Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Казахстан: од социјален бунт до обид за пуч

Twitter

Казахстан: од социјален бунт до обид за пуч

Во првите денови на оваа година, во поранешната советска република Казахстан, која веќе 30 години е независна држава, избувнаа улични немири, на незадоволни и гневни граѓани поради драстичното зголемување на цената на гасот од 2,5 пати, иако земјата го има во изобилство.

Извештаите кои доаѓаа од теренот, набргу почнаа да зборуваат за судири на демонстрантите и полицијата, како и за тоа дека протестите стануваат насилни, во кои оние кои беа на улиците не само што се пресметуваа со силите на редот, туку почнаа да палат возила и да ги освојуваат зградите на државните институции, совладувајќи го отпорот на неспремните сили на редот.

Кога беше нападната, освоена и запалена и зградата на Парламентот, казахстанската влада поднесе оставка, а претседателот на државата Касим Жомарт Токаев прогласи вонредна состојба.

Ситуацијата беше најтешка во Алмати, познат како јужната престолнина на оваа голема земја, каде полицијата, помогната од војската, за прв пат употреби огнено оружје. Посебно кога тргна во расчистување на бунтовниците од запалената зграда на Парламентот.

Бандити и терористи

Наместо првичните смирувачки пораки, претседателот почна да ја заострува својата реторика, па зборуваше за ликвидирање на бандите, затоа што ја напаѓале полицијата.

Бројот на жртвите, постојано се зголемуваше. Почна со дваесет убиени, како и со стотина повредени (претепани) полицајци, за да на крајот, официјалните бројки зборуваат за 164 загинати меѓу кои имало и три деца. Досега биле притворени дури осум илјади лица.

Кога Токаев виде дека казахстанските сили на редот, сами не ќе може да се справат со бунтот, чии размери не беа откриени, побара странска помош од Русија која веднаш испрати над две илјади специјални единици и голем број оклопни возила и транспортери.

Својата одлука ја оправда со “терористичката закана“ со која се соочувала неговата земја, откривајќи дека Алмати е „нападната, уништена и вандализирана, а луѓето во неа станале жртви на терористи и бандити“.

Не објасни кои се терористите, каква идеологија застапуваат, што сакаат да постигнат и од каде се дојдени.

„Пукајте без предупредување и убивајте“

Во меѓувреме, претседателот вети дека ќе ја намали цената на гасот, што е нереално евтин, затоа што неговата цена за домашните потрошувачи е нереално ниска, а таква е и цената за гасот што се користи за автомобилите, затоа што се субвенционира од државата. Подоцна, меѓутоа, ја повлече ваквата одлука, објаснувајќи дека „нема да има отстапки пред терористите“.

Тогаш Токаев ја шокира меѓународната јавност со наредбата до полицајците и војската – да пукаат во демонстрантите, сега означени како терористи – без предупредување и да убиваат, затоа што непријателите сакаат да уништуваат државен имот, а користат оружје против граѓаните.

Одби да преговара „со било кого“ и најави пресметка се додека „сите бандити не бидат уништени“ и за прв пат беше објавено дека во насилните протести, само во Алмати, учествувале 20 илјади лица.

Една недела подоцна властите на Казахстан објавија дека силите на редот, помогнати од руските сили и од војници од уште неколку други држави – сите поранешни советски републики – успеале да воспостават контрола врз целата територија на земјата.

Сега, меѓутоа, претседателот Токаев зборува за обид за пуч.

Москва против (шарени) револуции

На лидерите на Организацијата од договорот за колективна безбедност (воен сојуз на екс советските републики), што ја предводи Русија, им рекол дека „акцијата со која било предвидено да се изврши државен удар, била координирана од еден центар“.

Но, и во оваа прилика претседателот на државата не споменал кој е и каде е тој центар и, воопшто, кој стоел зад обидот да се собори актуелната власт,

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, за кого претходно се разбра дека имал долг, телефонски разговор со Токаев, казахстанските настани ги има означено како „меѓународен тероризам“, не давајќи било каков валиден доказ дека тоа е навистина така.

Но, затоа, одново има речено дека Русија нема да дозволи “никаква (шарена) револуција во регионот“, или попрецизно речено – во поширокото руско опкружување.

Казахстан во изминатите седум денови беше погодени со најнасилните протести од времето кога земјата стекна независност во 1991 година, по распадот на тогашниот Советски Сојуз.

Пресметка на владејачката елита?

Почнаа на 2 јануари и тие го рефлектираа дисконектот меѓу сегашната власт и поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев. Тој беше на чело на државата 30 години и се вели дека се уште има контрола врз власта – во силите на редот, во безбедноста и армијата – па се претпоставува дека насилствата во Алмати и другите градови се пресметка меѓу владејачката елита.

Токаев сега тврди дека вооружени милитанти чекале за да се приклучат на протестите. Нивната цел, според претседателот Токаев, била “поткопување на уставниот поредок и преземање на власта“. Наводно, пучистите имале намера да го освојат Алмати и југот на земјата, а потоа и главниот град Нур – Султан, а дека за таа операција биле обучувани во странски земји.

Казахстанските власти ветуваат дека „наскоро ќе дадат докази за странската вмешаност“. Но, Москва од поодамна го обвинува Западот дека разни „шарени револуции“ се случуваат во земји како Украина, Грузија, Ерменија и Киргистан, за соборување на проруските власти во овие земји.

Казахстан има територија голема колку целата Западна Европа. Се граничи со Русија на север и со Кина на исток. Богат е со нафта, гас и со руди и разни минерали. Земјата поседува над 3 отсто од светските нафтени резерви.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе