Тенис и политика
Новак Ѓоковиќ замина од Мелбурн за Дубаи, откако беше депортиран од Австралија, по конечната одлука на Судскиот совет од тројца федерални судии.
Тие, едногласно, ја отфрлија жалбата на неговите адвокати кои бараа одлуката да ја донесе совет, а не еден судија (што е вообичаено за вакви случаи), верувајќи дека ќе успеат да ја побијат одлуката на австралискиот министер за имиграција.
Алекс Хок, во петокот (на 14 јануари), ја потврди одлуката на имиграциските власти – да се поништи (набрзина) дадената влезна виза на српскиот тенисер, затоа што не е вакциниран, а нема никаков валиден медицински документ – зошто не може да се вакцинира против коронавирусот. Уште тогаш беше јасно дека Ѓоковиќ годинава нема да настапи на првиот овогодишен Гранд слем турнир во Мелбурн.
Спротивставени реакции
Сега Новак се соочува со тригодишна забрана за влез на територијата на оваа земја – континент, што е законска процедура на тамошните власти, иако оние од опкружувањето на Ѓоковиќ веќе прават планови и шеми како да се избегне тоа – за да може да се појави на Австралија Опен, следната година.
Никој од нив, одново, не споменува ништо дека човекот ќе мора да се вакцинира. Секако, доколку светот и натаму се бори со глобалната пандемија. Тенисерот, меѓутоа, затоа што го загуби случајот, ќе мора сам да ги плати и судските трошоци, за кои се вели дека изнесуваат половина милион австралиски долари.
Австралискиот премиер Скот Морисон ја поздрави судската одлука, за која вели дека е донесена од здравствени и од безбедносни (епидемиолошки) причини и над се – во јавен интерес.
Според премиерот – „Австралијанците имаат дадено многу жртви со оваа пандемија, па затоа со право бараат тоа нивно двогодишно жртвување да биде заштитено“. Морисон вели дека земјата има една од најниските проценти на смртност, ја одржа силна економијата и обезбеди висок процент на вакцинираност.
Ѓоковиќ има речено дека е „исклучително разочаран“ од одлуката да биде протеран, но дека го прифаќа решението на судот. А, во Белград, пак, претседателот на Србија налутено порача дека било навредливо тоа што нивниот тенисер бил изложен на “малтретирање и на понижување“.
Здравствен и национален случај
Целата оваа работа околу визата на српскиот тенисер, неговиот настап на Австралија Опен – на кој требало да се „прошета” по теренот – да го освои трофејот и да дојде до 21 – от Гранд слем во кариерата – што значело дека е најдобар во светот „на сите времиња“ – се претвори во своевидна претстава на меѓународната сцена.
Медиумите, посебно белградските (и балканските) од тоа направија случај во стилот – да се биде, или не – во кој се замешаа многу работи.
Притоа се загуби контролата врз употребата на зборовите и дисквалификациите на „непријателска Австралија“, при одбраната на „жртвата“ на тамошниот и на западниот „терор“ врз една балканска, наводно, “намачена и напатена“ душа – која, инаку – не сака да прифати дека треба да ги почитува прописите на една друга земја.
Малкумина во регионот, а посебно во Белград размислуваа и рационално и здраворазумски.
Мнозинството на случајот реагираше низ антизападното гледање на работите, на „одбраната на српството“ од оние кои “не ја сакаат“ земјата од каде потекнува тенисерот и на правењето национален, а не здравствено – епидемиолшки случај, иако и Австралија и во Србија и регионот, како и во светот, лекарите одново се борат со нов силен бран на пандемијата.
„Вакцинирај се – не боли“
Сите кои не се со Новак – излезе дека не сакаат тој да биде пред Федерер и Надал, што е инфантилно тврдење.
Сите кои не се на страната на Ѓоковиќ, излезе дека не ги сакаат Србите, па во таа распалена национална и националистичка хистерија, настрадаа и Ана Ивановиќ и Јелена Јанковиќ – две големи поранешни српски тенисерки – обвинувани дека не се за „српската ствар“ и заканувајќи им се да “не се појавуваат во Белград“, затоа што не се огласија со одбрана на нивниот Ноле.
Ретките белградски шегобијци реакцијата во нивната земја, за задржувањето на тенисерот во центарот за азиланти и расправиите околу судските рочишта, го искористија за да иронично прашаат – дали официјален Белград ќе побара седница на Советот за безбедност на ОН, или можеби помош и интервенција од Русија, за да го спасува Новак и за да му се овозможи – по секоја цена – да игра тенис во Мелбурн.
Па, се разбра дека британскиот премиер Борис Џонсон, на пример, му порачал на Новак – вакцинирај се, не боли – а француската министерка за спорт, за да и врати на Австралија, за раскинувањето на договорот за француски подморници – има речено дека Ѓоковиќ не бил вакциниран и за Ролан Гарос во 2021 година, што се одржа одложено – па, му дозволиле да настапи.
Поддршка за Скот Морисон
Така и се доаѓа до силно распалената теза дека во целиот случај со српскиот тенисер и рекет број еден во светот, имало политика.
Што ќе рече – не било во прашање јавното здравје и епидемијата со короната, туку дека Австралијанците од случајот имаат направено политика за тамошните, домашни потреби. И, можеби и имало политика, како што во целиот свет веќе долго време развлечената пандемија, стана политичка тема и прашање кое се користи од политиката и од политичарите.
Во случајот на Австралија, Скот Морисон, секако, се бори да го поправи својот нарушен рејтинг. Особено по неснаоѓањето со катастрофалните пожари во 2020 година, со неверувањето во климатските промени, со контра – продуктивното дружење со Доналд Трамп. Него сега не го сакаат на левата страна од австралиската политика. Симпатизерите од левиот блок се јавуваа и како бранители на Новак, покрај поддршката што ја имаше од антиваксерите на кои им припаѓа.
Меѓутоа, кога станува збор за Ѓоковиќ, за неговото инаетење да влезе во Австралија – невакцинирани – премиерот Морисон, обезбеди голема поддршка за себе, за владата и за позицијата на имигрантските власти – да не се пушти влез во земјата доколку некој не е вакциниран (со две дози).
Закана со „фудбалско навивање“
Големо мнозинство го подржа својот премиер, гневни на Ѓоковиќ и на оние кои го подржуваат, затоа што 18 месеци Австралија беше во лок даун, цели семејства толку време останаа разделени, а сега доаѓа странски спортист и бара изземање од строгите епидемиолошки правила – само затоа што бил рангиран како прв тенисер во светот.
Посебно се измачуваа жителите на Мелбурн кои и најдолго беа во карантин и изолација, па затоа најавуваа дека доколку власта попушти пред Новак, тогаш на сите негови мечеви на Австралија Опен тој ќе биде пречекуван со негодување и со „фудбалско“ навивање – меѓу другото се навивање за противникот и со аплауз на секоја новакова грешка!
Според тоа, и да се зборува за политика во однесувањето на официјална Канбера, сето тоа изгледа разбирливо.
Станува збор за нивна земја, за нивни луѓе, за нивното, тамошното, јавно здравје, па затоа и се определија – без сентимент и без пардон кон секој, па нека е тоа и рекетот број еден – да не се отстапува од заштитните мерки кои беа тешки, но се покажаа делотворни.
Вплеткување на Белград
Но, прашањето е – што во случајот со Ѓоковиќ бара српската политика во една далечна Австралија, на која малата балканска држава и држеше лекции за тоа дека треба да не се почитува она што, инаку, се смета за владеење на правото. И, тоа (како и во австралискиот случај) во изборна година. Уште српскиот случај е на само 80 денови до парламентарни и претседателски избори.
Излегува, така, дека на српската страна, случајот со Ноле и беше повеќе потребен, од оној на Морисон и на неговата партија.
Притоа, се употребија тешки зборови и се испратија погрешни пораки. Штетни, прво за самата Србија и за состојбата на духот во тамошното општество. Но, потоа и за сите другите во регионот – затоа што обично не изедначуваат. Со ароганцијата без основа, со навиката да се има два аршина за иста работа, да не се почитуваат прописите и да се користи лажниот патриотизам, преточен во национализам, за една, сепак, маргинална работа, како што е случајот со визата на Новак.
Затоа – зашто му беше потребно на Белград, да и се закануваат на Канбера дека Србија нема да остане без да не реагира (!), или да се вложува протест на австралискиот амбасадор? Секако, само за домашни политички потреби – за да се покаже дека власта се грижи за Новак Ѓоковиќ кој веќе е влезен во шемата дека е национален херој.
Пропуштена можност
Според тоа, наместо вплеткувањето на политиката, во одбраната на својот тенисер, некој требаше да му каже тој самиот да ја смири топката.
Можеше да го направи тоа уште ноќта, кога имиграциските власти во Мелбурн му ја поништија визата – неприфаќајки го изземањето што тврдеше дека го има добиено, без никакви дополнителни здравствени потврди.
Тогаш требаше Новак да се врати дома, по првата ноќ помината во центарот за азиланти, наместо што се налутил дека појадокот не бил доволно квалитетен. И што се определи да тера правда – на суд.
Требаше да го направи она што го направи чешката тенисерка, која веднаш се врати во својата земја – без да ја замеша политиката – и ја покажа разликата во менталниот склоп на Средна и на Балканска Европа. Во тој случај, Ѓоковиќ ќе можеше да се пофали дека освен што е врвен тенисер е и врвен спортист и ќе ја имаше наклонетоста на целиот тениски свет – и без да се вакцинира.
(Спектатор)