Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Време пред војна во Европа?

igorgolovniov/Depositphotos.com

Време пред војна во Европа?

Од војната на тлото на екс Југославија, Европа не била поблиску до нова војна, како што е тоа сега, со драматичната ситуација на истокот од континентот, на украинско – руската граница – оценуваат во Брисел, во седиштето на ЕУ, поради заканата на Русија кон Украина, од инвазија врз оваа поранешна советска република, со армија од 100 илјади војници и бројна и моќна воена техника.

САД се обидуваат да ја одвратат Москва од нападот и настојуваат со дипломатски средства да се спречи војната, во исто време постојано порачувајќи дека доколку напад, сепак, се случи, Русија ќе плати тешка цена. Ќе се соочи со санкции – американски и на ЕУ – какви досега никому не му се наметнати.

Можен напад врз Донбас

Двете страни и преговараа, а имаше разговори и меѓу НАТО и Русија, но сите се согласија дека не се согласуваат околу руските барања – во вид на благ ултиматум – Западот да го исполни она на што Москва  инсистира.

Тоа и го натера американскиот претседател Џо Бајден да признае дека – како сега стојат работите – Владимир Путин, сепак, ќе се одлучи на некаква интервенција, или можеби на напад од пошироки размери – како и да се нарече таквата акција. Ако ништо друго, врз териториите на Донецк и Луганск кои безмалку осум години не се под никаква контрола на Украина.

На таквото предвидување од Вашингтон, за некаква помала интервенција, избрзано и непотребно грубо, реагираше Киев порачувајќи му на Бајден дека каков и да е обемот на нападот, тоа ќе биде интервенција врз независна држава и инвазија врз нејзината територија.

Непотребен е ваквиот одговор од Украинците во моментот кога токму САД се најсилниот поддржувач на украинскиот суверенитет, особено што во продолжението на истата изјава на Бајден се предупредува Русија дека ќе биде тешко нападната со економски, финансиски и други санкции. Некои претпоставуваат дека може да бидат насочени и кон самиот руски претседател.

Калкулација со ограничена интервенција

Но, тешко е да се верува дека НАТО, или САД и некои од големите сили во Европа ќе тргнат во воена пресметка со Русија, за Украина. Алијансата дури и нема правна основа за тоа. Украина не е ниту кандидат за влез во НАТО, за да се брани и за да се употреби членот пет кој предвидува воена интервенција од сите, доколку се нападне една земја – членка.

Од Москва, пак, на сето ова продолжуваат да реагираат во досега покажаниот манир.

Од три страни Украина е заобиколена со руската армија, а од рускиот главен град се демантира дека претстои инвазија врз соседната земја. Дури се возвраќа со контра – напад така што се тврди дека „се одржува верзијата за руски напад, за да се прикрие западната интервенција, на украинската територија“.

Според тоа, останува и понатаму да виси во воздухот војната,  дилемата за тоа дали Русија се подготвува за војна со соседна Украина. Со дополнувањето – дали Американците можеби калкулираат со некаков напад од помал и ограничен обем, по кој реакцијата на Западот би била поинаква од онаа која сега се најавува.

Москва не сака „шарени револуции“

Ваквите прашања, практично, стојат отворени и без одговор, со месеци наназад, откако рускиот претседател Владимир Путин побара од Западот да гарантира дека Украина – никогаш нема да стане членка на НАТО.

Тоа, пак, влече корени во наводната „вина“ која Москва им ја наметна на поголемиот број Украинци поради тамошната „Шарена револуција“.

Новата власт во Киев, веднаш, стана непријател на Москва, затоа што наместо дотогашната врзаност кон Русија, Украина се определи да се сврти кон Западот – кон ЕУ и членството во НАТО. Земјата дели граница и со Унијата и со Русија, но таа се уште има длабоки културолошки, социјални и историски врски со руската територија. Освен тоа, рускиот јазик е широко во употреба – посебно на истокот од земјата.

Кога Украинците го тргнаа од власт прорускиот претседател, во март 2014 година, Русија воено интервенираше. Го освои, а потоа и го анектира Крим, а во источните области Луганск и Донецк, што Москва ги означува како Донбас, поттикна бунт, сепаратистички и врз проруска основа, што и сега го подржува и го помагаа на секаков начин.

Дури 14 илјади лица – војници и цивили – беа убиени во воените судирања.

Неодржливи барања

Иако руската страна тврди дека „не планира напад врз украинската територија“, се помалку и се верува, особено што Путин постојано се заканува со “соодветни воено – технички мерки“ доколку “остане и понатаму агресивниот приод на Западот кон и во Украина“!?

Затоа и НАТО, а и САД сметаат дека ризикот од руска интервенција е голем. Уште повеќе што Москва не дава никакво објаснување за толку големата воена сила на границата. И, конечно, од Русија се почесто се слуша дека сегашните случувања се идентични со „ракетната криза” околу Куба, во октомври 1962 година, кога светот стравуваше од директно американско – советски нуклеарен конфликт.

Западни разузнавачи уште минатата есен проценуваа дека Русија ќе ја нападне Украина во една широка инвазија, што би се случила, најверојатно, на почетокот на оваа 2022 година, во периодот јануари – февруари, до средината на март.

Политички и безбедносни експерти, меѓутоа, се занимаваат со руските барања, согласувајќи се дека она што бараат Москва и Путин не може никој да им го даде – ниту Американците, а ниту Северноатланската алијанса – уште во некаква правно одржлива гаранција – дека Украина нема да стане дел од НАТО.

Или, дека нема повеќе да има ширење на Алијансата кон Истокот (Грузија), затоа што суверени држави, самите одлучуваат со кого ќе прават сојузи и во кои алијанси ќе се приклучат. Едноставно, НАТО не може да им забрани на Украина и на Грузија да бараат прием, само затоа што Русија тоа не го дозволува.

„СССР – историска Русија“

Особено што зад овие барања следи и барањето за прекинување на сите воени активности во Источна Европа, што ќе рече – борбените единици да се повлечат од Полска и од балтичките држави и да нема ракети во Полска и Романија.

Москва смета дека Алијансата ја има „наполнето Украина со оружје“, што го смета за непријателска акција, затоа што тоа ја има покренато „агресивноста на Киев“, па затоа Москва нема да седи со скрстени раце и ќе преземе нешто – како акт на самоодбрана!

Руската агресивност, се смета дека е последица на фрустрацијата на Путин од распадот на некогашниот Советски Сојуз. За него СССР беше она што тој го нарекува „историска Русија под друго име“.

Таквото свое мислење го има повторено и минатиот месец, кога се одбележуваше 30 годишнината од советскиот распад. Затоа и анексијата на Крим не ја смета за непријателски акт, бидејќи верува дека станува збор за „руска историска територија“.

Санкциите за контра напад

И, тоа не го мисли само за црноморскиот полуостров, туку и за цела Украина, како и за самите Украинци. За рускиот претседател Русите и Украинците се еден народ. Затоа и сегашната политичка ориентација на властите во Киев ја смета за анти – руски проект.

Вака поставени работите, изгледаат дека мирно и дипломатско решение тешко би можело да се уреди, па дека војната е навистина „пред вратата“ на Европа.

Уште повеќе што НАТО не може да прифати диктат – да не прима повеќе нови членови. Во една таква агресивна атмосфера што ја наметнува Москва, дури и Шведска и Финска реагираа остро на руските барања – овие две земји кои, инаку, не се во Алијансата – да ги прекинат своите врски со НАТО. Двете земји ваквото барање го отфрлија.

Како и да е, излегува дека Американците и Европејците може само да ја помагаат Украина, во случај на напад, но не може и да ја бранат.

Остануваат тешките санкции со кои би биле “нападнати” Русија и нејзината економија. На удар би се нашол рускиот банкарски механизам, потоа нејзиниот банкарски систем, а Русија би се нашла надвор од меѓународниот Swift систем. Секако, ќе остане и понатаму блокиран  новиот гасовод „Северен ток 2“.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе