Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Словенија воспоставува односи со Тајван

shiyali/Depositphotos.com

Словенија воспоставува односи со Тајван

Официјална Љубљана најави дека се подготвува за воспоставување односи со Тајван и дека околу тоа Словенија веќе преговара со владата во Тајпеј.

Во тек се разговори за отворање словенечко претставништво во тајванскиот главен град, како и тајванска мисија во Љубљана. Тие не би биле амбасади, туку би го имале нивото што, инаку, го имаат повеќе европски земји членки на ЕУ, во односите со Тајванците.

Намерата на Словенија да има односи со Тајван, покрај дипломатските односи што во изминатите 30 години ги има со Пекинг и НР Кина, доаѓа неполни пет месеци по решението на Литванија, да дозволи отворање на тајванско претставништво во Вилнус и да отвори своја мисија во Тајпеј.

Нови тензии на ЕУ со Кина?

Интернет весникот „Политико“ од Брисел проценува дека потегот на владата во Љубљана ќе предизвика дополнителни тензии во односите на Европската унија со Пекинг, што веќе се разнишани со одлуката на Литванија од август 2021 година.

Кина гневно и невообичаено остро реагираше на литванското решение, воведувајќи остро трговско ембарго кон малата балтичка држава, не известувајќи ги властите во Вилнус дека Пекинг – едноставно – целосно ја има избришано Литванија , како држава,  од својот царински систем (!) прекинувајќи ги сите економски и стопански врски со земјата.

Во исто време, кинеската влада ја казни литванската со тоа што го намали нивото на дипломатските врски, на ниво на вршители на должноста и го протера амбасадорот на Литванија од Пекинг, повлекувајќи го кинескиот од Вилнус.

Словенечкиот премиер во едно интервју, известувајќи за намерата на Љубљана да има односи со Тајван, ја има наречено оваа островска држава – демократска земја и притоа порача дека Словенија ќе ја подржи желбата на Тајванците за независност, доколку тие се определат за тоа.

„Застрашувачки и смешни“

НР Кина повеќепати досега ги има предупредено државите од ЕУ да се воздржат од – како што Пекинг тврди – дипломатско признавање на Тајван – барајќи од нив да се придржуваат на политиката на – една Кина. Според пекиншките власти, Тајван е составен дел од кинеската државна територија.

Кинеските власти во изминатите години ги имаат засилено своите закани – со употреба на воена сила – кон островот што е лоциран покрај брегот на Кина, но 71 година, властите во Пекинг немаат никаква контрола. Ваквите закани се интензивирани откако актуелната влада во Тајпеј – инаку приврзаник на идејата за независност – навести дека е подготвена за еден ваков чекор.

Според „Политико“ Јанез Јанша го има осудено однесувањето на Кинезите кон Литванија, означувајќи ги нивните постапки како „застрашувачки, но и како смешни“. Особено што Литванија не ја има признаено независноста на Тајван, а ниту таму има отворено своја амбасада. Претставништвото има за цел поттикнување и унапредување на економските и бизнис врските.

Нешто слична настојува да направи и Словенија, но Пекинг е гневен што – овие две мали земји членки на ЕУ, како и другите кои веќе имаат некакви односи со Тајван – островот го нарекуваат Тајван, а не како што бара Кина – само  Тајпеј, според неговиот главен град.

Пекинг контра малите во Европа

Аргументите на словенечката влада против кинеското  однесување кон Литванија тргнуваат од тоа дека Кина различно се однесува кон „големите“ во ЕУ/Европа, а строгост изгледа дека покажува само кон малите членки.

Официјален Пекинг, на пример, има протестирано што големите и економски моќните европски држави имаат воспоставено односи со Тајван, но ниту од далеку не се отиде во реакцијата, како во литванскиот случај. Освен тоа, оваа земја продолжува да се казнува и да се изолира, на тој начин што од компании кои работат со оваа балтичка држава се бара да ги прекинат врските, доколку сакаат да продолжат да работат со НР Кина.

ЕУ, во секој случај,  е на страната на Литванија во нејзината (од Пекинг) наметната трговска војна, па во Љубљана се вели дека тие не се плашат од кинеската реакција, затоа што казнувањето на Литванија, или можеби и на Словенија, не и помага на една голема Кина за нејзиното позиционирање во светот.

Пекинг, меѓутоа, веќе реагираше на словенечките најави за воспоставување односи со Тајван, па претставник на кинеското министерство за надворешни работи остро ја критикуваше Љубљана, означувајќи ги нејзините намери како – поддршка на независноста на островот.

Контроверзниот “Пат на свилата“

Веројатно е дека Словенците ги чекаат истите казнени мерки, како оние применети врз Литванците. Се смета дека тоа е обид на Пекинг да спречи и другите во ЕУ, посебно малите земји, да воспостават односи со владата во Тајпеј.

Особено што Литванија веќе се повлече од големата и контроверзна кинеска државна стратегија за врзување на Кина со земјите од Средна и Југоисточна Европа, позната како групата „16+1“. Таа стратегија, всушност, е дел од она што Кинезите го имаат означено како „Патот на свилата“, што излезе како современа варијанта на „Тројанскиот коњ“ директно насочен против интересите на ЕУ и на европската стратегија.

Преку него, низ големи, често мегаломански, скапи инвестиции, обезбедени со кинески државни кредити, со камати повисоки од европските и американските, на пример, Кина  (преку Западен Балкан) длабоко навлегува во ЕУ. Од југот на Грција, до северот на Словенија и Унгарија и Балтикот – преку земји како што се Хрватска, Србија и ( во еден период) и Македонија.

Преку ваквите проекти ,  кредитното задолжување на кои се изложени земјите, Пекинг  почна да го користи за политичко мешање во нив и во регионите каде е присутна, спротивставувајќи се на европскиот пат на државите кои не се во Унијата. Уште повеќе, продавајќи ја во исто време својата авторитарна идеологија и поткупувајќи ги корумпираните западнобалкански и средноевропски автократи, за да и овозможат  да се смести во Европа и во ЕУ.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе