Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Замрзнување на ЕУ фондовите за Унгарија и Полска

Andrey_Kuzmin/Depositphotos.com

Замрзнување на ЕУ фондовите за Унгарија и Полска

Европската комисија во Брисел (најверојатно) ќе предложи замрзнување на структурните фондови на ЕУ, наменети за Унгарија и за Полска.

Тоа би требало да биде казната за овие две земји – членки на Унијата – поранешни комунистички држави од некогашниот советски воено – економски блок – поради непочитувањето на принципот за владеење на правото. Според еврокомесарот за буџет Јоханес Хан (поранешен еврокомесар за проширување), одлуката за замрзнување на европските пари би можела да стапи во сила и пред унгарските парламентарни избори, закажани за 3 април.

На овие избори, унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата десничарска и националистичка партија Фидес, се борат за освојување на четвртиот, едно по друго, мандат.

„Ние сите (во ЕУ) мораме да дејствуваме и да се однесуваме според правилата и законите на Унијата, а не можеме да се раководиме од датумите на изборите (во некоја земја)“ – има речено Хан.

Одбрана на европските принципи

Унгарија и Полска одбиваат да ја прифатат новата регулатива, според која, фондовите создадени преку буџетот на ЕУ, обезбеден со парите на европските даночни обврзници, мора да бидат поврзани со почитувањето на основниот принцип на Унијата – владеењето на правото.

Новата регулатива е усвоена во 2021 година и таа и обезбедува на Европската комисија да реагира на ваков начин (кон некоја земја – членка) секогаш кога ќе бидат погазени основите принципи и стандарди на европската демократијата. Во случајот со Унгарија и Полска, Брисел е подолго време во спор со тамошните националистички и се повеќе – евроскептични влади.

Европската комисија веќе ги има замрзнато средствата – определени за овие две средноевропски држави – од специјалниот фонд на Унијата за санација на економијата од последиците на долготрајната пандемија со коронавирусот – поради истите причини – непочитувањето на владеењето на правото.

Одбиен приговорот на Будимпешта и Варшава

Во Брисел велат дека станува збор за фундаменталниот принцип врз кој се потпира ЕУ, уште од времето кога Унијата беше само ЕЕЗ (Европската економска заедница) и кога во неа членуваа само државите од Западот на Европа.

Полска изгласа во својот Парламент закон за кој во Брисел беше ставен приговор, уште од времето кога законот беше само во фаза на нацрт, со кој (практично) им е одземена независноста на судовите кои сега се претворени во партиски (главно со судии блиски, или членови на владејачката партија Право и Правда).

Во Унгарија, пак, се погазени сите демократски слободи на домашните медиуми кои или насилно се згаснуваат, или насила се откупуваат од бизнисмени блиски на Фидес и на Орбан, доколку се критични кон владата, кон семоќната владејачка партија и кон премиерот.

За Орбан се вели дека се претвора во првиот автократ и авторитарен лидер под капата на ЕУ. Тој не само што целосно ја контролира државата, туку за него се вели дека е и единствениот во Унијата кој ја има искористено пандемијата за воспоставување лична власт во земјата.

Купување гласови со ЕУ пари

Од порано, во Брисел, за Орбан, како и за лидерот на полската владејачка партија Качински се тврди дека ги користат европските пари, дадени од фондовите на ЕУ, за да ја зацврстат својата авторитарна власт и доминацијата на и сега моќните владејачки партии – со купување на гласовите на најконзервативните и националистички определени гласачи.

Тоа се луѓето од руралните средини и од малите градови кои ги добиваат парите преку обемните европски субвенции за аграрот.

Двете земји, претходно, имаат поднесено тужба до Европскиот суд за правда, спротивставувајќи се на одлуката – парите од ЕУ да зависат од владеењето на правото. Според тужителите, новата регулатива значи наметнување на туѓа волја и гушење на независноста на националните парламенти.

Но, судот ги отфрли приговорите и пресуди дека новата регулатива на Европската комисија е целосно во склад со европските норми и стандарди.

Гласање со квалификувано мнозинство

Европската комисија сега очекува да види како на ова ќе реагираат владите во Будимпешта и во Варшава.

Доколку останат на досегашните позиции и неги изменат законите со кои се гази владеењето на правото и на правната држава, во рок од еден месец Комисијата во Брисел и ЕУ, ќе ја изгласаат одлуката за замрзнување – не со консензус, туку со квалификувано мнозинство.

Освен овие две држави, ниту една друга членка не се спротивставува на новата регулатива. Едно време, Словенија (владата на Јанез Јанша), се закануваше дека ќе се солидаризира со Унгарија и Полска, но се откажа од тоа свесна дека и оваа екс Ју република би можела да биде казнета.

Новата регулатива се смета дека не само што се темели на основите врз кои се потпира ЕУ, туку е и правична и фер кон земјите – кандидати.

Едноставно, нечесно е од земјите во Западен Балкан да се бара уште сега – како основен услов за влез во ЕУ да се бара исполнување на овој принцип, а земји кои веќе се во Унијата и имаат потпишано договор за почитување на сите основни европски принципи – грубо да ги кршат и да не ги почитуваат европските закони.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе