Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Софија се откажува од продавање државјанство

Magiorestock/Depositphotos.com

Софија се откажува од продавање државјанство

Владата во Софија усвои закон со кој се укинува досегашната пракса – да се издаваат т.н. „златни пасоши“ – според која им се овозможува на странци да се стекнат со жителство во Бугарија, или да добијат бугарско државјанство – за пари. Односно да се стекнат со ваквата можност доколку се појават како инвеститори и вложат пари во бугарската економија.

Новиот законски предлог треба да биде прифатен во Парламентот, каде, како официјален предлог, веќе се наоѓа и иницијативата да се престане со продавањето државјанството, што го има покренато проевропското движење За права и слободи.

Во соопштението на бугарското министерство за правда се вели дека досегашното искуство ваквиот проект за привлекување странски инвеститори, се покажал без ефект.

Од 500 илјади до еден милион евра

„Златните пасоши“, едноставно, не влијаеле за позначително зголемување на странските инвестиции, меѓу другото, како што сметаат софиски аналитичари, и затоа што бугарската државна администрација и натаму се смета за неефикасна, а земјата, иако од 2007 година е членка на ЕУ, исто толку години се соочува со раширена корупција.

Продавањето државјанство и пасоши се однесува на државјани на земји кои не се во ЕУ.

Според досегашната пракса, тие можеа да се стекнат со статус на жителство и неограничен престој, доколку поседуваат „златен пасош“, или „златна виза“ преку инвестирањето во економијата на Бугарија. Најмногу и најчесто – со купување државните хартии од вредност, или со банкарски депозити во домашните банки.

Експерти велат дека тоа не се вистински инвестиции, затоа што таквите вложувања не предизвикуваат никаков економски раст, што и е многу потребен на бугарската економија, па според тоа, нема ниту раст на вработеноста.

Цената на овие „златни документи“ се различни и се движат од минимум вложените 525 илјади евра – за правото на неограничен престој и жителство – до преку еден милион евра за купување државјанство.

Бугарија не е осамена

Европски медиуми откриваат дека бугарски пасош, добиен на ваков начин, имаат побарано и добиено 96 странци, од кои најмногу се Руси, а по нив, најбројни, се луѓе од земјите од Блискиот Исток. И, на едните и на другите, бугарскиот пасош им е потребен за слободно движење низ државите во Европската унија, но и како можност „легално“ да исперат пари – стекнати на сомнителен и нечесен начин.

Ваквиот систем – пасоши за пари – сепак, не е само бугарски модел. Тој се практикува и во други земји од Унијата, како Кипар и Малта, пред се, но и од Хрватска во еден период, па во Австрија и Унгарија, како уште и во некои држави од Истокот на ЕУ, но и во една силно развиени и економски моќна Британија, која веќе не е меѓу земјите – членки.

Британија, на пример, од минатата година навести дека ќе се откаже од давањето статус на жителство на разните милионери и милијардери од целиот свет. Најмногу од нив се руски олигарси, азиски и блискоисточни силни богаташи кои поседуваат скапи имоти и трошат големи пари на разни овоземски богатства – како што беше речено – поради безбедносни причини.

Колку што се знае, меѓутоа, досега „настрада“ само Роман Абрамович, кому не му беше продолжена дозволата за неограничен престој, иако тој има големи вложувања во англискиот фудбал (лондонски ФК Челси), како и во скапи недвижнини.

Предупредување од Брисел

Како и да е, во јуни 2021 година, Европската комисија ја има предупредено Бугарија да прекине со праксата да го продава својот пасош и да купува странци – за пари, како начин за раст на инвестициите – објаснувајќи го тоа со низа причини.

Пред се, затоа што вака создадените „Бугари“ мора да ги примаат на своја територија и сите други членки на Унијата, бидејќи бугарскиот пасош, по автоматизам, е и европски, затоа што државата е дел од Унијата.

Откако претседател на Европската комисија стана Урсула фон дер Лајен, таа уште на почетокот на својот мандат, најави раскин со праксата земји од ЕУ да продаваат државјанство и пасоши.

Според Брисел, „златните пасоши“ се злоупотребуваат за бројни шпекулации – перење пари, ширење корупција, но над се, затоа што ваквите патни документи стануваат опасни за безбедноста на секоја земја – членка, како и на целата ЕУ. Непознати – малку проверени лица – можат слободно да се движат низ територијата на Унијата, да внесуваат и вложуваат пари, да земаат кредити и да се стекнуваат со имот.

Кипар, после една корупциска афера со претседателот на Парламентот – се откажа од „златните пасоши“.

Не важи за „вложување“ на идентитетот

Малта, после корупцискиот скандал во владиниот врв, објави дека ќе го следи кипарскиот пример, но (засега) не се знае кога тоа ветување ќе се реализира. Особено, што властите во Валета кои давале „златни пасоши“ и доколку се регистрира јахта во некоја тамошна марина, сметаат дека политиката – пасоши за пари – и носи приходи на економијата на оваа мала островска земја.

Решението на Софија да се откаже од „златните пасоши“ уште не стартот од мандатот на новата (велат) силно проевропска влада, е доказ за прозападната ориентација на новата власт во Бугарија, но е и изнудена. Само поради ваквите пасоши, Бугарија и оваа година не влезе во Шенген зоната, а бугарските државјани се уште мораат да имаат виза за влез во САД.

Предлог-законот не се однесува за оние странци кои доброволно земаат бугарско државјанство (и пасоши). Тие не инвестираат пари, туку го „вложуваат“ својот национален идентитет, откажувајќи се од него и претворајќи се во „Бугари по род“.

Такви има од Молдавија и од Украина, но и од Србија. Далеку најбројни, сепак, се оние од Македонија кои за стекнување бугарски пасош се претвораат во етнички Бугари. За нив, официјална Софија сега бара да се внесат во Уставот на Република Северна Македонија – како посебна етничка група.

(Д.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе