Адел во Лас Вегас за 685 илјади долари за ноќ
Британската пејачка ѕвезда Адел ќе заработува по половина милион фунти (или по 685 илјади долари), од секој настап, во текот на серијата од 24 концерти што ќе ги одржува во Колосеум театарот, на најпознатиот хотел „Сезар Палас“ во Лас Вегас.
Според лондонските таблоиди, интересот за концертите на Адел е толку голем што обезбедувањето карта за нејзините настапи, е „најважното нешто во Лас Вегас“.
Затоа, се смета дека високата заработувачка која се очекува да ја оствари 33 годишната пејачка ќе може да ја достигне само од продадените влезници, чија цена се движи од 85 до 685 американски долари. Не сметајќи го притоа и приходот што и следува од сувенирите и од разните реклами и пригодните дреболии што се продаваат пред секој ваков концерт.
За време на престојот во Лас Вегас таа ќе има на располагање и хотелски апартман, во кој ќе престојува, што чини 30 илјади фунти за секоја ноќ, што ќе го покрива организаторот, на чија сметка оди и обезбедувањето и луксузниот автомобил што ќе го има на располагање.
Лондонскиот весник „Сан“, како и американските медиуми најавуваат дека Адел во Лас Вегас ќе биде третирана како мега – ѕвезда.
Во оваа американска коцкарска и забавувачка метропола на Западот во САД, во сојузната држава Невада, Британката ќе почне со серијата концерти на 21 јануари и таму ќе настапува до 16 април. Во последен момент, меѓутоа, почетокот на серијата шоу програми се одложил- половина од екипата на Адел е заболена од Ковид.
Предвидено е да ги пее своите стари и добро познати хитови, како и нумерите од нејзиниот последен и долго очекуван четврти по ред албум – насловен како „30“ – што се појави минатата есен.
Со овој албум, според признанието на самата Адел, таа „одново ја има откриено својата страст и љубов кон музиката“. Ваквата изјава доаѓа откако по еден подолг период на отсуство и од јавноста, а и од музиката и пеењето, изгледаше дека пејачката сосема ја има загубено страста кон музиката и кон концертите.