кинеска (лунарна) нова година, на тој начин што еден дел од луѓето се ставаат изолирани во карантин на посебни локации, додека другите се затворени во своите домови – без можност да излегуваат.

Присилно иселување во ноќта

Тие не можат да купуваат храна, или да прават залихи. Од дома можат да излезат само за да се тестираат за вирусот, по што се организира бесплатно делење храна. Многумина Кинези, сепак, се пожалиле дека залихите кои ги имаат во своите домови им се при крај, како и дека некои немаат добиено никаква помош.

Не се знае колку луѓе се префрлени од нивните домови, во карантин, но сведоци изјавиле дека само од една населба на југот од Сијан се забележани 30 големи автобуси, додека од друга локација во градот (наводно) се однесени илјада лица. Се зборува дека во карантин се носени оние кои се побуниле поради изолацијата во домовите во кои се оставени и без храна.

Во секој случај, жителите на Сијан во локдаун се од 23 декември. Храна може да се добие само со нарачка, без да се посети било која продавница, а сите нарачки доцнат, па се тврди дека многу семејства се на крај со своите резерви, или дури и немаат веќе храна.

Примитивна трговија

Така кинеската јавност разбра дека луѓето се снаоѓаат на разни начини за да дојдат до прехранбени, или други производи за домашни потреби.

На домашната социјална мрежа Веибо се појавиле снимки на кои се гледа како некои менуваат цигари, за да добијат зелка, или течност за миење садови, за јаболки, или женски хигиенски влошки за малку зеленчук. На една таква снимка се гледа како еден „заробен“ жител на градот менува – Нинтендо Свич конзола за пакет со инстант нудли.

За ваквата „трговија“ почнаа да се појавуваат информации и во локалните весници.

Некои од тоа тераат шега, па велат дека Кина се враќа во времето на примитивната трговија, па компири се менуваат за стапчиња за чистење уши. Други, сето ова го прикажуваат како пример за комшиска љубезност, додека трети сметаат дека ваквата ситуација зборува за потфрлање во спроведувањето на епидемиолошките мерки.

Нулта стратегија со короната

Како пример за кој најмногу се зборува е случајот на еден граѓанин кој го понудил за размена – свој скап смартфон и таблетот, за да добие ориз – за себе и за своето семејство.

Кинеските власти на ваквата ситуација реагираа на типичен кинески начин – казнувајќи и сменувајќи функционери во локаните власти. На тој начин се верува може да се смири револтот на граѓаните, за кој се вели дека е присутен и дека постојано се зголемува.

Експерти, меѓутоа, тврдат дека проблемот е во тврдоглавото настојување на властите да продолжат со т.н. нулта стратегија во борбата со короната, односно во намерата да се искорени вирусот, наместо да се направи обид да се живее со него.

(Д.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе