Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тенис, антиваксерство и национализам

ChinaImages/Depositphotos.com

Тенис, антиваксерство и национализам

После десетина денови мачни и на моменти неприлични сцени, како и контрапродуктивни изјави и реакции на неговите најблиски, како и на официјален Белград, најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ, уште еднаш, остана без виза за да влезе во Австралија. Министерот за имиграција Алекс Хок го искористи своето дискреционо право и му ја укина влезната виза, затоа што НЕ Е ВАКЦИНИРАН.

Ваквата одлука на министерот Хок доаѓа по изјавата на премиерот Скот Морисон дека (во овој случај) ќе мора да се почитува од порано донесената владина одлука – мерка дека за влез во Австралија МОРА ДА СЕ ИМА ПРИМЕНО ДВЕ ДОЗИ ВАКЦИНА и од тоа никој не може да биде изземен.

Ова, практично, значи дека Ѓоковиќ ќе биде депортиран, а тоа пак значи дека три годни потоа, не ќе може да влезе во земјата (и толку години да не учествува на австралискиот Гранд Слем), но изгледа дека и за оваа одредба постојат исклучоци.

Одлука на министерот Хок

Во Белград сето ова е примено со гнев и неодобрување. Се најавува дека неговиот правен тим одново ќе се жали, надевајќи се дека некој суд ќе ја поништи одлуката на министерот за имиграција, па Новак ќе можел во понеделник да го одигра својот прв меч на Австралија Опен! Иако австралиските судови не работат во текот на деновите од викендот.

Српскиот тенисер допатува во Австралија на 5 јануари и уште на аеродромот во Мелбурн влезната виза – добиена со изземање, му беше одземена. По неговата жалба, еден федерален судија, му ја обнови визата, но веднаш беше јасно дека останува дискреционото право на министерот за имиграција – како конечна одлука – . На 13 јануари тој, пресуди и тука би требало, целата оваа приказна околу Новак Ѓоковиќ да заврши.

Особено после неговото признание од пред неколку денови, дека згрешил што (невакциниран) со позитивен тест со коронавирусот – одел на разни средби, како и дека погрешно ги има пополнето документите, при апликацијата за австралиска виза. Но, дека тоа не било намерно и дека тоа била грешка на неговите соработници. Сепак, тој и натаму смета дека во целиот случај вината е кај Австралијанците.

А, ваквото признание дојде откако се откри дека Новак бил ИНФИЦИРАН (утврдено со тест од 16 декември, за што следниот ден му била издадена и потврда). Токму таа потврда и му овозможила да биде изземен при добивањето австралиска виза.

Лажна изјава или лажна потврда

Тогаш во Белград – изненадени од откритието дека тенисерот бил ПОЗИТИВЕН, а дека тестот и резултатот ги сокрил – прв пат гневно реагираа за тоа како можело – наместо да остане во карантин, тој да продолжи да се шета слободно низ Белград.

Се појавувал (без маска) на јавни настани, делел пехари на млади тенисери, се сликал на собир во поштата на Србија и уште (онака заразен) има играно тенис – со другарите.

Во дел од белградските медиуми се појавија сомнежи дека тениската ѕвезда или лаже за инфицираноста, или неговата потврда е лажна, во што се верува. Српскиот премиер Ана Брнабиќ, за прв пат мораше да се огради од Новак, изјавувајќи дека „тенисерот самиот ќе треба да ги разјасни работите околу потврдата“.

Тој, тогаш, кажа што кажа, но не успеа да ги елиминира сомнежите дека работите, сепак, не се онакви какви што ги прикажуваат Новак, неговото семејство, нему наклонетите медиуми и белградските власти кои се закануваа со српска реакција против Австралија, ако нивниот тенисер биде депортиран.

Непокорување кон властите

Едноставно, спортска и политичка Србија, продолжува да бега од простата вистина – виза му е дадена на НЕВАКЦИНИРАН патник. Новак ја има добиено со изземање, затоа што бил позитивен на последниот тест што го направил. Никакви други документи (здравствени) нема поднесено, а посебно најважниот – која е медицинската причина што еден ваков човек – не е вакциниран.

Делува трагикомично што медиумите, во регионот и низ светот се занимаваат со Новак, во време кога самата Австралија се бори со новиот силен бран на пандемијата, додека земјата од која потекнува и светот одново бројат рекорди на новозаразени и починати.

Телевизијата Јуроњуз, меѓутоа, која има направено портрет на Ѓоковиќ, посочува дека тенисерот број 1 во светот е силен АНТИВАКСЕР, уште е и СОМНИЧАВ во постоењето на коронавирусот и на КОВИДОТ.

На тој начин, стана „херој кој не им се покорува на властите“ – во својата татковина, во регионот и низ светот во антиваксерските и крајно – десничарските политички кругови кои се противат на строги мерки против пандемијата.

„Српски Спартак“

Таткото на тенисерот кој постојано ја „пали атмосферата“, вовлекувајќи ја (свесно, или несвесно и државата) својот син – мултимилионер кој инаку живее во Монте Карло и не плаќа данок во земјата каде е роден – го има прогласено синот за „српски Спартак на новото време“ кој се бори против ропството (!?) – мешајќи притоа и старо/нова политика дека синот е „жртва на заговорот против Србија“.

Оваа европска ТВ мрежа, пак, проблемот што сега го има предизвикано тенисерот, околу настапот на Австралија Опен, го смета како последица на судирот на две личности кои постојат кај Ѓоковиќ.

Едната личност е извонредниот тенисер кој користејќи ја сегашната ситуација и смената на генерациите во врвниот тенис, ќе се искачи сам на врвот и долго ќе остане таму. Другата личност е сосема поинаква – сега означена како Новакс. Оваа, втора личност, се опишува како чуден и неразбирлив млад човек – приврзаник на „верувањето на Новото време“ што го манифестира повремено – низ мистичните верувања во разни теории на заговор.

Сега, во Австралија, се верува дека доминира Новакс личноста, онаа која верува во некакви натприродни сили и енергијата што тие ја даваат, преку разни лековити билки и води. Дури има одено во Босна, во една планина кај градот Високо, иако се покажало дека целата таа мистика е лажна.

Неверување во коронавирусот

Останува неговото тврдоглаво верување дека, всушност, не постои Ковид, дека работите околу вирусот се изнасилени, па дека сите треба да се однесуваме како се да поминало и да играме тенис – на пример – да одиме од турнир, на турнир, како во времето пред пандемијата.

Воден од таквото свое верување тој (со татко му) минатиот април – во екот на големата пандемија – организираше тениски турнир Алпе Тур во Белград и во Задар (Хрватска) кој заврши со фијаско. Се заразија неколкумина од учесниците на турнирот, како и многу гледачи и во двата града, затоа што воопшто не беа почитувани мерките за заштита.

Епидемиолозите кои и пред тоа беа против правањето турнир, со полни трибини, без заштитни маски и одржување дистанца, остро го осудија “будалестото однесување“ на тенисерот, но тој реагираше со изјава во која призна дека е антиваксер и дека е против вакцинацијата.

„Никој не може да ме натера да се вакцинирам, за да морам да играм (на турнири) и да патувам“ – има тогаш речено Ѓоковиќ.

Другарување со „Дринските волци“

Ваквата негова тврда позиција кон нешто што не може да и се препушти на слободната волја, затоа што станува збор за глобална пандемија, а не за вакцинација против сезонски грип, како и исклучивоста кога станува збор за она што тој го сака, го прави несимпатичен за гледачите.

Посебно кај оние на Западот, каде најголемиот број од нив се научени и воспитувани да го почитуваат редот. Затоа тој, како што има напишано Би – Би – Си, никогаш нема да биде омилен како што се тоа еден Федерер, или како Надал, без разлика на освоените Гранд слем титули.

Конечно, неговиот лик го комплетира неговата нескриена наклонетост кон српскиот национализам. Во минатата 2021 година, на пример, се сретна со командирот на злогласните „Дрински волци“, единица која учествуваше во геноцидот врз муслиманите во Сребреница, цивили убивани само затоа што беа од исламска вероисповест. Близок е со српскиот сепаратистички лидер од БиХ, Милорад Додик и зборува за „српско Косово“ кое треба да се брани и да се одбрани.

Во разговор за германски „Шпигел“ ги има потврдено своите ставови, бранејќи ги тврдите ставови на локалните националисти со тоа дека неговото семејство има потекло од Косово и дека таму е “коренот на српската култура“. Ваквите ставови ги има потврдено неговиот татко кој има изјавено – „Новак е националист, како што сум и јас “.

„Новак и одбраната на Србија“

Ваквото сликање на Ѓоковиќ кое не од вчера и кое трае десетина години, придонесува секоја критика, или осуда, секое навивање за неговиот противник, или неодобрување на некое од неговите (чести) самоволии на теренот, да се гледаат и да се толкуваат (сосема погрешно) како напад врз Србија и врз српството, како омраза кон српскиот народ. Одбраната на Новак, пак, да се смета за „одбрана на Србија и на Србите“.

Според анализата, ТВ Јуроњуа открива дека тенисерот еднаш има речено дека во некоја апстрактна форма, национализмот е конспиративна теорија, затоа што некакви странски, таинствени сили се обидуваат да и наштетат на неговата земја.

Затоа, се верува дека таквата негова навлеченост во ваквите верувања го тераат самиот да се чувствува, да се однесува и да реагира како некаков национален херој. Работа која би требало да биде далеку од спортот, посебно од професионалниот.

Тенис и спортменство

Затоа, не е чудно што белградските медиуми се нафрлија врз една Мартина Навратилова, врз Циципас, или врз Рафаел Надал, пред тоа, дека критикувајќи го однесувањето на Ѓоковиќ и на неговиот штаб во Австралија, тие (наводно) само „покажале колку ја мразат Србија“!?

А, Навратилова, како и многумина други играчи сметаат дека однесувањето на Новак му штети на тенисот и, конечно, и нему.

Од друга страна, овој случај го покажува како егоистичен човек и спортист кои своите верувања и уверувања, ги става над се друго. Неговите колеги, затоа, сметаат дека наместо што тера инает со австралиските власти, треба да се вакцинира, или да не патува на турнири. Едноставно, не може само за него да се прават исклучоци, без разлика на неговиот рејтинг.

Како и да е, без разлика што ќе одлучат Австралијанците, ако не во Мелбурн, на некој друг турнир, Новак Ѓоковиќ, сигурно, ќе го освои 21 – от Гранд Слем. Но, впечаток е дека никогаш нема да стане спортски великан. Австралиските настани ќе му наштетат на неговиот и онака растресен углед и респект, на сите турнири каде ќе се појавува. Тенисот се игра за пари, но и за публиката која се определува и сака да навива.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе