Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британија го обвинува Кремљ дека спрема пуч во Киев

"SOS for International Trade Liz Truss me" (CC BY-NC-ND 2.0) by UK Prime Minister

Британија го обвинува Кремљ дека спрема пуч во Киев

Велика Британија го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека подготвува заговор во Украина за смена на власта и за инсталирање лидер кој би бил про – руски определен.

Во соопштението на Форин Офисот и на министерката Лиз Трас се вели дека објавената информација (за активностите на Кремљ) – „фрла светлина врз проширувањето на активностите на Русија кои имаат за цел да се поткопа стабилноста во Украина и власта во Киев“.

Во соопштението се бара од Москва да ја запре ескалацијата на состојбата во оваа земја, како и својата „агресивна кампања со ширење лажни вести и дезинформации“.

Мураев човек на Москва?

Според лондонските медиуми, станува збор за еден необичен чекор на британското министерство за надворешни работи, затоа што е споменато и името на „човекот на Кремљ“ што би требало да ја преземе власта во Киев. Тоа е поранешниот украински пратеник Евгениј Мураев.

Тој е сопственик на медиуми кој ја има напуштено политиката, откако на изборите во 2019 година, го загуби пратеничкото место, затоа што не успеа да ја достигне потребната изборна квота од пет отсто од гласовите. Но, се смета дека беше и се уште е близок со Москва.

Мураев, меѓутоа, за лондонскиот неделник „Обсервер“ изјави дека информацијата на Форин Офисот е неточна, затоа што нему „му бил забранет влезот во Русија“. Но, тој и не сокрива дека актуелниот претседател Зеленски треба да биде сменет и дека не ја заслужува функцијата.

Уште четворица можни кандидати

Украинскиот амбасадор во Лондон, пак, за телевизијата Скај има изјавено дека „апсолутно верува во она што го тврди британското министерство, затоа што Русија се обидува да намести во Киев про – руски лидер и тоа не го прави само сега и за прв пат“.

Сепак, Мураев не е единствениот на кого Лондон “типува“ како на кандидат на Кремљ за “нивниот нов човек“ во Украина. Се споменуваат уште четири имиња, а меѓу нив се наоѓа и името на Микула Азаров, поранешен украински премиер, во времето на про – рускиот претседател Виктор Јанукович.

Азаров, веднаш по падот на човекот на Москва на претседателската позиција во Киев, побегна во Русија, а во рускиот главен град стана дел од некаква украинска “влада“ во бегалство.

Вториот на таа листа е Владимир Сивкович, поранешен заменик директор на украинскиот Совет за национална безбедност. Тој од неодамна е ставен на американската листа за санкции, затоа што се верува дека работи за руската тајна служба.

На листата на Форин Офисот се и Серхи Арбузов, како и Андриј Клујев, кои во времето кога Азаров беше премиер, тие двајцата беа негови заменици.

Страв од повторување на 2014 година

Веднаш по падот на про – руската власт во Киев, во март 2014 година, Русија изврши инвазија врз полуостровот Крим. Набргу потоа го анектира и по брза постапка на неговите жители им раздели руски пасоши, прогласувајќи ги сите за руски државјани, после еден квази – референдум, одржан набрзина.

Еден месец подоцна, со силна поддршка на Москва, проруските бунтовници ги зазедоа источно украинските области Луганск и Донецк (Донбас), каде по извесно време прогласија и „Донецка народна република“.

Соопштението на британското министерство за надворешни работи доаѓа во време на сериозна криза на украинско – руската граница и заканата од војна на Истокот од Европа, по силната концентрација од 120 илјади елитни руски трупи и бројна воена техника и механизација на границата на Украина со Русија. Официјален Лондон од порано предупреди дека евентуалната воена интервенција врз украинската територија, ќе предизвика сериозни последици за Москва.

Руската страна, во меѓувреме, ги отфрли како неточни тврдењата на британскиот Форин Офис.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе