Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Хрватска: Уапсен за навреда на премиерот Пленковиќ

Ale_Mi/Depositphotos.com

Хрватска: Уапсен за навреда на премиерот Пленковиќ

Еден 72 годишен хрватски државјанин, од околината на Задар, бил уапсен и задржан во притвор, затоа што на Фејсбук го „навредувал и го понижувал“ премиерот Андреј Пленковиќ.

Загрепскиот весник „Јутарњи лист“ кој важи за близок на владејачката партија ХДЗ, пишува дека уапсениот под веста за доаѓањето на претседателот на хрватската влада во реонот на Масленица, објавена на еден портал, на социјалната мрежа напишал дека Пленковиќ треба да се нападне со расипани јајца.

„Треба да се пречека со расипани јајца и тој и неговите полтрони, затоа што никој толку ја нема понижено Хрватите колку овој нарцисоиден јадник“ – напишал човекот. Во обвинителниот акт, меѓутоа, се наведува дека тој го има “нарушено јавниот ред и мир, навредувајќи го и понижувајќи го премиерот на Република Хрватска“. Тоа, според обвинителството, не може да остане без правни последици по сторителот – затоа што со тоа била повредена државата.

Во затвор за време на посетата

Инцидентот се случил на 21 јануари, кога Пленковиќ бил во посета на Масленица и во тој дел од Хрватска, но за случајот се разбрало неколку денови подоцна.

Уапсениот на Фејсбук, пак, има изнесено своја верзија за случајот, во која тврди дека освен него, тој ден хрватската полиција има уапсено повеќе други лица. И, сите поради неговиот коментар на социјалната мрежа.

Гневниот жител на малото место Бришево, во задарската околија, го обвинува премиерот дека со својата економска и вкупната владина политика, ги тера младите од државата масовно да се иселуваат низ земјите во ЕУ, или низ светот, наместо да останат дома.

„Премиерот дојде во Задар, па поради неговата безбедност полицијата мене ме уапси и ме чуваше во притвор се додека Пленковиќ беше во регионот. Затоа што јас сум бил опасност за него и неговата придружба“ – има напишано на својот профил 72 годишниот М.Ч.

Човекот уште тврди дека при апсењето и при сослушувањето, полицајците му зборувале дека му се заканувал на хрватскиот премиер.

Демократија или ново едноумие

Веста од Загреб предизвика живи коментари (на социјалните мрежи) прво во Хрватска, каде веќе подолго време трае „живиот спор“, што најчесто се претвора во јавна кавга на премиерот и претседателот на државата – при што не се избираат зборови. Недостојни за функциите што и обајцата ги имаат.

Јавноста во земјата веќе е навикната на атмосферата што се создава на политичката сцена, па затоа коментарите за задарскиот случај – се поделени. За едни, реакцијата на обвинителството е потврда за функционирањето на правната држава, додека за други – станува збор за враќање на едноумието и на вербалниот деликт од времето на социјализмот.

Веста, меѓутоа, на сличен начин е коментирана и низ регионот – – во поранешните ЈУ републики – секаде со осврт на внатрешните состојби во секоја од нив.

Од Словенија и „војната“ на Јанез Јанша со независните медиуми и таквите критичари, па преку Србија – каде авторитарната власт ја „санкционира“ на некаков начин секоја критика и Црна Гора – каде „врие како во котел“ – според тврдењето на тамошните посматрачи, се до Македонија.

Во македонскиот случај, токму преку социјалните мрежи и силните навреди и дисквалификации за владата и премиерот, јавноста уште повеќе станува поделена на – наводни патриоти и на “предавници“ – како што се етикетираат оние кои заговараат добрососедство и мирно сожителство во регионот и отворен пат кон Европа.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе